Прочитајте го 41-то барање на „Жолтите елеци“: нема плата под 1 300 евра, гасот и струјата мора да бидат јавно добро

10.12.2018 02:01
Прочитајте го 41-то барање на „Жолтите елеци“: нема плата под 1 300 евра, гасот и струјата мора да бидат јавно добро

Откако бесот на народот со сета сила се излеа во центарот на Париз, најпосле и францускито претседател Емануел Макрон ги сфати размерите на бунтот: ја откажа посетата на Србија и се откажа од данокот на бензинот, но „Жолтите елеци“ сега бараат многу повеќе – промена на неолобералниот модел кој владее со Франција и Европа.

Тоа го сугерира нивната политичка платформа со 41 барање, која ја објави италијанскиот портал Contropiano, чии новинари во моментов се наоѓаат во Франција. Од платформата е евидентно дека даночниот атак на Макрон беше иницијална каписла за бунтот кој има многу подлабоки причини и пошироки цели.

Барањата наведени во платформата изгледа како да се изречени во име на работничката и осиромашена средна класа. „Жолтите елеци“ бараат промена на работното законодавство во корист на работниците и укинување на политиката на штедење и ренационализација на јавните служби кои во ерата на неолибералниот капитализам се одземени од државата и предадени на приватниот сектор.

Иако првенствено се инсистира на материјалните услови за живот и работа – ставките поврзани со работата, платите, домувањето и даноците – платформата ги зафаќа и општествените прашања како демократијата и миграцијата. Да речеме, во членот 39, кој бара отстранување на причините за миграција, впрочем се осудуваат француските интервенции во Либија, Сирија и други земји и директно се бара Франција повеќе да не учествува во империјалистичките агресии на суверените држави од Африка и Блискиот исток.

Во фокусот на платформата е критиката на растечкото општествено раслојување кое го создава постоечкиот економски модел. Така со компарација на членовите 2 и 9 се гледа дека демонстрантите бараат максималниот размер на платите да биде 1:12 (најмалата плата 1 300, најголемата 15 000 евра).

Денес многумина не знаат или не се сеќаваат, но капитализмот на Западот изгледаше токму така до падот на Берлинскиот ѕид: разликите во платите помеѓу менаџерите и работниците беа многу помали отколку денес. Иако објавената платформа не може еднострано да се одреди како левичарска или десничарска – како што во таа смисла не може да се дефинира ни самото француско протестно движење – таа во многу фрагменти потсетува на знаменитата „Солунска програма“ со која на почетокот од 2015 година, по освојувањето на власта, пред грчката и европската јавност излезе левичарската партија Сириза.

Како што знаеме, грчките левичари истата година мораа да капитулираат пред крупниот капитал и неговите експоненти во Брисел и Берлин, па лесно е можно и француските демонстранти наскоро да ги положат елеците пред истиот крупен противник и неговиот моментален делегат во Елисејската палата. Но, изгледа дека „Жолтите елеци“ само го повторуваат славниот императив на париските студенти од 1968 година: „Да бидеме реални, да го бараме невозможното!“.

Во таа „реалност на невозможното“ некои работи им одат од рака на „Жолтите елеци“. Анкетите покажуваат дека и натаму ги поддржуваат дури 70 проценти од Французите, влегоа во срцата на француските средношколци – кои во понеделникот, за да им искажат солидарност, ги блокираа своите училишта во Тулуз, Кретеј, Ница, Бордо, Лимож и Пау – а почнуваат да добиваат следбеници и во другите европски земји: демонстрации на помали групи граѓани облечени во жолти елеци се регистрирани во Белгија и Холандија, а пристигнуваат и првите извештаи од Германија.

Накратко, ако потраат протестите во Париз, би можело да се случи жолтиот бауч да кружи и над Европа. А, тоа е последното што го сакаат господарите на Макрон.

41-то барање на Жолтите елеци: кој не би го потпишал ова...

1. Поголема прогресивност во данокот на добивка.

2. Минимална плата од 1 300 евра нето.

3. Пензискиот систем мора да остане солидарен.

4. Нема пензија под 1 200 евра.

5. Платите и пензиите мора да се прилагодат на инфлацијата.

Заштита на знаењето и трудот

6. Заштита на француската индустрија и забрана за нејзино преселување.

7. Секое лице кое работи на француска територија мора да има исти права како и француските државјани и неговиот работодавач мора да плати ист износ на придонеси.

8. Во големите компании да се ограничат работните договори на одредено време. Сакаме повеќе трајни договори.

9. Максималната плата може да биде 15 000 евра.

10. Отворање работни места за невработените.

11. Старосната граница за пензионирање треба да биде 60 години, односно 55 години за оние кои извршувале тешки работи.

Право на дом

12. Да се реши проблемот со бездомниците.

13. Да се ограничат цените на наемите и да се обезбедат повеќе сместувања по умерени цени, особено за студентите и привремените работници.

14. Да се спроведе план за топлинска изолација на домовите заради еколошки причини и финансиска корист за семејствата.

Јавни политики

15. Да се фаворизираат малите компании во руралните и урбаните подрачја. Да се запре изградбата на големи трговски зони околу градовите кои ги убиваат малите трговци и претприемачите. Повеќе бесплатни паркинзи во градовите.

16. Да се зголемат инвалиднините.

17. Ако шестгодишно дете е без грижа, треба да продолжи со Pajemploi системот до десет години.

18. Ист систем на социјална грижа за сите, вклучувајќи ги и занаетчиите и самовработените работници.

19. Веднаш да се запре затворањето на малите превозни линии, поштенските уреди, училиштата и породувалиштата.

20. Да се обезбеди благосостојба за постарите луѓе, со доволно пари.

21. Најмногу 25 ученици во едно одделение во основните училишта.

22. Соодветни алати за психијатријата.

23. Забрана за продавање државен имот (брани, аеродроми...).

24. Правосудството, полицијата, жандармеријата и војската мора да имаат соодветна опрема. Прекувремените часови мора да бидат платени или одбиени од неделната или месечната работна дневница.

25. Со средствата од патарините мора да се одржуваат патиштата, автопатиштата и безбедноста на патиштата.

26. Цените на гасот и струјата пораснаа заради приватизацијата на тој сектор, затоа мора повторно да станат јавно добро. Цените соодветно да се намалат на реално ниво.

27. Да се промовира превозот на стока со железница.

Оданочување и економска политика

28. Големите компании McDonald's, Google, Amazon, Carrefour мора да плаќаат поголем данок, а занаетчиите и малите компании помал.

29. Да прекине зголемувањето на трошоците за гориво.

30. Да се забрани аконтативното оданочување. Во Франција даноците се плаќаат на крајот од годината.

31. Доста со мерки за штедење. Да престанеме да плаќаме камати за нелегитимен долг и да почнеме да го отплаќаме долгот без земање од сиромашните, а 80-те потребни милијарди евра да ги пронајдеме во даночните измами.

33. Забрана за наплатување надомест при користење картички за купување. Да се одреди данок на бродско гориво и керозин.

Демократија и трошоци на политиката

34. Секој претставник има право на средна плата. Трошоците за превоз ќе бидат проверени и надоместени ако се оправдани.

35. Народниот референдум мора да влезе во Уставот. Мораме да создадеме интернет локација со која управува независно надзорно тело, каде луѓето можат да отворат сметка. Ако предлогот добие 700 000 потписи, Националното собрание мора за една година да одржи референдум на национално ниво. Сега францускиот устав не предвидува референдум.

36. Враќање на седумгодишниот мандат на претседателот на Републиката. Изборот на претставник две години после претседателот дозволува испраќање позитивен или негативен сигнал за неговата политика. Тоа би помогнало да се слушне гласот на народот.

37. Да се укинат доживотните надоместоци за претседателите.

Интеграција и миграција

38. Барателот на азил мора да биде прифатен.

39. Причините за присилна миграција мора да се решат.

40. Оние на кои им е ускратено правото на азил веднаш мораат да бидат вратени во земјата на потекло.

41. Да се воспостави вистинска интеграциска политика. Да се живее во Франција значи да се стане Французин и личноста мора да совлада курс по француски јазик и историја и граѓанско воспитание.

Фотографии: Ројтерс

Извор: https://slobodnadalmacija.hr