Италијо, вака веќе не се може

03.11.2010 12:10
Италијо, вака веќе не се може

Што се случува со Берлускони? Кој е проблемот на овој човек? Можеби е осамен, можеби му треба помош, некој добар психолог во стилот на Вуди Ален? Или некое домашно милениче... за да одмори малку од напорната државничка работа.

Добро, на некој начин јас сум полуиталијанка, и го разбирам сонот на секој маж во Италија. Некаде длабоко во него клечи мачо потребата да стане како Калигула, егзотични девојки да му играат чочек, девојки кои може да ги заколе и изеде, или да ги претвори во принцези – како ќе му текне... Или, како Нерон, да се впушти во грешни љубовни односи со мајка си или бабата. Оттаму доаѓаат тие, од мрачните области, и италијанските мажи сакаат да се држат за тоа. Користат скапи мобилни телефони за да им јават на своите мајки дека е време да ги постават шпагетите бидејќи нивното залутано синче се враќа дома!

И покрај тоа, доволно сум странец за да сфатам зошто земјата на Берлускони ги толерира јавните скандалозни испади на овој политички водач. За него гласале веќе неколку пати, сметајќи, најверојатно, дека е најдобриот меѓу нив. Дека е еден од нив, il Cavaliere, витез на коњ кој ќе успее да ја спаси Италија ид рецесијата, Ромите, муслиманите и останатите бедници. Воопште не е битно Cavaliere да е совршен. Бенито Мусолини, на пример, не беше претерано писмен иако издаваше и весници, ама ете, сепак го инспирираше Хитлер да изврши масакр врз цел еден континент. Моите другарки Италијанки целосно се избезумени од последниот испад на Берлускони: малолетна стомачна танчерка од Мароко, без дозвола за престој, на која Берлускони и’ пружа заштита и готовина.

„Ова е речиси инцест“, вели Ана, „ова не е обичен секс скандал. Неговата политика е таква што емигрантите се бркаат, малтретираат, тепаат и загрозуваат на секој начин. А во приватниот живот се појавува како султан, татенце кое ја спасува преубавата варварска конкубина. Додека изведува стомачен танц, таа е донесена од затвор директно на харемска оргија во неговата куќа. Притоа е и малолетна. Ама, ете, денес таа ќе наполни 18 години и потоа на целиот свет може да му соопшти колку го сака својот спасител, а тој може да се ожени со неа или да ја врати назад во нејзината татковина, кај нејзиниот вистински и суров татко од кој побегнала и поради кој станала ситен крадец на граничната зона од порнографското царство“.

Џовани, кој гласал за него, вели: „А бе, таа е кучка! Сакаше да го уништи, сето тоа е местенка, ја познава неговата слаба точка – тој е добар и сака да им помага на младите девојки“.

А Марија вели: „Тој сака да им плаќа на жените за да може потоа со нив да прави сè што ќе посака. Него го пали моќта, а не сексот, зашто е импотентен. Истото и’ го прави на целата земја. Жените се само метафора. Ова не е првиот скандал од ваков вид“.

И странскиот печат одекнува: еве го пак! Италијанскиот мал фашист/женскар е како темпирана бомба во Обединета Европа. Со своите расистички и сексистички шеги и примитивни испади, непрестајно се подбива со цивилизираните вредности на ЕУ.

Зарем никој не може да му помогне на човеков? Неговата последна жена, од која се разведе, крена раце. Таа негова потреба да биде „добар“ е како зависност од дрога. Зарем не може некој да го приземји, да го ожени и да го смири некако – некоја порно ѕвезда, секси руска шпионка, можеби медицинска сестра, некој кој работи со ментално заболените?

Зборот „бунга-бунга“ станува број еден на Твитер, и ги означува источњачките квази-оргии во премиерската вила. Насловните страници на италијанските весници му придаваат научно внимание на потеклото на овој нов збор „бунга-бунга“. Дали тоа е некој нов мрсен виц? Дали го позајмил од Моамер Гадафи? Или дошол преку британскиот колонијализам? А можеби е само обично Твитер спамување? Сериозен коментатор на италијанскиот трет канал се обидува да и’ објасни на јавноста што има погрешно во чинот на италијанскиот премиер кој од притвор ја вади малолетничката. Притоа лажејќи дека се работи за внука на египетскиот претседател Хосни Мубарак. Па, зарем тоа е толку необично во Италија денес?

Уште еден сексуален скандал, кој заврши со убиство, веќе со месеци го преокупира вниманието на овдешната јавност. Девојката од 15 години сексуално ја злоставувале и, на крајот, ја задавиле членовите од нејзиното најблиско семејство, чичкото и неговата ќерка. Првите недели владееше атмосфера на побожна солидарност кон исчезнатата, а потоа и пронајдена млада жртва – за на крајот инсајдерите, вклучувајќи ги и самите убијци, на барање на морбидно љубопитната публика, да тргнат да продаваат одредени пикантни детали помешани со солзи, трачеви, како и сувенири од мртвата девојка за илјадници евра.

Дури и се најдоа агенции кои веднаш организираа автобуски тури на ужасот по трагите на последните часови на убиената девојка, а Италијанците стоеја во ред за да гледаат и да се понижуваат себе си и жртвата.

Италијо, вака веќе не се може.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото