Мирко Кларин: Геноцидот во Сребреница се негира повеќе од кога било порано

11.07.2020 10:32
Мирко Кларин: Геноцидот во Сребреница се негира повеќе од кога било порано

Оваа недела во SENSE Центарот за транзициска правда во Пула започна одбележувањето на геноцидот во Сребреница под наслов „Сребреница 25: Заедно против вирусот на одрекувањето“. По тој повод разговаравме со Мирко Кларин, претседателот на Центарот, поранешен новинар и основач на новинската агенција која ги следеше сите судења во Хашкиот трибунал.

По повод на 25 – годишнината од геноцидот заедно со неколку организации од регионот ја покренавте кампањата „ Сребреница 25: Заедно против вирусот на одрекувањето“, која се одржува во Пула. Зошто во Пула?

Пред четири-пет години одлучивме нашиот SENSE Центар да го преместиме од Хаг, каде поминавме дваесет години известувајќи за сите судења. Имавме понуди да го отвориме центарот во Белград, Загреб и Сараево, но мислев дека ако изберам кој било од тие градови, ќе постои сомнеж кај другите. Заради тоа се одлучивме за Пула, затоа што Истра е единствен регион на поранешната заедничка држава, кој од хаосот на 1990 – тите излезе без некое тешко наследство, рани и учество во националистичкото дивеење што го зафати најголемиот дел од Југославија. Во таа смисла, Пула ни изгледаше како место кадешто сите радо ќе дојдат. Овде сите се чувствуваат слободно и безбедно да ги изнесуваат своите ставови и мислења. Многу нè охрабрува фактот што во текот на оваа кампања успеавме да собереме повеќе о 15 организации од Хрватска, двата БиХ ентитети, од Србија, Косово и Црна Гора.

Пред неколку години, SENSE заедно со Документа направи интерактивен наратив „Сребреница: Геноцид во осуми чинови“, кој детално прикажува на кој начин на Хашкиот суд се истражени, документирани и процесуирани српските злосторства над Бошњаците во јули 1995 година. Врз тоа се темели и годинешната програма. Што сè содржи интерактивниот наратив?

Интерактивниот наратив „Сребреница“ е направен откако на тоа место отворивме Документациски центар во соработка со Меморијалниот центар Поточари. Таму на осум големи екрани изложено е сè што до тој момент е утврдено во Хаг за тоа што се случило во Сребреница. Тој материјал содржи повеќе од 10.000 часови видео снимки. Според тоа го направивме интерактивниот наратив посоодветен за презентација на интернет. Тој содржи осум приказни и хронологија на настаните. Имено, истрагата на обвинителството на Меѓународниот казнен суд за поранешна Југославија често се опишува како најголема криминалистичка истрага во повоена Европа, а можеби и во 20-от век. Една од поважните карактеристики на наративот е што освен видео-презентациите засновани на судењето во Хаг, дава селекција од 250 најзначајни документи кои во текот на судењата за Сребреница биле воведени како докази. Од воени наредби, воени мапи, снимки до пресретнати комуникации на војската на Република Српска – сето тоа е документирано и лесно пристапно на нашите страници. Така сите што тоа ги интересира можат лично да се уверат. Заради тоа одлучивме тоа да биде основа на нашата изложба по повод 25 години од Сребреница. Иако е достапен, сметаме дека тој скапоцен материјал не е доволно виден во средините на кои се однесува.

Мирко Кларин

Кому е наменет интерактивниот наратив и кој го користи најмногу?

Им се обраќаме на сите луѓе кои се заинтересирани да дознаат што всушнист се случило. Според податоците кои ни се достапни за посетите на страницата, најмногу се користи ширум светот од Америка, до Британија. Но веројатно тука се работи за наши луѓе во иселеништво. Исто така, присутни сме во меѓународната мрежа на научници, новинари, документаристи кои се занимаваат со она што се случило во поранешна Југославија. За жал, заинтересираноста за овие материјали, досега е поголема во светот отколку во регионот.

Наративот содржи и дел кој се вика „Неволни сведоци“, а во Пула ќе биде прикажан филм со истиот наслов. За што се работи?

На првите судења за геноцид, во поголем број сведочеа жртвите и експертите, од патолози до археолози. Но во меѓувреме обвинителството премина на издавање задолжителни налози за разговор на луѓето од воени и полициски структури, како и од цивилната власт на Република Српска во регионот на Сребреница. Направени се над сто интервјуа. Тогашните власти на Р.Српска соработувале со обвинителството. Потоа тие луѓе биле доведени во Хаг како сведоци. Таму тие биле соочени со сознанијата од истрагата, раскажувале што виделе, правеле или слушнале во тие денови, во јули 1995 година. Тука има сведочења на офицери, потоа возачи на камиони кои ги превезувале телата на убиените во масовните гробници, копачи и оператори на багери кои ги прекопувале гробниците и кои ги пренесувале труповите на скриени локации. Тие не се јавувале самите, но поради судската покана и закана со казна морале да го кажат тоа што го знаеле. Тоа е скапоцен дел затоа што покажува дека луѓето соочени со форензики докази се отвораат и го кажуваат тоа што го знаат. Затоа ги нарекуваме неволни сведоци.

Колку и на какаов начин денес во регионот е присутно сеќавањето на геноцидот во Сребреница?

Од самиот наслов на кампањата јасно е дека денес злосторствата од Сребреница се негираат повеќе отколку кога било порано. И не се работи само за Сребреница, туку во сите средини се негираат злосторствата. Не можеме на другите да им признаеме дека биле жртви зашто мислиме дека така ќе ги намалиме сопствените жртви. А тоа е страшно погрешно. Општествата на поранешна Југославија се зафатени со галопирачка епидемија на негирање на злосторствата. Епидемиолошката ситуација се влошува од година во година. Тоа негирање е ендемско и инстиуционално и потекнува од самиот врв. На тоа мора да му се спротивставиме зашто за разлика од коронавирусот кој ја погаѓа сегашната генерација, епидемијата на негирањето ги погаѓа идните генерации. Заради тоа е потребно да ја сузбиеме таа епидемија.

Извор: Новости

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото