Жители на Хаг самите ги решаваат локалните проблеми

26.12.2018 03:38
Жители на Хаг самоиницијативно се организираат и ги поправаат локалните проблеми

„Овој уличен знак е искривен”, забележа Хени Кот, по што се наведна да го исправи.

Спорвајк, населба во Хаг, е богата со зеленило, простор каде децата можат безбедно да си играат во игралиштата, каде претприемачи од различни култури си отвориле свои продавници.

„Луѓето се грижат еден за друг“, вели Кот, кој претседава со локалната заедница.

Спорвајк можеби е грижлива населба, но таа е и најмалата, најсиромашна и најразновидна област.

Просечниот годишен приход на нејзините 6.500 жители е 16.300 евра, околу 1.350 евра месечно. Во 2017 година, 67,3% од жителите на Спорвајк биле со не-холандско потекло – мнозинство од Суринам, но исто така од Турција и Мароко.

Како и многу урбани области, Спорвајк има некои очигледни проблеми како оштетена инфраструктура, загадување со бучава, брзи автомобили и ѓубре. Но, наместо секој посебно да се жали на локалната власт, жителите на Спорвајк нашле активен начин проблемите да ги решат заедно.

На секои три месеци, локалните жители се собираат за да направат тнр. соседска прошетка (wijkwandeling). Заедно, тие ги посетуваат проблематичните области и дискутираат што треба да преземат. Секој жител може да учествува, а обично се среќаваат околу десет до петнаесет учесници од сите возрасти и социјални групи.

„Ангажираните граѓани се грижат за своето соседство и за своите соседи. Тие не се рамнодушни, бидејќи има позитивни промени веднаш штом ќе бидат побарани нивните идеи, сугестии и мислења “, објаснува Рашид Гернауи, член на градското собрание на Хаг.

Рутата по која се пешачи секојпат се разликува и е утврдена од страна на жителите, кои можат да испраќаат е-пошта на организаторите со нивните барања или да ги споменат проблемите по пат.

Ако проблемот може да биде поправен на лице место – како што е зацврстувањето на кривиот знак – се поправа. Доколку не, барањето за акција се испраќа до општината преку листа на активности на заедницата. Еден граѓанин нема време да се осигури дека неговата жалба е разгледана, затоа заедницата испраќа известување по шест месеци, ако на барањето не е одговорено.

Но, прошетката не е само за проблеми. Тоа е и шанса за размена на идеи, шега, смеење и муабет со соседството.

По прошетката, сите се поканети на освежување, обезбедувајќи уште една можност за жителите да се запознаат едни со други.

Кот ја искористи можноста да пренесе информации за нов проект за реновирање кој ќе влијае на блиската улица. Се отвораат разговори за други поправки како: поставување на нови клупи, фонтана за вода и дополнителна канта за ѓубре. Се разгледуваат и поголеми проекти, како што е потребата за поставување нови цевки.

Иако поединечните прошетки се прилично локални настани, тие се случуваат во населби во градовите низ целата земја, што ги прави ефикасен мотор за промени. На пример, како резултат на помала граѓанска иницијатива, Крајенстен, уште една хашка област, доби речиси 1,9 милиони евра за разубавување на локалната област, а на Спорвајк му е доделено околу 50.000 евра за локални проекти.

Најмладите генерации во Спорвајк веќе учат за овие прошетки и локалните активности. „Кои работи не ти се допаѓаат во твоето соседство?”, го прашува мајката својот петгодишен син. „Изметот од гуските”, одговара тој.

„А што најмногу сакаш? „Играње на новото игралиште.”

Извор: The Guardian 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото