Ноември

02.11.2019 01:07
Ноември

November (од латинскиот број novem „девет“) или mensis November некогаш бил деветтиот од вкупно десетте месеци во стариот римски календар. Исто како и во нашиот календар, следел веднаш по октомври (October од octo „осум“), а му претходел на декември (December од decem „десет“). Кога по реформите на календарот годината добила дванаесет месеци, ноември станал единаесеттиот месец во календарот, но си го задржал името „деветиј“.

Божицата што Римјаните најчесто ја поврзувале со ноември била Изида, египетската божица на плодноста, љубовта и медицината, сестрата и жената на Озирис и мајката на Хор. Во времето на царството, од 28 октомври до 4 ноември во Рим се одржувал фестивал посветен на Изида. Култот на Изида се појавил во Рим уште кон крајот на 3 век стара ера. На почетокот, неговите следбеници, обично од редот на посиромашните граѓани, биле на многу лош глас. Сенатот во неколку наврати носел одлуки за рушење на сите храмови и олтари на Изида, но попусто. Египтоманијата, а со тоа и почитта кон Изида, во Рим земале сè поголем и поголем замав: богатите Римјани си ги украсувале вилите со египетски мотиви, а мистериите на Изида тајно се одржувале на територијата на цела Италија. Во времето на царството дошло до пресврт: Калигула ѝ изградил храм на Изида на Марсовото поле, а божицата била почитувана и од речиси сите императори по него. Кога почнало да се шири христијанството, култот на Изида полека бил истиснуван, но во некаков облик се задржал сè до 4 век нова ера.

Ова на сликата е статуа на Изида од мермер од 1 или 2 век нова ера. Најдена е во вилата на Хадријан во близина на Тиволи. Во десната рака Изида држи штракало (sistrum), музички инструмент што во Рим се користел на богослужбите во чест на божицата, а во левата рака држи бокалче со вода. Денес оваа статуа може да ја видите во Капитолските музеи во Рим.

 

Слични содржини

Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото