Зошто психотерапевтите треба да разговараат за политика

03.04.2019 00:52
Зошто психотерапевтите треба да разговараат за политика

„Подоцна одам на состанок со шефицата“, ми рече пациентката. „Се плашам дека ќе ми каже дека не се трудам доволно и дека би требало да понудам да работам повеќе часови за да ја покажам својата посветеност.“

Напнатоста на работа растела со месеци и се плашела дека на состанокот ќе ја дочека премолчена закана: работи повеќе часови, без надомест или ќе те избркаме. А, и онака веќе ѝ било тешко што морала толку да отсуствува од дома. Но не можела да си дозволи да ризикува и да остане без работа.

„Што ќе им кажам на децата?“ праша, кршејќи се.

Почувствував грч во желудникот. Таквите грижи кај моите пациенти стануваат толку вообичаенi и неразрешливи, што забележувам дека сѐ помалку се фокусирам на проблемите и неврозите специфични за одредени пациенти, а сѐ повеќе на она што се случува во ткивото на секојдневието.

Како психотерапевт со приватна практика на Менхетен, гледам многу професионалци на почетокот и на средината од нивните кариери, кои се соочуваат со постојани обврски поврзани со комуницирање преку електронска пошта и на социјалните медиуми, со бришење на границите помеѓу деловниот и приватниот живот и почетни плати кои не се променети од доцните деведесетти. Гледам вработени кои одеднаш „остареа“ (од 30 години, па нагоре) и кои со тешкотии се обидуваат да се прилагодат на пазарот на трудот, каде луѓето постојано мораат да ги менуваат работните места и да култивираат сопствен „личен бренд“. Никој од нив не ги користи сите свои слободни денови. Во споредба со претходната генерација, сите работат повеќе часови.

Терапевтите вообичаено избегнуваат дискусии за социјалните и политичките прашања на сесиите. Ако пациентот иницира таква дискусија, терапевтот ќе го пренасочи разговорот кон приказната за сипмтомите, вештините за совладување на проблемите, релевантните места од детството и семејниот живот на пациентот. Меѓутоа, станувам сѐ поуверен дека таквиот пристап е промашен. Психотерапијата, како поле, нема подготвен одговор на пошироко поставените општествени прашања кои влијаат на животите на нивните пациенти.

Кога луѓето не можат да ги задоволат сѐ посложените економски барања, често се обвинуваат себеси и живеат борејќи се со вината. Секако, истата тенденција може да се забележи во разни контексти, од децата на разведени родители кои се чувствуваат одговорни за распадот на бракот, до „вината заради преживувањето“, присутна кај оние што преживеале катастрофи. Во ситуациите кои може да изгледаат неиздржливи или неприфатливи, вината станува штит од лутината која во спротивно би ја чувствувале: детето може да биде луто на родителите заради разводот, преживеаниот може да им биде лут на оние што починале.

Истиот принцип е присутен и во општеството. Кога економскиот систем или власта се одговорни за сопственото страдање, погодени се и можат да се чувствуваат сосема беспомошно и да ја прикријат таа беспомошност со самопрекор. Ако во денешно време не успевате да станете она што го бара пазарот, може да ве преплави чувството на пониска вредност и да ве обземе помислата дека не постои друг излез освен падот во депресија.

Верувам дека во последните 30 години овие промени на работното место постепено го земаа својот психолошки данок, иако на многу пораспрснат, помалку воочлив начин отколку што е случај со кој било трауматски настан. Луѓето чувствуваат помалку надеж и повеќе стрес; нивното самопочитување е нарушено; веруваат дека им е судено да се задоволат со она што можат да го добијат; живеат во состојба која наликува на извежбана беспомошност, а можеби и не се свесни до која мера.

Доаѓа до точка во која луѓето веќе нема да можат да ги издржат барањата кои се поставуваат пред нив. Колку вина можат да преземат на себеси, а тоа да можат да го поднесат? Во кој момент почнуваат да ја насочуваат кон надвор?

Имам впечаток дека психотерапевтите играат значајна улога во интернализирањето на оваа вина. За жал, многу терапевти се дел од проблемот зашто се обучени да не разговараат за политички прашања во своите ординации, па имплицитно ги поддржуваат погрешните претпоставки за личната одговорност, изолираноста и општествениот статус кво.

Ако пациентот опише речиси неподнослива ситуација на работа, терапевтот главно ќе се фокусира на природата на одговорите на пациентот на оваа ситуација, имплицитно третирајќи ја како непроменлив животен факт. Меѓутоа, неодржливата или неправедна околина не е секогаш само животен факт - терапевтите би требало да осмислат начин како експлицитно да разговараат за тоа.

Ова на некој начин е стара дилема во психотерапијата. Дали терапијата треба да настојува да му помогне на пациентот да се прилагоди на светот околу себе или да влијае на промената на истиот? Дали внатрешниот свет на пациентот е искривен? Или таканаречениот реален свет е она што е пореметено? Вообичаено се работи за комбинација од двете и сметам дека добриот психотерапевт му помага на пациентот да функционира помеѓу овие два екстреми.

Кога терапевтите го насочуваат разговорот исклучиво на животната приказна на пациентот, не вклучувајќи отворена дискусија за општествените и економските потешкотии, ризикуваат да ја сведат психотерапијата на оружје за општествена контрола. Ова може да звучи претерано полемички, но земете го предвид минатогодишниот предлог на британската влада за поставување психотерапевти во центрите за вработување за да им пружат советување на невработените, со можност надоместот за невработеност да им биде редуциран ако одбијат третман. Во такви ситуации терапијата многу лесно би можела да стане продолжена рака на државата, која се стреми кон „излекување“ на безволноста или неволноста за работа, потенцијално потиснувајќи ја општествената и политичката освестеност меѓу оние на кои би требало да им служи.

Премногу често, кога светот е заплеткан од политички причини, терапевтите го премолчуваат тоа. Наместо тоа, би требало да го прифатат тој факт, да им бидат поддршка на пациентите и да разговараат за проблемот. Инхерентно терапевтски е да ѝ помогнат на личноста да ја разбере неправдата која произлегува од ситуацијата во која се наоѓа, да размисли за сопствената можност за дејствување и да преземе чекори кои ги смета за најсоодветни.

Кога сум во таква ситуација со пациент, во нашиот разговор ја воведувам идејата дека она што се случува е неправедно. Со тоа се отвора можност да истражиме како реагира пациентот на идејата дека она што му се случува е рефлексија на неправеден третман, што може да доведе до нови согледувања и да биде од витално значење за терапијата.

Еднаш имав пациентка која дошла до критична точка во ситуација во стартапот за кој работела. Преку терапија две години се бореше со идејата дека во односите е можно да се одржува автентична комуникација. Нашата терапија ѝ помогна да ја насочи својата лутина во храбар, промислен и фокусиран групен мејл кој резултираше со поддршка од речиси половината колеги и поттикна директни преговори на работниците со главниот директор.

Поддржувачката улога на терапијата при такви настани на некои може да им делува повеќе како социјална работа или организирање отколку како третман за ментално здравје. Но, погрешно би било да се заклучи тоа. Терапевтите би требало да ја прифатат политизираната интеракција во ординацијата како инхерентен терапевтски процес. На тој начин пациентите добиваат мотивација за менување на светот околу себе, како одговор на ситуациите кои станале внатрешни активатори на стрес. Се работи за искуство кое не запира само на промена на околината, туку носи и промена на внатрешниот свет, внесувајќи нова самодовреба и чувство на ангажман кои стануваат дел од карактерот на пациентот.

Ќе се зачудите колку ретко луѓето помислуваат дека не се виновни за сопствените проблеми. Насочувајќи се кон чесноста и правдата, пациентот може да добие можност да го пронајде она што често е изгубено: способност да се грижи за себеси и да се залага за себеси. Вината може да биде надоместена со лутина која ја разјаснува и ослободува желбата - и барањето - да напредуваме и да не се затвораме во себеси туку да се насочиме кон другите, лутина која е носител на желбата за промена.

Илустрации: Akira Beard

Извор: https://opinionator.blogs.nytimes.com