Лавиринт

10.05.2019 11:42
Лавиринт

Годинава ја славиме шеесетгодишнината од првата стихозбирка и, воопшто, првата објавена книга на Влада Урошевиќ: Еден друг град (1959). По тој повод книгоиздателството Темплум објави еден репрезентативен избор од поезијата на живиот македонски класик. Во книгата се застапени 144 песни, распоредени, по 12, во 12 циклуси. Намерата на приредувачот, Никола Гелевски, е избраните песни да оцртаат своевиден лавиринт („ама со цвеќиња“) низ шеесетгодишното поетско творештво.
Интересен момент во книгата се и дванаесетте дигитални надреалистички колажи на Влада Урошевиќ, со кои почнува секое поглавје.
Во продолжение пренесуваме шест песни од дванаесеттото, завршно поглавје.


ПЕЈАЧ ВО КУЛАТА

Кој е па толку улав
да пее во таа кула?

Скалите водат во понор.

Од врвот не прокапува а врне.
Внатре е мрачно како во грне.

Да не ти се пристори ни во сонот.

А внатре сепак некој пее.
Не е со сите, но и луд не е.

 

 

ПОЕТИКА

На Богомил Ѓузел

Како акробатот
што го промашува вратилото

Како пилотот
во запален авион
на кој му отпаѓа крилото

Како алпинистот
што од врвот
паѓа во надојден порој

‒ така поетот
стасува до зборот
и го скршува тилот


МРТВА ПТИЦА ВО ДВОРОТ НА ЛУДНИЦАТА

Црна птица со жолт клун
лежи на грб
како превртен чун.
Кренати нагоре
со згрчени канџички
ѝ се нозете.
Таму кај што таа лежи
е влез во подземје.

Собрани околу неа
некои плачат
некои се смеат.

Таа е чудо
што престанало
да биде чудо.
Нејзината смрт е доказ
дека светот
страда од лудост.

Песнопоецот прашува:
Кој се осмелил
на небото
да му ја одземе?

Разбушавената жена вреска:
Таа ќе се вознесе!

Проповедникот вика:
Ползете! Ползете! Ползете!

Среде пладне
во дворот на лудницата
мракот блика
од отвореното подземје.




МИНОТАУР

Огромно нечисто животно, наполу бик, наполу човек.
Од згмечени плодови слепени му се влакната.
Ја копа земјата и ме бара со погледот зловест.
Од роговите што се тресат избива заканата.

Наоколу е Лавиринт, рамнодушна замка.
Очите на чудовиштето со смолест бес горат.
Во мал спечен двор, тркалезен како јамка,
стојам со секира в раце, решен да се борам.

Зад мене со чкрипот се отвораат некакви врати.
На повеќе јазици одеднаш се слушна врева.
Водичот објаснува, туристите чкрапаат со апарати.
Две постари дами на бикот му даваат малку трева.


ПРИКАЗНА

Не се гледа крајот
а сè повеќе личности
се вовлекуваат во дејството

Овој свет овој свет премалува

Местото
е постојано исто и личностите се туркаат
за да си го осигураат престојот

Овој свет овој свет се навалува

Оној што приказната ја кажува
не ѝ го знае свршетокот
самиот себеси се залажува

Овој свет овој свет се намалува

Душата си ја облажува
за да не умре од здодевност
што го мачи секојдневно

Ништо не го избавува

Mundus est fabula
Јаток што се изабува
Азно што се разграбува
Празно што сè обрабува

Столб што црв го заслабува


ЛАВИРИНТ

Мора да постои некое правило
според кое е ова градено

Но како да се дознае
кога во мракот надоаѓа заканата

Чудовиштето засега е прејадено
и сè уште во близина не се јавило

Но реата што ја шири грозна е
и нашата храброст е постаната

Мора да постои некое правило
но времето од оската се иставило

И сето знаење се заборавило

Извор: Влада Урошевиќ – Лавиринт (избор од поезијата); Темплум, 019
Колажи: Влада Урошевиќ

ОкоБоли главаВицФото