Грција по програмата за спас: „Мора да се почне од нула“

26.02.2019 01:58
Грција по програмата за спас: „Мора да се почне од нула“

Кога Јанис Пападопулос ги слуша политичарите дека дошол крајот на кризата, тој може само да се насмее. Сѐ оди добро? Но за кого, се прашува тој. За својата работа во компанија за чистење на училишта тој месечно заработува околу 560 евра, а дневно мора да исчисти 18 училници. Ситуацијата не се подобри ниту откако Ципрас е премиер. „Со сите влади е исто: тие сакаат само да добијат на време.“

35 години тој бил во Германија, каде студирал биологија и работел. Кога се разболела мајка му, во 2010 година се враќа во Грција и се шокира. Соседите ги пребарувале контејнерите за да врзат крај со крај. Такво нешто не можел ни да си замисли дека се случува. И денес, девет години подоцна, речиси и да не се наѕира крајот на кризата. Бројките кои доаѓаат од Атина не го воодушевуваат. „Државата им должи милијарди евра за поврат на данок на граѓаните. Така што, кога ќе речат дека имаат вишоци, се прашувам каде им се.“

Напредок на хартија

На хартија бројот на невработени навистина опадна – од 27,5% во 2013 година сега е 18,6%. Сепак, стапката и натаму е највисока во Европа. Исто така и невработеноста кај младите е опадната од 50% на 36,6%. Но, речиси никој не се радува поради ова. Бидејќи, наводниот раст граѓаните речиси и да не го чуствуваат. Истовремено недовербата во однос на оптимистичките прогнози од Атина во 2019, која е изборна година, е на највисоко ниво. Никос Варсакелис, професор по економија на Универзитетот Солун, има разбирање за песимизмот. „Грчкиот народ не треба да верува дека економијата сега брзо ќе расте. За тоа е потребно подолго време. За таа цел тука мора прво да дојдат нови компании." Но, тоа овде не се случува. Напротив.

Токму во делот на производство, односно она што ја движи економијата, исто како и претходно има сериозни проблеми. Бидејќи фабриките кои во екот на кризата мораше да затворат или да се преселат, оставија голем јаз до ден-денес. И работниците избегаа од земјата.

Варсакелис проценува дека штетата која настана за земјата во кризата е околу 80 до 100 милијарди евра. Само во градежната гранка, која е една од најважните, според пресметките се загубени околу 500.000 работни места. И индустрискиот сектор, кој е важен за економската стабилност на земјата, исто така е во опаѓање - од традиционално силната прехранбена па сѐ до металопреработувачката бранша. „Едно работно место овде креира уште десет во други бранши. Поради тоа сметам дека е многу важно ЕУ да го зголеми уделот на индустријата во БДП на 20%." Во Грција тоа е сега 9 проценти – премалку за да се надомести катастрофалниот заостаток од претходните години.

Нема олеснувања за малите бизниси

„Мојот сопруг и јас имавме големо фитнес студио – за време на кризата. Одвај да имавме клиенти кои можеа да си платат членарина. Но, најголемиот проблем за поголемиот број компании е осигурувањето. Тоа е голема ставка," објаснува Марилена Папдаки од Солун.

Тие морале да го затворат студиото. За нив ова е последица на неправеден систем на придонеси. „Давачките не се во согласност со приходите, туку според години во кои се плаќа придонес. Така не е важно дали имате мал киоск или голем супермаркет, трошоците за осигурување се исти, иако можеби немате заработувачка."

Во меѓувреме оваа историчарка по професија работи како фриленсер. За грчката држава таа е трговец поединец. И сега повторно мора да плаќа давачки кон државата. И покрај тоа што е здравствено осигурана, таа си плаќа кога оди на лекар, инаку треба долго време да чека за термин. А тука се и даноците. Со претплата за следната година и ДДВ од 24%, половина од нејзината заработувачка оди во државната каса. Заедно со осигурувањето нејзе од секое заработено евро ѝ остануваат 30 центи.

Никос Варсакелис добро ги знае овие грижи, но тоа не е единствениот проблем. Високи давачки компаниите немаат само за социјалните обврски или даноците, туку имаат големи давачки и за оперативни трошоци, како струја и енергија. Дополнително тука се и високите административни трошоци. „Компликуваната грчка бирократија има воведено високи такси за компаниите, а потребно е многу време и персонал за да се справат со овие проблеми." Според една студија на Здружението на грчката индустрија, овие трошоци се седум до осум проценти од БДП.

Одлив на мозоци

Сепак, негов најголем проблем е технолошкиот сектор, кој всушност треба да биде браншата која ќе носи економски раст. Но, и тука Грција не профитира. „Компаниите во овој сектор се селат во странство. И поради тоа висококвалификувана работна сила, која се има отселено од Грција, не се враќа назад".

Грчките компании кои останале во земјата имаат двоен проблем поради ова. Младите професионалци кај нив ги стекнуваат првите работни искуства, а потоа поради многу подобри услови и плата одат во земји како Англија или Германија. Но тука пред сѐ лежат структурни проблеми, вели Никос Варсакелис. „Според мене, грчката држава мора целосно да се промени. Мора да се почне од нула и треба да се прашаме: каква држава сакаме да бидеме?

Ќе биде тесно за Ципрас

Актуелниот премиер Алексис Ципрас не е сам во ветувањата за придвижување на економијата. Тоа го ветуваа и неговите претходници. Но, досега тоа на никој не му успеа. Во меѓувреме, многу луѓе се разочарани од Ципрас. Кога тој победи на изборите во 2015 година вети фер правна држава. Големи беа надежите дека општествено одговорниот премиер ќе ги растресе корумпираните и летаргични институции.

Сега ситуацијата за првиот човек на владата е тесна. Нови избори, според планот, треба да се одржат во октомври. Прашање е, дали премиерот со својата малцинска влада ќе издржи дотогаш. Уште поголемо прашање е дали Грција повторно ќе му ја даде довербата.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото