Батерија

09.02.2019 12:54

Сонце, јас те обожавам како дивјаците,
легнат на брегот помешечки под зраците.

Сонце, со лак ти твоите фотографии ги мазниш,
твоите кошници со овошје, животните разни.

Направи да стане темно, солено моето тело;
извлечи ја од мене болката во целост.

Црнецот, на кој забите му светат,
црн е однадвор, внатрешноста розова е сета.

Јас сум црн однатре, а однадвор во розова боја;
Сонце, преобразбата направи ја своја.

Измени ми го мирисот, бојата, сите пори,
како што Хијацинт цвет си го сторил.

Натерај го да вреска жегалецот високо во небо,
направи да се почувствувам како во фурната лебот.

Исполни го со ноќта дрвото на пладне,
стори ноќта од него навечер да падне.

Истури ги моите зли соништа в трева,
Сонце, ти змијо на Адам и Ева.

Направи да се свикнам на настанот иден,
кога мојот сиромав пријател Жан убиен ќе биде.

Лотаријо, можеш добивките да ги сложиш,
сите твои вазни, топки и ножови.

Ти ја истоваруваш твојата лоша стока на тони.
врз ѕверовите, врз островските колонии.

Истури го кај нас најдоброто што го имаш,
на нашите очи да не им биде зима.

Сомнителен дуќану, школо за јавење,
од кадифиња, од огледала, од музичко наддавање.

Искорни го моето зло, болката столчи ја,
ти лажен лекару во златна кочија.

Колку ми е топло. Тоа пладнето гори!
Јас не знам веќе што јазикот ми збори.

Јас ја немам крај мене мојата сенка лесна,
Сонце, на месеците менажеријо бесна.

Сонце, ти си циркус „Барнум“, ти си Бафало Бил,
посилно од опиумот ти ме удираш в тил.

Ти си кловн, тореадор, што си,
ти синџирчиња од златен часовник носиш.

Ти си русокос црнец кој со тупаницата
удира по екваторот, по рамноденицата.

Сонце, ги издржувам јас ударите твои;
твоите груби удари мојот врат ги брои.

А пак си ти тоа што јас најмногу го љубам,
Сонце, пеколу мој убав.

Препев: Влада Урошевиќ

Жан Кокто (1889-1963) е француски писател, поет, драматург, есеист и режисер. Правел магии, трикови, ги зачудувал луѓето. Исчезнувал онде и се појавувал овде. Во уметноста и во животот бил мајстор на брзините и на дрските продирања. Не гледал забрани во „забранетите теми“.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото