Париз повторно ќе гори

06.12.2018 02:15
Париз повторно ќе гори

Француската република е заснована врз насилството на побунетиот народ. Овде политиката се прелива на улиците многу полесно отколку во која било друга западна демократија. 22 години живеев во Франција и сум видел улични протести на работници, селани, производители на вино, камионџии, железничари, студенти, гимназијалци, наставници, млади од мултирасните предградија, потоа протести на кувари, адвокати, лекари и полицајци. Да, дури и на полицајци.

Но никогаш порано не сум видел толку големо и толку раширено насилство на кое што присуствував во саботата, на 1 декември во најпрофинетиот дел од Париз. Насилство обележено со општа хистерична омраза, насочена не само кон полицијата, туку и кон светите обележја на француската република како што е Триумфалната капија. Оваа борба која траеше повеќе од 12 часа ги надмина карактеристиките на насилни протести и нереди и почна да личи на востани, па дури и граѓанска војна.

Центарот на Париз не видел насилство од вакви размери уште од студентиските и работнички побуни во мај 1968-та година. Но тогаш најстрашното насилство доаѓаше од страна на полицијата.

Франција не видела разорување од овој обем и мера уште од протестите кои во 2005 година, како шумски пожари се проширија низ мултирасните предградија на француските градови. Тогаш насилството сопре пред невидливиот ров кој го раздвојува средиштето на богатите француски градови од нивните немирни „banlieues“ – гетоизираните предградија.

Во саботата, „gilets jaunes“ – или бројната и насилна маргина на инаку мирните протести на „жолтите елеци“, тој ден со видно уживање ги кршеше најславните и најбогатите делови на француската престолнина. Повиците на социјалните мрежи, каде и настана ова движење, пред еден месец, го најавуваа секој нов напад.

Како успеа движењето основано пред само еден месец, по повод генерално мирните протести против високите цени на горивата да се развие во толку длабоко непријателство не само против претседателот Макрон, туку и против целиот француски систем? Некои француски коментатори сугерираат дека Жолтите елеци треба да се преименуваат во „жолтокошулаши“ – фашистички олош. Во овој момент, тие приказни звучат опасно и погрешно.

Екстременото крило на „gilets jaunes“(жолти елеци) покажува нихилистички презир кон демократските институции и симболи на успехот и богатството. Но, иако толпата што се собра во саботата беше главно бела (има и многу црни и кафени жолти елеци), ова движење засега покажува многу малку отворени знаци на расизам или на екстремен национализам. Голем дел на движењето претставува израз на автентичната економска и социјална сиромаштија и беда на француската провиниција, која, не без причина, се чувствува презрена и економски експлоатирана од страна на развиените градови. Еден дел од француските медиуми тврди дека насилните протести всушност биле киднапирани од насилните секти на екстремната десница и екстреманта левица. Ова тврдење, исто така, наведува на погрешен пат.

Точно е дека помеѓу 5000 луѓе на плоштадот Етуал имаше и маскирани млади мажи, но тие бие малцинство. Убедливото мнозинство на бунтовниците го чинеа, според моја проценка, мажи и жени на возраст меѓу 30 и 40 години од пропаднатите провинциски градови во северна и западна Франција, како и најсиромашните од далечните предградија на Париз. Сите тие дојдоа истрнирани и вооружени за борба.

Има сличност меѓу протестот од 2018 година и студентските протести од 1968-та година, исто како што има сличности и помеѓу она што се случи во саботата и нередите во предградијата во 2005-та година. Ниедно од овие три движења немаше лидери кои беа прифатени од останатите. Ниедно од нив немаше јасни или широко прифатени политички цели или манифести. Сепак, меѓу нив има и јасни разлики.

Побуната од 1968-та година имаше и своја радосна страна. Таа не беше само протест против капитализмот, туку и против зачмаеноста на повоениот оптествен конзервативизам. На крајот ја презедоа синдикатите и таа заврши со генерално зголемување на платите и летните одмори. Над сè, 1968-та во Франција беше период на растечки просперитет. Денес, еден дел од земјата напредува, додека останатите се чувствуваат напуштено и отфрлено. Нередите од 2005 година беа гневен крик против полициското насилство и економската беда. Откако го истурија својот бес, младите бунтовници му се вратија на нормалниот живот.

„Жолтите елеци“ имаат различни барања; од она за укинување на планираното зголемување на зелениот данок на бензинот и дизелот (кое во меѓувреме е исполнето), преку она за оргнизирање референдум за оставка на Макрон, па сè до барањето да се донесе нов устав, според кој за сите закони би се одлучувало со референдум. Сепак, ниту едно од овие барања не е универзално прифатено меѓу членовите на движењето.

Жолтите елеци имаат неформални лидери и портпароли, но многумина меѓу нив, штом се појават, бидуваат отфрлени од страна на другите членови. Дел од движењето е квази маоистичко според тоа што својата омраза кон политичарите ја изразува дури и кон потенцијално лидерските фигури во сопствените редови, односно во движењето.

Вториот обид, Жолтите елеци да формираат делегација кој би се сретнала со премиерот Едуардо Филип, требаше да следува во текот на оваа недела. Дури и ако се појави програма за преговори, малку е веројатно дека таа ќе биде прифатена од оние гневни луѓе кои ги видов на улиците на Париз. Дали Париз повторно ќе гори? Многу веројатно.

Извор: The Guardian, 03.12.2018.