Нештата кои ни се најважни на свет

13.04.2019 02:05
Нештата кои ни се најважни на свет

Првиот роман на италијанската авторка Паола Перети, Ноќе ги слушам ѕвездите е роман за деца кој созревањето на девојче го дава низ соочувањето со неизлечивата Старгартова болест, т.е. со постепен но потполн губиток на видот. Петте делови од романот, насловени по далечината од која деветгодишната Мафалда може да го види црешовото дрво пред своето училиште (Седумдесет метри, Шеесет метри, итн.), го следат напредувањето на болеста и Мафалдиното влегување „во мрак“. Ова е, меѓутоа, надворешен процес, физички; она што романот суштински го следи е Мафалдиното учење да се помири со судбината - поточно, да се избори со судбината. Со зборовите на училишната тетка Естела, која ја има главната улога во борбата на Мафалда со Старгартовата магла, да ја пронајде „суштината“.

Како што тоа обично се случува во развојниот роман, хероината во својата потрага има помошници; иако за Мафалда внимателно се грижат и родителите и наставниот персонал, улоги на помошници имаат, всушност, Естела и немирното момче Филипо чии родители се разведени. Не е случајно што токму нивното друштво на Мафалда најмногу ѝ прија и ѝ помага, бидејќи тие се единствените кои не се преправаат дека сè е во ред, кои на никаков начин не ја игнорираат состојбата на Мафалда и не се обидуваат да ја разубават. Единствено тие не се однесуваат патронизирачки или со сожалување кон девојчето, па оттаму единствено пред нив Мафалда не се срами од својата болест. Не е случајно ниту тоа што се работи токму за овие два лика – имигрантка од Романија која болува од рак на дојка и дете на разведени родители, бидејќи само тие делат извесна изместеност со Мафалда, чувство на неприпаѓање со сите останати, среќни и „нормални“.

Дополнително, тонот на самиот роман, и тоа е еден од неговите најуспешни аспекти, исклучува додворување и патетика, што е замка која, во пишувањето книжевност за деца, посебно таква каде се тематизира инвалидитетот на детето, не е лесно да се заобиколи. Притоа, наративот е пишуван во прво лице, со зборовите на самата Мафалда,а уште еден постигнат успех во техниката на раскажување на овој роман е уверливоста на наративниот глас на деветгодишното девојче. Се работи за потполно детски глас, со карактеристична простодушност, на моменти наивност, бујна фантазија и метафори типични и прикладни за детското гледање на светот. Вака поставената раскажувачка ситуација е успешно искористена во хумористични цели – односот на (имплицитната) авторка кон Мафалдината наивност е преполн со добродушна смеа а никогаш потсмев. Истовремено, меѓутоа, се работи за глас на паметна нараторка, перцептивна многу повеќе отколку што претпоставуваат возрасните од нејзината околина. Не се работи за тоа дека е таа стармала или натпросечно интелигентна девојка, туку за пишување на детски роман полн со почитување кон децата.

Мафалда губењето на видот го следи, покрај дистанцата од која може да го здогледа раскошното црешово дрво, и преку „Нештата кои ми се најважни на свет (а веќе не можам да ги правам)“, што е и наслов на листата која непрестано се дополнува со прецртани ставки. Со оваа листа, која ја започнала на Естеловото охрабрувачко поттикнување, Мафалда се подготвува за живот без вид, обидувајќи се да разбере што сè таа загуба подразбира. Листата е нејзин обид за соочување со длабокиот страв од мракот и, заедно со тоа, стравот од осаменост. Лекцијата која на Мафалда ѝ претстои да ја научи, меѓутоа, е увидот во тоа дека оваа листа, листата на загуби, истовремено е и снажен извор на стравови.

Можеби ова е лекција и за читател(к)ите, бидејќи цело време се заслепени од динамиката на прогресијата на болеста и следењето на затворањето на можностите за хероината. Суштинското сознание, сепак, не е во набројувањето и какво-такво прифаќање на недостижноста на нештата – тоа е во откривањето, низ конечниот чин на храброст тогаш кога потполно ќе го изгуби видот, на новата листа – „Нешта кои ми најважни на свет“. Таа листа, единствената суштински важна, е листата која Мафалда одлучува да ја пишува на крајот. Се покажува дека соочувањето со болеста не се сведува просто на нејзино прифаќање, туку и на победа над стравовите кои болеста ги носи со себе.

Ноќе ги слушам ѕвездите е роман во кој почитта кон децата се надополнува со почит кон лицата со попреченост. Тоа е очигледно, не само, како што е веќе споменато, во тонот со кој се пишува за попреченоста, без (само)сожалување а со многу искреност и храброст – туку и во карактеризацијата на хероината. Покрај тоа што до крајот се покажува дека, наспроти стравовите на Мафалда и на читател(к)ите, постои цела низа нешта кои Мафалда може да ги прави и во кои може да ужива и без својот вид, Мафалда не мора да се одрече ниту од своите напредни акробатски вештини на пентарење по црешата и слегување од црешата. Саканото дрво кое е оптеретено и со симболично и со буквално значење стои во средиштето на книгата како најстрашен доказ за загубата на хероината. Можноста да го досегне станува доказ, бидејќи не е недостижно, за упорноста на девојчето, а, и, уште повеќе, за нејзините несмалени спретност и способност.

Слики: Alida Bothma

Извор: bookvica.net


 

ОкоБоли главаВицФото