Русија не е место за младите луѓе

20.04.2019 00:21
Русија не е место за младите луѓе

Западот е декадентен, ние сме опколени со непријатели, но нашиот дух никогаш нема да попушти под притисокот на ЛГБТ пријателски настроената Европа – оваа расипана плоча веќе пет години се врти на руската телевизија. Националната телевизиска пропаганда се обидува да ги убеди Русите дека целиот свет е против нив бидејќи тие негуваат традиционални вредности. Западот нема ништо и затоа и ни завидуваат.

Сето ова е поради фактот дека половина од Русите се незадоволни од своите примања и се мачат да платат здравствено осигурување и образование. Ова го покажуваат последните анкети. Младите луѓе пак не веруваат во идејата на голема Русија против гнилата Европа. Во суштина, поголемиот дел од нив сакаат да заминат на Запад, покажува истата анкета која ја спроведе Левада Центар: над 40% од Русите на возраст меѓу 18 и 24 години сакаат да се иселат засекогаш.

Во Москва е добро! Но што е со останатиот дел од Русија?

Можете да кажете дека анкетата не е добро спроведена, можете да кажете дека младите не сакааат да заминат и дека работите во Русија се добри. Но, ако излезете надвор од Москва и се возите по старите патишта и видите како луѓето таму живеат, тоа е навистина страшна глетка. Но, сепак треба сѐ уште да си ја сакате земјата.

Еј, ситуацијата во Русија е многу добра! Особено ако живеете во Москва. Дури и подобра ако сте родени таму и не морате да изнајмувате стан којшто чини половина од вашата плата. Но поентата е токму тоа - дека Москва не е цела Русија. Зошто Русија е лесно да се сака само ако живеете во главниот град.

Точно, има примери на луѓе кои ја напуштаат Москва за да ги ревитализираат помалите општини. Но, ова не е бајка: пред неколку години московскиот маркетинг агент Василиј Дубејковскиј, ја напушти и замина за градот Урјупинск за да го „претвори во главен град на руската провинција“. И тој во суштина направи многу за градот. Руските медиуми постојано објавуваа стории за тоа, но претставувајќи го неговиот потег како херојско дело. Не можам ни да си замислам ваква реакција во Германија. Ако еден маркетинг експерт се пресели од Берлин во Штралзунд, ниту неговите пријатели нема да бидат воодушевени. Ваков потег во Германија во никој случај не значи самоодрекување и аскетство. Но, поради некоја причина тоа во Русија е сосем поинаку.

Големата, прекрасна Русија која умира

Русија е навистина прекрасна. Во неа живеат неверојатни луѓе, има неверојатна култура и природа, таа е динамична, забавна и возбудлива. Но ако сакате да имате непречен пристап до нешто од ова, освен за природата, сето ова го има само во Москва.

Точно знам за што зборувам. Јас сум родена и израсната во мало место во близина на Урјупинск, во регионот на Волгоград. Во пресрет на руските претседателски избори во 2018-ма бев таму за да известувам за расположението на локалното население во однос на Владимир Путин. Се покажа дека луѓето не мислат на Путин, туку на тоа како да преживеат. Да се заработуваат 13.000 рубљи (околу 200 долари) се смета како солидна плата, инфраструктурата пропаѓа, половина од болниците не работат. Ова е Русија од која младите не само што сакаат да си заминат, туку веќе бегаат. Речиси сите мои стари другари се иселија на различни места. Посреќните во Москва, а останатите во Волгоград или Саратов.

Дури и Москва го губи сјајот. Корупцијата цути насекаде, а можете да завршите во затвор само затоа што сте учествувале на протести. И тоа, на пример, протести против корупција. Дали е ова стабилноста за која постојано говори Путин? Оваа стабилност може да оди по ѓаволите.

Одат каде што се потребни

Ова се причините поради кои луѓето сакаат да си заминат и се селат. Поголемиот дел од нив се млади и образовани. Најомилена дестинација сѐ уште им е Германија. Причините се очигледни: таму има високо квалитетно образование и здравствена заштита, луѓето се пријателски настроени кон странци, тоа е богата држава која гарантира добри плати, пензии и други придобивки.

Секако, Западот не е совршен. Процесот на интеграција во Германија не е едноставен. Јазикот е тежок за учење, тешко е човек да се навикне на новата култура, а понекогаш ќе бидете изненадени од неочекуваната „заостанатост“ по одредени прашања. Но сето ова исчезнува кога ќе сфатиш дека имаш права, и тие се почитувани. Владата тука му служи на народот и не го третира државниот буџет како приватно ковџеже со богатство. Тука човек исто така има избор – можеш да живееш во главниот град или во мало убаво гратче со 300.000 луѓе без да ти недостасува комфор.

И секако, нема сите да ја напуштат Русија. Тоа е вистина. Само најамбициозните и наметливите одат на Запад, како и оние кои сакаат да заработат доволно за да живеат во Москва. Но, што е со големата убава Русија? Кој сака да живее таму?

Извор: DW

 

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото