Десничари ја прекинаа претставата на Златко Паковиќ во Белград

12.07.2019 12:00
Десничари ја прекинаа претставата на Златко Паковиќ во Белград

Синоќа во Белград дваесетина лица во маици со националистички симболи и слики од Ратко Младиќ упаднале на претставата „Сребреница. Кога ние убиените ќе станеме“, во режија на Златко Паковиќ. Претставата e организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права по повод 24-годишнината од геноцидот во Сребреница.

Групата десничари извикувале дека во Сребреница немало геноцид и дека Ратко Младиќ е херој.

Како што пренесе „Радио Слободна Европа“, групата десничари се обидела да го прекине обраќањето на режисерот Златко Паковиќ, додека ги читал „осумте точки за театарот и геноцидот“.

Десничарите на почетокот почнале да пеат песни посветени на Ратко Младиќ и развиле транспарент, како и знаме на српското герилско движење.

Паковиќ им кажал дека ќе имаат можност да зборуваат, но откако ќе се одржи перформансот.

Публиката му аплаудирала на Паковиќ по неговите зборови дека треба да се препознае геноцидот.

По инцидентот реагирала полицијата и претставата продолжила со силно обезбедување. 

„Се надевам дека еден ден ќе се срамите од ова што го правите“, им рече режисерот на оние кои се обидоа да го спречат перформансот.

„Во претставата за Сребреница сакам да го направам она за што општеството не е способно“, истакнал тој и додал дека „битот на една република е да се стави на страната на жртвите кои не се нејзини граѓани, а против злосторниците кои се нејзини припадници“.

 Видео: Радио Слободна Европа на српски јазик