Осумте на речници

03.07.2019 13:56
Осумте на речници

Мала драмска игра изведена при промоцијата на книгите „Гајле Синема“ и „Сеир и ништо“

(чита Моника) СЦЕНА: ФЛЕКСИКОЛОГИЈА

ВОВЕД (Лукаш): ТОП ШОП нуди препознавање на разни прозни форми. Но тоа не е есеј!

(Читаат сите наизменично, како еден вид претставување на стилот и формата, но и на самите читачи)

Оливера: Окото е пудинг од солзи во очна чашка.
Тихо: Ф’стак е кикирика со кацига.
Лукаш: Тиква и лубеница се растителни магаре и зебра.
Ана: Верверичка е глушец за пред луѓе.
Трајко: Мал коњ ми е коњаче.
Моника: Еж е стаорец на акупунктура.
Николина: Либертѐ полжав има јавна куќа.
Синоличка: Комбајн е емотивно осакатен ваљак.
Оливера: Локомотива е лифт со визија, но лифт е вагон со амбиција.
Тихо: Кацигата е школката на бисерите во твојата глава.
Лукаш: Сапиосексуалец чека да му легне знаењето.
Ана: Искушение е да си штрк и да треба да им го носиш детето-гасеница на пеперутките.
Трајко: Пчелка збира мед во цутот на младоста.
Моника: Трутољубива пчелка заминува на пчелабарство во друг сандак.
Николина: Две пчелки тренираат за Работнички, третата си седи во кош.
Синоличка: Пчелката што продаваше прополиси за осигурување ја уапсиле од трутова инспекција.

(Читање во парови како премин кон сценскиот концепт)
Ана: Не можам да заспијам. многу ми е шарено ќебето.
Трајко: Не ми глуми, у очи ти гледам дека спиеш!
Ана: Попладневна дремка?! Тоа ми е каучна фантастика.

Николина: На работа ме цедат во шоковник.
Лукаш: Ако работата те тера да ринташ ко коњ, кочија.
Николина: Пиши ме во згрозени видови.
Лукаш: Оф оф оф оф, не ти се сите оф-ци на број.

Моника: Прeтерав со пивото и сега имам покачени криглицериди.
Синоличка: Анксионзни лингвистички лапсузи ми се омилена трема на разговор.
Моника: Ама јас тоа само онака го кажав, на впрoчѐмски.

Оливера: Се затрув со метафори, носи ме на лексикологија.
Тихо: За тебе имам Полански Роман.
Оливера: А за Мерил?
Тихо: Стрип.


КРАЈ (Синоличка): Од сите што ме чекаат, најкриво ми е за книгите.


(чита Николина) СЦЕНА: Интервју за работа

ВОВЕД (Трајко): Со себе сум ради парите.

Лукаш: Што имате работено?
Синоличка: Во фирма за стапови.
Лукаш: Што работевте во фирмата?
Синоличка: Ја застапував.

Лукаш: Друго работно искуство?
Синоличка: Нутриционизам.
Лукаш: Диети правење, а?
Синоличка: Па, да...
Лукаш: Нема леб во тоа диетите, јас да ви кажам.

Лукаш: Како заработуваш за живот?
Синоличка: Кој не ме знае скапо ме плаќа.

Лукаш: За оваа работа е потребна силна математичка основа, но и креативност...Какви математички вештини владеете?
Синоличка: Претворам имагинарни проблеми во реални, па после ги рационализирам.

Лукаш: А креатива? Нешто хоби - музика, цртање, вајање...
Синоличка: Не сум вајар, но можам да направам мајмун од себе.

Лукаш: Ви наѕира искреноста од жарот во очите.
Синоличка: Па ќе лажев дека не сум таква, но не сум таква да лажам.

Лукаш: Каде се гледате себе за 5 години?
Синоличка: Се гледам како сум се гледала себе пред 5 години.

Лукаш: Работава е доста напорна...Само давам на знаење.
Синоличка: Немам страв од давење, квалитетот кога тогаш испливува на површина.


КРАЈ (Трајко): Земи си од бонбончињата на рецепција, сите сме гости на овој свет.

 



(чита Лукаш) СЦЕНА: Шекспировска

ВОВЕД (Моника накај публиката): Изградив театар за да си ја оправадам драмата: има траги од комично и кома од трагично.

Трајко: Кога ќе те видам ми паѓа мерак на очите.
Ана: Живеам со жанр во очите.
Трајко: Драмите имаат предност.
Ана: Јас будна, а он ко од сон.
Трајко: Ти би рекла дека си ми реалност, јас би рекол дека си го живеам сонот.
Ана: Ти фали даска што живот значи за да ја сфатиш мојата претстава за тебе.

Трајко: Извини што не ти го разбрав говорот на телото, да не ми збореше на дијалект?
Ана: Јас сум крива, а тој е љубител на облини.
Трајко: Би те гледал со голо око, но имам и срам и перде.
Ана: Јас жедна за твојата љубов, а ти можеш само вода да ми носиш.
Трајко: Извини што те разочарав од тебе.
Ана: Знам како со себе. Не знам како со жена. Жените се нелогични.
Трајко: Фати се со мене.
Ана: Ама ние...не се ни познаваме!
Трајко: Што има врска, и на крај пак ќе си бидеме странци.
Ана: Не ми се свиѓаш доволно за да признаам дека си во право.
Трајко: Мекнееш. Тврдам.
Ана: Вредиш...Чинам.
Трајко: Мазохизмот ми е наследен. Сам си го имам исклесано во каменот од бубрегот.
Ана: А јас ќе се изедев жива, ама сум селф-интолерант.
Трајко: Правам двочекор и забивање во корпата што ми ја даде.
Ана: Би те навредила, но немаш грам мозок да ме разбереш.
Трајко (накај публиката): Пробав да сум драма квин, ама ме донесоа пред свршен чин. NEVERMORE!
Ана (накај публиката): Ќе си легнев на брашното, но не е мој тип.


КРАЈ (Моника накај публиката): Можеби животот е комедија, но божествена е.


(чита Трајко) СЦЕНА: НА ЛЕКАР

ВОВЕД: Николина(со пеење): Психата има кошули триста, секоја бела, секоја чиста...

Тихо (потпевнува): Доста време рентген одев...
Оливера (го прекинува): Докторе, си ја набив агендата...
Тихо: Ова ми мириса на скапано од работа...Но мислам дека немате изместени приоритети.
Оливера: Не ми се допаѓа како сум излезена овде, сакам нова рентген снимка.
Тихо: Не сакам да те плашам, но стомакот цел живот ти работи зад грб.
Оливера: Абе...Кој не страдал од бубрези нека го исфрли првиот камен.
Тихо: Животот се служи во крвни садови.
Оливера: Знам, 4 комори и 4 преткомори, то су срца два.
Тихо: Од каде сте вие? Ја знаете Ане? Ане, стезиологот. Сите ја знаат локално.
Оливера: Космополит сум докторе, не ми делува локална анестезија.
Тихо: Сте се заразиле со значење.
Оливера: Не знаев дека е преносно.
Тихо: Имате внатрешно крварење.
Оливара: Барем не се познава.
Тихо (одмавнува со глава): Ц ц ц, сите сакаат здрав разум, никој нејќе да се лечи.
Оливера: Се лечев...бев кај киропрактичарот од маало - ми го местеше син му.

КРАЈ (Лукаш): АУТОПСИЈАТА ПОКАЖА ДЕКА УМРЕЛА ОД РАКА НА СРЦЕ.


(чита Оливера) Сцена: БИТКАТА КАЈ КОМФОР ЗОНАТА

ВОВЕД (Тихо): Жените се од Кавганистан, мажите се од Смирија.


Лукаш: Не земај од тие пари, за црни денови се!
Николина: Е за што ќе ни се?
Лукаш: За свадба.
Николина: Најмил си ми.
Лукаш: Лажеш!
Николина: Жими сѐ најмило!
Лукаш: Во тебе се гледам себе.
Николина: Си се препознал.
Лукаш: Имам дупликат комплимент. Сакаш да ти го дадам едниот?
Николина: Имаш ли ти срце?
Лукаш: Имам, сакаш да се мењаме?
Николина: Не те сакам повеќе.
Лукаш: Повеќе од?
Николина (Одмавнува со глава): Да си жив и здрав.
Лукаш: Не ми прави притисок!

Николина:
Пробав да го извадам најдоброто од него и останав со празни раце.
Ми рече да се потрудам да му бидам на ниво. Пропаднав во земја.
А го сакам 3 пати повеќе отшто би го сакала некоја која би ја сакал дупло помалце отшто ме сака мене, ама он тврди дека сум тешка за разбирање.

Лукаш:
Го имав клучот од нејзиното срце, но само сакав да ѕирнам низ клучалката и да ја видам гола.
Зборот ми е пред мислата зашто стојам зад тоа што го зборам.
Не поседувам свое Јас оти не сум посесивен.
Јас сум најдобрата личност што не ја познавам.


КРАЈ (Тихо): За сѐ има логичко оплескување и отрезнителни околности.



(чита Ана) СЦЕНА: МАКЕДОНСКА КОПЕРАЦИЈА

ВОВЕД (Николина): Истолчен, западнат, неверен и тужен Балкан.

(читаат сите наизменично)

Тихо: Што е попрво, држава која нема иднина или власт која владее ко да нема утре?
Оливера: Толку добро врзуваме крај со крај што не може крајот да ни се најде.
Лукаш: Не нѐ делат нас ѕидови и врати, туку прагови на толеранција.
Ана: Немаме покрив над глава, но сиромаштијата ни е капак на сѐ.
Трајко: А за први април Македонец ќе се преправа дека сѐ е во ред.
Моника: Имање стандарди се коси со Македонскиот авантуристички дух.
Николина: Во Македонија е евтина картата за театар зашто цела држава е театар за џабе.
Синоличка: Демек сиромаштија, а сите носат по две исти кондури.
Лукаш: Ги поминав сите граници, да не ме мислите.
Моника: На Македонија не ѝ требаат визи, сите граници се поминуваат внатре во државата.

Тихо: Сакам да ја кандидирам маркава за претседател – поштена, неисплукана, меѓународно позната.
Ана: Средете ја салата за поставување изборни кутии.
Трајко: Нема што да се средува, сѐ е наместено.
Оливера: Само мало потсетување да не гласате за народните херои - сите се бисти.
Лукаш: Ако ништо друго барем не ќе се роди поубаво девојче од Македонче.
Моника: Ова сиромаштија ти е светска работа бе!
Тихо: Сакам Шведска луда фина
Да биде како Кина
Малмо, Малмо, спаси ме.
Синоличка: Ако сите станеме фит, системот може да ни се фати.
Николина: Ако секој се надмине себе ќе го кренеме нивото на дното.
Оливера: Тешко ова подигањево свест.
Лукаш: Толку сме напредни што и крајот е позади нас.


КРАЈ(Николина): Резилке, кажи како да се води проста и широка народна маса?

(чита Трајко): ЕПИ ЛОГ АУТ

Лукаш: Пензија и проза

Синоличка: Поезија и пораз

Оливера: Поезија и прозак


(чита Николина)
Се составувам како човек.
Се разглобувам како играчка...Oсвен кога се распаѓам.
Тогаш знам дека сум се печела на долго и на тивко.

(чита Ана)
Се трошам како човек.
Се давам како капка...Oсвен кога се давам целата.
Тогаш знам дека сум капнала на своја рака.

(чита Моника)
Се затварам како човек.
Се отварам како поклон... Oсвен кога се пакувам за сонување.
Тогаш си се поклонувам и си легнувам.

Фотографии: Небојша Гелевски Бане; при промоцијата на книгите „Гајле Синема“ од Тања Аждаја“ и „Сеир и ништо“ од Брадестиот Џо и Тања Аждаја, во издание на Темплум; промоцијата се случи во барот „Винил“ во Скопје на 27.06.19.
Читаа: Оливера Ќорвезироска, Владимир Лукаш, Ана Голејшка Џикова, Трајко Џиков, Тихомир Јанчовски, Николина Андова Шопова, Моника Силјановска и Синоличка Трпкова.


ОкоБоли главаВицФото