Грета Тунберг како анти - Трамп

08.10.2019 02:21
Грета Тунберг како анти - Трамп

Таа е млада, а тој е стар. Таа е искрена, а тој лаже од навика. Таа се потпира на науката, а тој само на своето чувство. Таа е фокусирана на предвидливата иднина, а тој живее во своето имагинарно минато. Грета Тунберг е анти – Трамп.

Има млади луѓе кои во оваа борба се подолго од неа, но Тунберг го предводеше глобалниот климатски протест во Њујорк и потоа зборуваше на самитот на ОН за климатска акција. Има млади луѓе кои веќе извесно време ја говорат очигледната вистина: дека владите што ги избрале нивните родители, баби и дедовци, срамотно ја занемариле одговорноста да се погрижат денешните тинејџери утре да имаат своја планета на која ќе живеат. Келси Џулијана од Јуџин во Орегон, која денес има 23 години, е доследна и интелигеентна климатска активистка уште од тинејџерска возраст. Кога имала 15 години учествувала во поднесувањето пријава против гувернерот на Орегон, а на 19-годишна возраст го покренала случајот Џулијана против САД, кој веќе четири години се пробива низ разни судски инстанци, попречуван од приговорите на администрацијата и на Обама и на Трамп; групата од 21 млад човек која ја поднесе оваа пријава тврди дека непостапувањето на владата по повод климатските промени ги крши нивните уставни права. Младинското движење „Изгрејсонце“ е основано во 2017 година, една година пред Тунберг да почне да бега од училиште за да протестира пред зградата на шведскиот парламент во Стокхолм. Членовите на ова движење, на почетокот на годинава, упаднаа кај Дајана Фајнстајн, при што сенаторката од Калифорнија предупреди една шеснаесетгодишна девојка со зборовите: „Ти не си мој гласач!“. Тунберг заедно со 16 деца поднесе кривична пријава против државите кои се најголеми загадувачи; меѓу тие деца е и Алекандрија Вилјасењор, активистка од Њујорк, која ги критикуваше медиумите затоа што не обрнуваат доволно внимание на другите деца од оваа правосудна акција: „Тие имаат свое име, доживувања и приказни“.

Вилјасењор има право: Тунберг привлече многу повеќе медиумско внимание и повеќе почитување меѓу политичарите отколку нејзините врсници од климатското движење – единствена таа ја покрена нашата колективна имагинација. Што е уште поважно, ги инспирираше своите врсници, за една година, нејзиниот осаменички училишен штрајк и неделниот протест на скалите на шведскиот парламент се претвори во глобално движење. Таа е вистински политички лидер за ерата на Трамп, затоа што на секој начин претставува негова суштинска спротивност.

Тунберг мисли и зборува логично. Нејзиниот активизам е предизвикан од контрадикција: планетата умира, но возрасните се однесуваат како состојбата да е редовна. Тоа е апсурдно, незамисливо – но така е. Секојпат кога Тунберг ќе проговори изнесува неспорен аргумент во прилог на акција, а против лицемерието. Нè потсетува дека возрасните им зборуваат на децата дека треба да се надеваат и да сонуваат блескава иднина, додека самите се однесуваат како да не постои утре и дека тоа е во ред. Ни раскажува како возрасните им велат на децата да одат на училиште и вредно да учат, додека самите ги игнорираат плодовите на врвните знаења што ни се на располагање. Тунберг ја разоткрива темелната противречност на западната политика: невозможно е да се борите против климатските промени, а истовремено да го мерите националниот успех со стапката на еконмски раст. Тоа се неспоиви постапки и секој кој тврди поинаку – лаже. „Се наоѓаме на прагот на масовно истребување, а вие зборувате само за пари и ни раскажувате бајки за вечен економски раст“, рече во Обединетите нации. Некои нејзини изјави се едноставни и предвидливи: „Ќе ги натераме да нè слушнат“. Други, пак се поетични: [Иднината] ни е украдена секојпат кога возрасните ни велат дека небото е граница и дека се живее само еднаш“. Сите нејзини реченици имаат глаголи и именки, почеток и крај и опишуваат нешто што го препознаваме како вистинито.

Трамп зборува како да ги натрупува зборовите, колку подолго трае говорот, толку тие се поодалечени од фактите. Изведува слободни асоцијации, засилува, повторува, искривува, брбори неразбирливо и напаѓа. Гради чувство, никогаш аргумент. Логиката му е непријател. Целта на говорот на Трамп е да замагли, да замати. Дури и кога го чита говорот што очигледно го напишал некој друг, како што беше случај во ОН, незапирливо се вплеткува во реторичко заташкување. Додека Тунберг беше на Климатскиот самит (Трамп намина само на момент), претседателот држеше говор на собир посветен на верските слободи. Човек што својот мандат го започна со наметнување забрана за муслиманските патници, за да продолжи со сведување на дозволениот број на бегалци во САД на историски минимум, оджа говор за тоа како Америка им помага на луѓето прогонувани заради верските убедувања, каде било во светот.

Тунберг и Трамп имаат спротивни гледишта: таа го гледа универзумот како морален; тој верува дека е гнил. Таа верува во идеите на доброто и злото, тој е нихилист. Во својот говор во ОН, Тунберг рече: Ако навистина разбирате каква е ситуацијата и понатаму не преземате ништо – тоа би значело дека сте зли, а јас одбивам да поверувам во тоа“. Еден ден порано, претседателот во Белата куќа разговараше со новинарите за пријава на вознемирувач која наводно се однесува на дел од телефонски разговор на Трамп со украинскиот колега, во јули годинава. „Разговорот што го водев, главно беше честитање, главно корупација, целата корупција што се случува, главно факт е дека ние не сакаме нашите луѓе, како потпретседателот Бајден и неговиот син, создаваат повеќе корупција која веќе ја има во Украина“, изјави Трамп. Во мера во која оваа реченица може да се толкува како да има смисла, се чини дека го одразува уверувањето на Трамп дека светот е корумпиран, дека со светот владее корупција и дека е осуден на корупција. За да некој биде успешен мора да биде уште покорумпиран од другите.

Пораката на логика која ја упатува Тунберг, со длабоко убедување дека човештвото е способно за морална акција, допира до нас токму заради тоа што живееме во време во кое доминира човек што постојано блуе бесмислици, потпирајќи се врз претпоставката дека светот е расипан до срж.

Тунберг ме потсетува на советските дисиденти кои ја растераа маглата на пропагандата на доцниот тоталитаризам со инситирањето сериозно да ги сфатиме зборовите кои одмана беа лишени од смисла. Ги бараа своите права кои им ги гарантира советскиот устав, како што е правото на мирно собирање. Сите веќе одамна знаеја дека законот е само мртво слово на хартија, но тие почнаа да се однесуваат како зборовите да имаат смисла. Ги праќаа во затвори и психијатриски болници, ги исфрлаа од државата, но тие и нивните пријатели беа упорни, зашто тоа се прави ако универзумот е морален. Немаа доказ дека е морален, но упорно се однесуваа како да е таков, со својата волја ја воведуваа подобрата иднина во постоењето. Нивниот морален авторитет потекнуваше од едноставниот херојски чин: логичното и доследно однесување. Тоа е изворот на авторитетот на Грета Тунберг. Таа не лета со авион. Во Соединетите држави дојде со едрилица. Низ Европа патува со воз. Дома, во Стокхолм вози велосипед. Купува употребувана облека. Изгледа поситна и помлада отколку што ѝ е возраста; со своите плетенки личи на девојче од детска сликовница, каде сигурно би била опкружена со призори од природата. Нејзината спротивност е маж во преголем, светнат костум – сè во врска со него е претерано, вклучувајќи ја и должината на неговата вратоврска. Изгледа постар отколку што е, како лоша реклама за лосион за сончање. Доволно е да го погледнете и да го слушнете па да ве обземе срам.

Трамп често и неправедно (кон децата) беше обвинуван дека се однесува како дете. Балоните во облик на „бебето Трамп“ се користат за тролање на претседателот ширум западната хемисфера. Тунберг е дете. За разлика од многумина млади активисти, таа не се облекува, не се однесува и не зборува како минијатурна верзија на возрасна личност. Кога активистите од движењето „Изгрејсонце“ се соочија со сенаторката Фајнстајн, тие ѝ се обратија во идиомот на постоечкиот политички процес: „Ние слушаме што ни зборувате, но ние сме луѓе што гласаме за вас; вие треба да нè слушате нас“. Фајнстајн веднаш ги укорила тинејџерите затоа што глумат возрасни. Тунберг е дете што ги прекорува возрасните за неуспехот со кој ги присилуваат децата да преземат акција. Таа ги разоткрива измамите на секој политички слоган кој се темели на претстава на децата како човечки суштества на кои им треба заштита. Нејзиниот активизам не е обид да учествува. Таа интервенира.

Извор: The New Yorker