Виртуелна помош при соочувањето со стварноста

14.12.2010 15:08
VRVR.jpg

Личностите кои не умеат добро да се однесуваат во различни социјални средини признаа дека им е полесно да им зборуваат на виртуелни личности за своите мани, стравови и фантазии отколку на вистински терапевти.

Напредокот во областа на вештачката интелигенција и компјутерскиот дизајн на истражувачите им овозможува подобро да сфатат како врз луѓето влијае интеракцијата со виртуелните личности – или создавањето сопствен аватар.

Бидејќи се автономни, овие виртуелни луѓе можат да предизвикаат исти тензии како и средбите во реалниот свет. Луѓето кои имаат малку несигурно однесување занемуваат кога виртуелниот непознат нешто ќе ги праша. Во виртуелниот бар тешките алкохоличари чувствуваат силна потреба да нарачаат пијалак. Но, сега терапевтите се достапни за совет точно кога конкретните личности ќе ги почувствуваат ваквите пориви. Со експериментирање се дојде до заклучок дека луѓето длабоко ги доживуваат овие виртуелни искуства и сопствените реакции на нив, со последици кои потоа се пренесуваат во реалниот живот. Очигледно е дека виртуелните личности не се вистински личности. Некои од нив се неми, додека други се дводимензионални. Но, лицата им се подвижни и животни, говорот на телото и гестовите навидум природни, а во некои случаи се доволно добри, па со нив можете да водиме малку натегнат, но сепак уверлив разговор. Последицата од сето тоа е живоста на личноста која реагира на поттици и нема предрасуди. Канадската војска, како и војската на САД, вложуваат многу пари во истражувањето на виртуелната стварност. Програмите се користат за обука на војниците и лечењето на реакцијата на пострауматскиот стрес. Оваа нова област која ја нарекуваат кибер терапија веќе има свои критичари.

„Дури и тој пристап на функционира, ќе се случат низа непредвидени нуспојави“, смета Џерон Лание, компјутерски научник и автор на книгата „Ти не си машина: манифест“. „Мене ме загрижува падот на критериумите при одредување на човечноста, односно дефинирањето на она што е нормално врз основа на тоа што можеме да дизајнираме во виртуелното опкружување.“

Но, поголемиот број истражувачи се согласуваат дека виртуелната терапија е само терапевтска алатка која би требало да се користи само кога носи резултати. Во една студија на Институтот за креативна технологија на Универзитетот Јужна Калифорнија, истражувачите тврдат дека виртуелната личност од доверба наречена Анџелина може да го предизвика клучниот прв елемент на која било терапија: разоткривањето.

„Личностите кои не умеат добро да се однесуваат во различни социјални средини признаа дека им е полесно да им зборуваат на овие виртуелни личности за своите мани, стравови и фантазии отколку на вистински терапевти“, се заклучува во студијата. Истражувачите сега ги вклучуваат овие техники кои ги научија од Анџелина во виртуелниот агент на американската војска наречен SimCoach.

Тој не дијагностицира, вели Џонатан Греч, еден од создавачите на Анџелина. „Меѓутоа, SimCoach ќе ги праша луѓето дали сакаат да разговараат со терапевт.“ Потоа, терапевтот може со виртуелна технологија да ги симулира заканувачките ситуации, па постепено да ги води пациентите низ нив, приспособувајќи го интензитетот на искуствата. Исто така, за потребите на американската војска психологот Алберт Рицо направи програма за ветераните од војната во Ирак. А во истражувањето што се спроведува на калифорнискиот универзитет Дејвис, истражувачите се обидуваат да ги подобрат способностите на аутистичните деца да размислуваат и да зборуваат за себе. Слични надежи негуваат и за личностите кои страдаат од агорофобија и од слични нарушувања. Според истражувањата изведени минатата година на универзитетот во Квебек, пациентите кои оделе на виртуелна терапија оствариле слични позитивни резултати како и оние кои оделе кај вистински терапевт, и тоа без да вежбаат интеракција во реалниот свет, зашто во иста мерка се соочиле со ситуациите од кои најмногу се плашеле. „Самите виртуелни личности не мораат да бидат особено реалистични за да се посака саканиот ефект“, изјави психологот Стефан Бурхарт, водач на кибер терапевтската програма на овој факултет.

Во Лабораторијата за виртуелни човечки реакции на калифорнискиот универзитет Стенфорд, неодамна Џереми Бејленсон, водачот на оваа лабораторија, со колегите набљудувал 50 студенти кои се согласиле да преземат виртуелно тело, односно аватар, преку користење наочари и слушалки за виртуелна стварност. Студентите учествувале во игра со преговарање. Некои од аватарите биле повисоки од своите човечки паралели, додека други биле пониски. Оние кои биле повисоки разговарале многу поагресивно од оние кои се намалиле. Едно подоцнежно истражување покажало дека овој ефект се пренело и на преговорите во четири очи.

Научниците докажаа дека сличниот ефект лежи и во проучувањето на привлечноста. „Зачудувачки е колку малку виртуелната личност треба да направи за да се остварат значителни последици во однесувањето“, изјави докторот Бејленсон. Најновото истражување што го води Мел Слејтер, компјутерски научник на универзитетот во Барселона, покажа дека мажите, на пример, ментално ќе го преземат телото на жената ако тоа е тело што го населуваат во виртуелниот свет. „Можностите се неограничени“, возбуден е доктор Слејтер. „Можете расист да ставите во тело на личност од друга раса.“ Некои сметаат дека овие експерименти се ослободувачки. Гери, државен службеник во учествувал во истражувањето на анксиозноста во Квебек, ни рече: „Одличната работа во врска со тоа е што можете да направите што и да посакате и да видите што ќе се случи. Можете да вежбате“.

Извор: Њујорк тајмс

нажалост сосема вистинито

нажалост сосема вистинито