Бенки врз снегот

28.01.2019 13:13

1

Еден човек кој не доби една награда
гледајќи го снегот налегнат врз куќите
си рече дека е поубав
од каква било награда
и во душата му се стори светлина
и дните потекоа наназад кон детството
санки и лаеж на кучиња
и момченце што си пика снег во устата и го лиже
до задушување, кривејќи им се со црвениот јазик
на сите што ќе ги сретне
има ли поголема награда од тоа да си дете
и да шмукаш снег, а забите
се истовремено топли и студени
небото е сиво со сончеви скршеници
а околу тебе лебди слободно време

 

2

Награда е тоа што сум сè уште жив
истиот лекар ми стори и добро и зло
некој го обележа снегот врз мојата куќа
со непознати бенки

немам при рака ни прозорци ни врати
за да кажат повеќе од тоа
ќе умрам како и сите останати
завеан од снежни навеви
бенките врз белиот снег
прават разлика меѓу луѓето

 

3

Некој е интелигентен човек
и ќе сфати дека овој зимски гест
нема да остане без трага
дека сè си доаѓа на место во животот
исто како вратите и прозорците в куќи
дека лудилото со одлуки правила права
е кратерот на бавната смрт што ни е дадена како на народ
сосе јазикот што ја наследил бенката на неустројот од памтивек
преживуваме чудни денови
небаре замрзнат крик
небаре преморена интелигенција на морскиот рак
затрчан во сите насоки
излегувајќи на брегот само во мигот на смртта

 

4

Какво место без милост и без принципи
нема каде да ставиш ни врати ни прозорци
ни да извишиш скалила до небото
овде птиците не мавтаат со крилјата
нишалата замолкнаа
мириса на изгорен мозок
на раздробен шаблон
пепел и сенка си во овој крај
кога ќе умреш ќе наврне голем снег
и некаде во некое ќоше
ракот ќе биде црна бенка

 

5

Кога ќе умрам само вратите и прозорците
ќе ме придружуваат на последниот пат
и можеби звуците и молчанијата
од планините и долините
куќата во која живеев ќе опстои
небаре скелет на пропаднат брод
сиромашните в мигот ќе ги разграбаат предметите
одвај неколку траги ќе останат
можеби крблото со кактусот
некој дрвен стол
топче од пинг-понг
мојата табличка од прво одделение
а низ первазите и дрвените прагови

со годините ќе про‘рти трева
одвреме-навреме ќе се слушнат звуци и молчанија
од висовите на планините и од долините
ветрот ќе дува низ празнините од вратите и прозорците, а зиме
ќе го налегнува снегот низ одаите
бенки од птици ќе се гнездат во нив
човековото присуство не е ни потребно
неговата историја е колекција на злосторства лаги грешки
после кои следат молитви за прошка лажни покајанија поправени одземања
само бенките од птици врз снегот отаде хоризонтот
навистина ја заслужуваат земјата

 

Препев: Лидија Димковска


Константин Абалуца е роден 1938 год. во Букурешт. Претставник е на генерацијата романски поети кои започнале да објавуваат кон средината на 60-тите години. По професија е архитект, но уште во младоста сосема ѝ се посветил на литературата. Пишува поезија, проза, драми и критики и досега има издадено повеќе од 40 дела.

Поважни поетски книги: Патот на мравките, Кртот на Песоа, Натрапникот, Статуа што блуе, Градот море, Некој што не ме знае талка по улиците, Јов во лифт, Сè за ништо, Слив со 9000 невидливи рипчиња и др.

Поважни книги проза: Симетрична планета, Соба со машини за пишување, Мал учебник по молчење, Живот во 3 букви, Имагинарни случки од букурешките улици (преведена и на македонски). Уредил и објавил антологија на романската поезија после пролеткултизмот.

Препејува поезија од повеќе јазици. Неговите книги се преведени на повеќе светски јазици. Карактеристично за неговата литература е што за основа зема детали и предмети од секојдневието кои потоа мајсторски ги преобликува во длабоки лирски приказни за човекот и за неговите егзистенцијални прашања и одговори.

За своите дела добил повеќе национални и меѓународни награди. Последната, наградата „Еминеску“ за животно дело, која требаше да му биде доделена на 17 јануари годинава во рамките на фестивалот „Еминеску“ му беше врачена на друг поет затоа што Константин Абалуца поради старост и болест не бил во состојба да отпатува на фестивалот. По тој настан во Романија се случија бурни реакции и полемики во јавноста, а поетот со својата песна „Бенки врз снегот“ на најдостоинствен начин предизвика масовно воодушевување во романските културни кругови. 

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото