Доминантната жена во патријархалниот свет: Архетипот на Хера во психотерапијата

18.11.2019 02:44
Доминантната жена во патријархалниот свет: Архетипот на Хера во психотерапијата

Светот на бајките на Дизни, грчката митологија и реалноста во која живееме се испреплетени во клопче кое е мошне интересно да се обидеме да го расплетеме. Според Јунг не постои ниеден вид емоција, комплекс, конфликт, дијагноза која човекот може да ја почувствува, а веќе да не е опишана во бројните митови од Олимп. Во светот на Дизни можеме да пронајдеме мноштво митови кои се преработени и прилагодени за децата, но суштината и јадрото на ликовите (архетипот) главно останале неизменети и лесно препознатливи. На пример, Ѕвончица на Дизни, која со љубомора, сплетки, посесивност и бескомпромисна лојалност се обидува да го освои вниманието на Петар Пан, неодоливо потсетува на величествената грчка божица Хера.

Хера претставува архетип на верна и посветена сопруга. Односот помеѓу Зевс и Хера е проткаен со силни и интензивни емоции, но е нестабилен и импулсивен (со еден збор - амбивалентен). Тие се мразат и сакаат, театрално се караат и се смируваат; додека таа му е посветена на односот, тој е промискуитетен. Во својата опсесивна желба да го сочува бракот, несигурна е во себе и склона кон интриги. Нејзината личност е проткаена со манипулативност, завиена со љубомора. Тие постојано танцуваат на границата на љубовниот занес и бесот.

Во тој љубовен танц Хера често ги губи балансот, ритамот, чекорите, врската со него и со себеси. Емотивно ранлива, желна за љубов и поводлива, Хера го прифаќа секое објаснување на Зевс и после бучната кавга повторно ужива во љубовта, простувајќи му ги неверствата. После бурата, задолжително следува затишје, помирување и божествена гозба на Олимп. И така во круг - цела вечност.

Што се случува со Хера во тој дисфункционален круг? Таа гори од желба да биде сакана а не ја добива потребната љубов. На најмалиот недостаток на внимание станува анксиозна, но исто така и малиот знак на внимание го топи нејзиното срце. Нејзиниот апетит за љубов е сосема незаситен, посесивна е и Зевс го става пред самата себеси. Сака секој слободен момент да го помине со него, да го поседува и да го контролира. Таа е прототип на преокупираната партнерска поврзаност и на љубовниот стил Манија. Силните љубовни чувства, љубомората, компулзивната загриженост за иднината на односот, недостатокот на самопочит, опсесивната потреба за љубов и покорност на Зевс, го одржуваат магичниот круг на токсичната љубов во која Хера во еден момент е еуфорично среќна и заљубена, а во друг екстремно бесна или тажна.

Иако врховна божица, впрочем Хера е мошне ранлива и емотивно дисфункционална. Нејзиниот идентитет константно е подложен на промени и се менува во склад со однесувањето на Зевс. Нема контрола над нејзината моќ, но неговото влијание е толку силно што најмоќната божица од Олимп нема волја да живее доколку тој не ја забележува. Сета нејзина сила лежи заробена во сенка чекајќи внимание од Зевс, а тој тоа го прави дозирано - само колку да ја одржи во живот. Животните на Хера се паунот и кукавицата - кога е во центарот на неговото внимание се перчи како паун, а кога е во сенка на многубројните љубовници - како кукавица не престанува со тажни и очајнички крикови да го потсети Зевс на своето присуство и својата величественост, за тој повторно да ја постави на пиедестал.

Иако владее од Олимп, самопочитта на Хера е многу мала. Како Персефона моќта ја црпи од партнерот (иако и без него е многу моќна), за разлика од Хеката која моќта ја црпи од себеси. Нејзината подреденост на Зевс, потребата за живот во симбиоза доведува до губење на идентитетот и емотивен слом веднаш кога ќе почувствува дека Зевс го насочува своето внимание кон некоја друга, додека во живот ја одржуваат трошки љубов. Тешко е да се разбере Хера надвор од симбиозата.

Дали опстанокот во дисфункционален однос произлегува од желбата да го заштити својот статус и својата положба или од чиста љубов кон Зевс? Или можеби однесувањето на Зевс ѝ овозможува да ги задоволи своите мазохистички пориви? Зошто Хера останува и упорно го штити својот брак? Можеби не смее да си замине поради патријархалното воспитување? Можеби нема каде да оди? Можеби едноставно се плаши да почне нов живот? Можеби не сака нов живот со оглед на годините, љубовта, страста и жртвата која ја поднела за да го изгради овој? Од одговорите на поставените прашања се наѕира улогата на Хера во психотерапијата.

Основната карактеристика на Хера - мазохистичката зависност од Зевс - може да се преслика на бројни партнерски односи во реалниот свет. На сите ни се познати приказните за изневерените жени, злоставувани од страна на мажите (вербално, физички) или за оние кои остануваат во партнерски однос и опсесивно се обидуваат да го одржат иако не им одговара. Во архетипот на Хера може да се огледаат многу жени.

Љубомората, посесивноста, контролирањето на партнерот наспроти слободата и довербата се романтизирани и препознаени како знак за интензитетот на љубовта и желбата за заштита на односот, а не како љубовни мори, односно тивки убијци на партнерскиот однос. Кога жената во која доминантниот архетип на Хера ќе се освести и ќе одлучи да ги прекине дисфункционалните обрасци, потребна е емпатична поддршка од терапевтот за да го поврати балансот во својот живот. Улогата на терапевтот се согледува во освестувањето на архетипот на Хера кој ја отсликува идејата дека сидрото на моќта е во нас, дека сме целосни и без партнер, дека можеме да го сакаме партнерот но и да го задржиме својот идентитет без спојување со неговиот. Хера ги претставува нашите ниски страсти, првиот одговор на телото, убод на шкорпија директно во срцето или стомакот, во ситуација кога другата личност е преокупирана со вниманието на партнерот.

Прифаќањето на архетипот на Хера е рационализирање на тоа чувство, каде терапевтот создава сигурен простор за клиентот, во кој заеднички ќе работат на зајакнување на клиентот преку демистификација на љубомората во партнерските односи, разликување на зрелата од токсичната љубов, зајакнување наспроти давање моќ на партнерот да ја одземе таа сила. Со самото тоа клиентот ќе се охрабри да пресече како со меч и да замине од дементорскиот партнер кој ја црпи моќта преку бакнежи и на тој начин ќе создаде плодно тло за развој на љубов и нежност кон себеси.

Слики: Brandi Read

Извор: http://www.psihobrlog.com