Тука мора да има крв!

17.01.2023 15:24
Тука мора да има крв!

 

Клиничкиот психолог Џорџ Атвуд пишува за неопходноста од борба гради в гради со светот на пациентот кој останал замрзнат од траума, борба во која секогаш се пролева крв за време на психотерапијата.

 

Лутината во психотерапијата

Што е всушност психоанализа и која е основната задача на секој психоаналитичар? Според Фројд, психоанализата е постепено проширување на несвесното во просторите на свеста, а задачата на аналитичарот е да му помага на клиентот во овој процес, како неутрален и објективен набљудувач.

Сосема спротивна е перспективата на американскиот психоаналитичар Хајнц Кохут, според кого аналитичарот не е и не може да биде неутрален и објективен. Според Кохут, успехот на анализата зависи од тоа колку аналитичарот може да дозволи на него да се влијание, односно колку може да дозволи неговиот клиент да го „вовлече“ во својот свет. Само кога се заедно во тој заеднички свет на регресија, терапијата може навистина да започне. Во таа насока, уште подалеку отишол следбеникот на Кохут, американскиот психоаналитичар Џорџ Атвуд. Според Атвуд, причина за психолошките проблеми е т.н „психолошка смрт“, искуството дека сите мои намери, желби и амбиции се толку лоши и толку зли, што морам да се откажам од сите нив. Затоа психоанализата е простор каде намерите, желбите и амбициите можат да почнат одново, но овој пат тие се активираат со надеж дека ќе бидат препознаени и прифатени. Лутината е овде „позитивен“ афект.

Оптимална фрустрација

Бидејќи сите намери, желби и амбиции се секогаш од деструктивна природа, задачата на аналитичарот е да ја прифати оваа борба за живот и смрт, со цел и двајцата да излезат живи од неа. Тоа е продолжение на идејата на Кохут за психоанализата како оптимална фрустрација. Според Кохут, клиентот за време на терапијата неизбежно се чувствува разочарано и фрустрирано. Поконкретно, кај него мора да се активира поголем или помал степен на лутина насочена кон аналитичарот. Меѓутоа, тоа разочарување, или фрустрација, овојпат е во границите на прифатливото. Со други зборови, сега може да се дискутира за потребата на клиентот да го уништи својот аналитичар. Често и со голема доза на хумор, што е знак дека бесот конечно е препознаен и интегриран на општествено прифатлив начин.

Во врска со тоа го споменувам написот - „Тука мора да има крв“, од Џорџ Атвуд, во кој тој ја гледа психоанализата како простор за борба за живот и смрт. Но, пред тоа би кажал неколку зборови за важноста на искуството на намерата, желбата или амбицијата, во изградбата на психолошката структура.

Имено, многу современи филозофи од дваесеттиот и дваесет и првиот век психолошката структура ја гледаат како намера, желба или амбиција која е препознаена од околината. Со тоа тие се надоврзуваат на филозофијата на феноменологијата на Морис Мерло Понти, според кого личноста, т.н. себство (self), е всушност отелотворена намера - „живо тело“. Но, човечкото тело може да биде субјект и објект.

Телото е субјект кога неговите намери можат и смеат да се доживеат. Телото е објект кога неговите намери се негираат и потиснуваат. Кога зборувам за проблемот на психоза и шизофренија, мислам на состојбата кога личноста го гледа своето тело како објект, целосно испразнет од било каква желба, намера или амбиција. Постои и име за детето кое не смее да го поседува сопственото тело. Тоа е т.н „Декартовско дете“, кое живее исклучиво низ своите мисли, односно кое живее во својата глава, одвоено од телото.

Дисоцијација

Еве како еден клиент со дијагноза на шизофренија ја опишал состојбата на дисоцијација:

„Од кога знам за себе, не сум во добри односи со своето тело. Како мојот ум и моето тело да се многу далеку еден од друг. Како мојот ум да е мал куклар, мајстор на куклите, кој седи во мојата глава и го контролира моето тело од далечина. Накратко, имам чувство дека не сум поврзан со моето тело. Како да е тоа мој продолжеток, кој виси некаде под. Подобро би било воопшто да го немам“.

Според Џорџ Атвуд, дури и таквата состојба на отуѓување може да се излечи доколку клиентот еднаш ги активира своите намери. И тоа е вистинската задача на аналитичарот. Во анализата да се создаде простор во кој клиентот ќе ги иницира и насочува своите деструктивни намери. Но, не кон таткото или мајката кои не се присутни. Тие треба да се активираат овде и сега, и да се насочат кон лицето кое е присутно, а тоа е аналитичарот. Тогаш започнува вистинската борба, лице в лице. Според Атвуд, само оваа форма на длабинска терапија ќе создаде трајни промени.

Следи статијата „Тука мора да има крв“, од Џорџ Атвуд:

Тука мора да има крв

Пред неколку години, седев во публиката на голема психоаналитичка конференција каде познат психоаналитичар ја опишуваше терапијата на човек кој страда од т.н. опсесивно-компулсивни неврози. Тој страдал од два компулсивни симптоми кои биле присутни многу години пред пациентот да започне со анализата. Прво, секое утро, а честопати и во други периоди во текот на денот, пациентот чувствувал дека мора да го отвори секој плакар во неговиот дом и да ја извлече секоја фиока. Потоа ги затворал плакарите и ги туркал фиоките назад. И второ, секој ден морал да се поклони кон север, југ, запад и исток - секогаш по тој одреден редослед.

Познатиот аналитичар зборуваше за развојот на психотерапевтскот однос кој се одвивал три пати неделно во период од седум години.


Централното место во анализата го заземаа темите за натпреварување со браќата и сестрите, проблемите со навикнувањето на одење во тоалет во раните години и борбата со перфекционизмот на родителите. Беа толкувани и соништата кои се јавиле за време на анализата. Забележано е дека пациентот секогаш доаѓал на време, редовно му плаќал на својот аналитичар и дека бил беспрекорно облечен во секоја фаза од терапијата. Се чинеше дека анализата во целина била пристоен разговор помеѓу клиентот и аналитичарот, а симптомите со кои пациентот дошол на лекување - плакари, фиоки и поклонување на сите страни на светот - со текот на времето се повлекле и исчезнале. Затоа аналитичарот заклучил дека го „излечил“ својот пациент од невроза.

Јас сè уште се сеќавам на чувството како нешто да ме боли во желудникот додека ја слушав таа елегантна презентација.

„Нешто не е во ред тука“, реков, „тоа е едноставно премногу совршено“.

Затоа решив да поставам прашање, што веднаш и го направив: - „А каде е тука крвта?

Покорност

Продолжив да толкувам дека иако јас никогаш не би рекол дека некого сум излечил од нешто, ситуациите во кои сум помагал некому секогаш ме оставале облеан во крв. Таа крв настанала од враќањето на траумата од минатото, од тврдоглавиот отпор, од несогласувањето на моите искуства и искуствата на пациентите, од воскреснувањето и повторното преживувањето на одамнешните повреди, од свежите рани во сегашноста, создадени од мојата бесчувствителност и глупост, од потребата на пациентот да најде некој против кој ќе се бори.

Потоа, на познатиот аналитичар му понудив алтернативно толкување на студијата на тој случај. Реков дека отсуството на крв можеби е знак дека ништо суштински не се променило во животот на пациентот, над кој инаку доминираше „покорноста пред авторитетот“. Секојдневно, животот на пациентот се организирал околу темата покорност, околу одржувањето на постоечкиот ред. Дали е можно, продолжив, наместо првобитните симптоми на опсесивно-компулсивно нарушување - плакари, фиоки и поклонување, едноставно да се појавиле нови симптоми: редовни посети на психоаналитички сесии и совесно плаќање на хонорарот? Дури се осмелив да кажам дека пациентот можеби му се поклонува на својот аналитичар наместо на север и југ. Но, дали е тоа навистина напредок, или сè е по старо?

Продолжение

Неколку постари аналитичари, кои седеа во публиката, веднаш станаа како еден, откако ги прогласија моите забелешки и прашања за будалаштини. Тие дури и ги прашаа присутните дали има смисла да се оценува анализата според тоа дали аналитичарот е натопен во крв или не. Почувствував дека немам пријатели во салата.
Сепак, има и кратко продолжение на таа приказна. Седнав со познатиот аналитичар неколку минути по неговиот говор и го прашав за моменталната состојба на неговиот пациент. Тој рече дека пациентот бил многу возбуден што сега се дискутира за неговиот случај на состаноци ширум земјата. Имено, аналитичарот добил писмена дозвола од пациентот за јавно објавување на белешките од терапијата.

Тогаш на аналитичарот му го поставив следново прашање:

„Дали пациентот би се осмелил да го одбие аналитичарот за објавување на белешките, ако случајно мислел поинаку? Бидејќи знаеме како пациентот имал потреба да ги задоволи сите авторитети?"

Аналитичарот се замисли за момент, а потоа одговори: „Па, можеби и не“.

Затоа мислам дека мора да има крв.

Борба

Еден ден додека седев со познатиот аналитичар Бернард Брендшафт во задниот двор од неговата куќа во Бел Ер, тој ми го рече следново: „Знаеш, Џорџ, во секоја длабинска психотерапија секогаш постои однос на борба лице в лице“. Знаев дека дефинитивно е во право. Вистинската психотерапија е секогаш борба гради в гради, и секогаш се пролева крв.

Во оваа битка која се одвива за време на терапијата, противник не е пациентот. Противник е светот од кој доаѓа пациентот, а тој свет е претежно замрзнат во траума, и во тој свет доминираат решенија кои се одамна пронајдени или конструирани. Тоа е свет на минатото кое не останало минато, туку трае и денес. Тоа е историја која се живее и се преживува во вечната Сегашност. Иднината во тој свет не е царство на можности, чија содржина може да се одреди. Наместо тоа, иднината е фиксирана и засекогаш осудена на повторување на минатите теми во бескрајно повторување.
Затоа постои вечна борба помеѓу светот на минатото и новиот свет. Новиот свет на почетокот се манифестира како подрачје на потенцијалот, и потребни се исклучителни, па дури и херојски напори, за конечно да се воспостави тој нов свет еднаш засекогаш. Терапевтот е претставник на тој друг, нов свет. Тој е испратен од иднината да се бори против силите на темнината кои го држат пациентот во затвор.

Во оваа борба, од особено значење е присуството на терапевтот како човечко суштество. Тоа е вистинска „војна на световите“, тоа е борба до последната капка крв. И на клиентот, и на аналитичарот. Знам и многу примери од праксата кои можат добро да ја илустрираат оваа голема борба. Еднаш имав можност да работам со жена која за време на нејзиното детство била жртва на долгорочна и многу сурова сексуална злоупотреба од страна на нејзиниот татко и постариот брат.

Темнина

Клиентката била жртва на злоставување од својата четврта до десеттата година. Меѓутоа, сите сеќавања на тие настани сосема исчезнале, особено во текот на тинејџерските години. Сеќавањата почнаа да се враќаат во раните фази на нејзината терапија. Ми пишуваше писма, пишувани со нејзината сопствена крв, кои зборуваа за нејзината омраза кон себе, како и за нејзината неискажлива потреба да стави крај на својот живот.

Единственото нешто што можев да направам за да го спречам нејзиното самоубиство беше да разговарам со неа секој ден, во текот на неколку години. На почетокот на нејзиното тешко патување, мојата пациентка беше во постојан мрак на повторно преживување на првобитната траума. Се чинеше дека единственото нешто што ја одржува во живот беше тоа што ѝ бев на располагање секој ден. Се сеќавам дека неколку колеги ме советуваа да не ѝ посветувам толку време, бидејќи постои опасност кај неа да се развие зависност која е, како што велат, нездрава. Не можев да го прифатам тој совет, и затоа се оддалечив од тие колеги. Меѓутоа, се прашував дали тие сепак се во право? Тоа беше вистинската агонија на сомневање во самиот себе.

Имено, многу лекари денес мислат дека постои скратен пат во психотерапијата на траумите. Постои мислење дека може да се применат посебни постапки кои ги заобиколуваат напорните борби со враќање на старото, борбите со застрашувачките кошмари, долгите самоубиствени депресии, опасните повторувања на првобитната траума.

Не верувам во такви брзи и, навидум, ефикасни методи. Мислам дека е многу подобро кога не се брза, доколку постои некаква шанса за трајно закрепнување и заздравување. Но, деморализирачки е да се слуша сето тоа муабетење за најновите брзи методи и решенија. Тогаш се обидувам да си кажам дека сериозните луѓе не ги сфаќаат сериозно таквите приказни.

Исцелување

Можеби се прашуваме што се случи во терапијата на пациентката, жртва на садистички сексуални напади?

Ќе ви кажам: Монт Еверест е срушен, дел по дел. Би рекол дека терапијата на толку долготрајно и трауматично злоставување е како рушење на планина од 8.000 метри, со една мала лажица. Беше потребен четврт век за да се доведе терапијата кон крајот. Да се стави крај на оваа „војна на световите“ меѓу темнината и светлината, меѓу минатото и иднината.

Во текот на долгото патување, имаше опасни обиди за самоубиство, физички напади врз мене кога пациентката ме помеша со насилниците, многу обиди за сексуално заведување, како и потсетување и преживување на секој трауматичен настан. На моменти се чинеше дека терапијата никогаш нема да заврши. Во такви случаи, искуството на пациентот е искуство на трпење нешто што е невозможно да се преживее - пациентот ќе каже дека болката е бесконечна и вечна. Но, сепак не е. Проблемот е што емоционалните повреди се сериозни и бараат долго време за да заздрават.

Тоа е сè.

На крајот, би сакал да забележам дека не сите наши психоаналитички напори се толку тешки како овој пример. Но, работата со личност во чиј живот нешто тргнало наопаку, како што рече Бернард Брандшафт, секогаш ќе вклучува борба гради в гради, лице в лице, и таа борба мора да биде крвава.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: https://psihologija.eu/

Слики: Џолин Лаи

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото