Зошто измамниците толку нè фасцинираат?

04.04.2019 00:57
Зошто измамниците толку нè фасцинираат?

Новите телевизиски и серии и документарни филмови за различни измамници сосема ја маѓепсаа американската публика.

Во последните две години, огромен број луѓе ја следеа приказната за Џон Михан (негов прекар уште од средното училиште бил „Валкан Џони“) човекот кој измамил една жена од Калифорнија да се вљуби во него, а потоа ѝ го уништил семејството. Повеќе од 42 милиони луѓе го слуша подкастот на „Лос Анџелес Тајмс“ во кој се наведуваат сите детали на неговата врска со Дебра Њуел, а повеќе од 3.3 милиони гледачи го следеле финалето на документарната серија „Dirty John“, која се емитува на телевизиската мрежа „Bravo“, а во која се зборува за човекот кој ја измамил, лажел и крадел од Дебра Њуел и на крајот се обидел да ја убие нејзината ќерка.

Наскоро каналот HBO ќе емитува документарец за Елизабет Холмс (Elizabet Holms), која ја основаше стартап фирмата „Theranos“ чии финансиски средства изнесуваа над девет милијарди долари, но не успеа да го исполни ветувањето за револуционерните методи за тестирање на крвта. Нетфликс и Хулу неодамна објавија документарни филмови за фестивалот „Fyre“ во чија организација биле проневерени 25 милиони долари, а чијшто организатор Били Мекфарланд заврши во затвор со обвинение за измама.

Фасцинираноста од измамниците не е ништо ново. Како што напишала Аманда Хес во Њујорк Тајмс, коренот на зборот „scam” (измама) е „scamp“, израз кој потекнува од карневалската сцена од почетокот на дваесеттите години на минатиот век и всушност значи „симпатичен одметник“. Впрочем и самиот Џон Михан е човек кој добро изгледа, но кој во својот живот не направил ништо исклучително освен да манипулира, лаже и да направи обид за убиство.

Постои некој вид восхитување за измамниците кои, како што пишува Еби Елин за „Њујорк Тајмс“, „го кршат општествениот договор и тоа долготрајно и доследно“.

„Валканиот Џон" е само дел од долгиот список на културен материјал, во последниве години, за луѓе кои лажно се претставуваат. Што гледаме овие денови? Телевизиски серии како „Big Little Lies“, „The Americans“, „The Affair”. За кого зборуваме? За Волтер Вајт, Дон Драпер и Тони Сопрано. Во моментов се подготвуваат не една, туку дури две серии за лажната наследничка Ана Делви. Се чини дека имаме незаситен апетит за луѓе со многу тајни и за нивните плакари преполни со скелети.

Меѓутоа, постои и стравот дека би можеле да бидете следната жртва на некоја измама.

Сцена од серијата „Dirty John“

Само со неколку вирални слики и снимки на кои се гледа како супермодели се сончаат на јахти беа доволни за да Мекфарланд ги убеди милениумците да купат многу скапи карти за „Fyre“, што требало да биде луксузен викенд фестивал на Бахамите. Се разбира, фестивалот никогаш не се одржал, а оние кои сепак пристигнале на островот биле дочекани во камп со влажни душеци и ланч пакети.

Гладта на Силконската долина за забрзан раст, но и опсесијата на Елизабет Холмс со шишенце крв ги насамарија инвеститорите кои изгубија стотици милиони долари. Сега против Холмс е подигнато обвинение за измама.

„Злоделата на измамниците влијаат врз луѓето посилно отколку убиството“, вели Хавиер Леива, водител и автор од радиото „Pretend“. Од јуни 2017 година, неговиот подкаст за измамниците го слушале околу половина милион луѓе.

„Ова го знам од лично искуство. Исто како Џон Механ, мојот поранешен свршеник беше патолошки лажго кој измислуваше херојски приказни; на крајот отиде во затвор за пишување на лажни рецепти за наркотички средства. Притоа тој меѓу другите го користел и моето име. За ова дознав кога добив телефонски повик од Поморската криминалистичка истражна служба (NCIS), година и пол откако го напуштив. Од новинарска перспектива, тоа беше фасцинантно. Како личност која се обидуваше да има врска, тоа беше ужасно“, напиша Еби Елин, новинарка.

Измамата е насекаде, вклучувајќи ги и вечерните вести и, се разбира, нашиот политички дискурс. Дури и нашите комедии се полни со измами. Протагонистката на популарната серија „Помлада", која ја игра Сатон Фостер, е 40 и нешто годишна жена која се претставува како 20-годишна девојка за да полесно добие работа. Комедијата „Грејс и Френки" е за две жени чии сопрузи ги мамеле 2 децении, а всушност биле вљубени еден во друг.

Минатата година, Американците изгубиле 143 милиони долари само во романтично мотивираните измами, а бројката на пријавени случаи е двојно поголема од претходните три години. Овие романтични измами предизвикале поголема финансиска штетата од кои било други.

Елизабет Холмс

„Тоа ми кажува дека луѓето навистина треба да се претпазливи и да се заштитат од измамите од овој вид, кога ќе наседнат сосема е извесно дека ќе изгубат огромни количини на пари“, вели Моника Вака од Сојузната комисија за трговија.

Некои луѓе се обидуваат однапред да се заштитат.
Говорот на тема „Како да го фатите лажгото“ на минатогодишната „CrimeCon“ конференција за криминал во Њу Орлеанс, привлекол повеќе од илјада луѓе, многу повеќе отколку што се очекувало.

Причината за ова е опаѓањето на довербата во институциите како што се Католичката црква, војската, Врховниот суд или владата. Сите беа фатени во скандали или политизација и се чинат помалку важни отколку што беа порано. „Резултат на тоа е природната тенденција на луѓето да сакаат да сфатат што е вистината и да ги раздвојат фактите од измамата“, вели Кевин Балф, еден од организаторите на конференцијата.

„Општеството се темели врз довербата“, додава Балф. „А кога таа доверба е изневерена, сите трпиме последици“.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото