Отворање на галерија „Метаноја“ и изложба на Тони Попов

04.12.2019 12:30
Отворање на галерија „Метаноја“ и изложба на Тони Попов

Издавачката куќа „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ го претставува новиот проект - „Метаноја“ галерија.

„Идејата за овој проект произлезе од визијата за интеракцијата на културата и верата во општеството, а во што уметноста играла и игра клучна улога. Се надеваме дека галеријата ќе донесе скромен придонес кон остварувањето на оваа визија и на многу уметници ќе им даде можност да ја прикажат својата имагинација, приближувајќи нѐ кон возвишеното“, велат од „Метаноја“.

Галеријата „Метаноја” ќе се отвори со изложбата „Бев загубен” на Тони Попов на 4 декември, во 19 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје. Настанот ќе го отвори м-р Нада Милкова, директорката на “Метаноја“, а потоа за изложбата ќе говорат д-р Коста Милков, директор на „Балканскиот институт за вера и култура“, Никола Пијанманов, ликовен уметник, а на присутните ќе им се обрати и Тони Попов, автор на изложбата. Отворањето ќе биде проследено со музички илустрации на Благој Ламњов, на кларинет.

„Галерија „Метаноја” го почнува својот живот за уметноста, за убавото инспирирано од возвишеното со цел луѓето во Македонија да ја согледаат површноста на грдотијата и да се посветат на убавото, така што по макотрпната посветеност на таквите дела како заедница ќе дојдеме до оној миг на слатка исцрпеност и заедно со бардот ќе заклучиме: „Убавино, ти ме заморуваш веќе”, вели Коста Милков.

За изложбата „Бев загубен“

Целта на изложбата „Бев загубен“ е да се истакне вредноста и убавината на предметите кои во нашето секојдневие не ги забележуваме. Заборавени, фрлени, предмети оставени на забот на времето, токму на такви рециклирани материјали се насликани делата на Попов. На дрвото, хартијата и картонот, авторот успева да им вдахне нов живот, создавајќи уметничко дело. Со истакнување на потеклото на секој предмет, останува забележана неговата историска и сентиментална вредност.

Насловот на изложбата е инспириран од познатата химна „Милост Божја чудесна“. Како и во химната каде што загубениот човек целосно трансформиран од Божјата милост се наоѓа себеси, така и овие загубени предмети во допирот со убавината и уметноста се трансформираат во нешто ново, трајно.

„Бев загубен“ е изложба составена од 21 слика со фигуративна тематика, а се изработени во акрилна или маслена техника.
Ликовниот уметник Никола Пијанманов за изложбата „Бев загубен“ на Тони Попов:

„Во најновиот ликовен проект ,,Бев загубен“, Тони Попов повторно прави реконструкција на спомените. Уметникот, по талкањето низ лавиринтите на светот, се враќа дома. Како во библиската парабола за Блудниот син. Бев изгубен, но сега сум пронајден! Рециклираните материјали врз кои ги гради новите дела, се отсечоци од големата одисеја. Тоа се предмети – патокази, тие не се обични објекти, туку подлоги врз кои ќе го живописа својот дневник, храм. Тие се крик на покајанието. Како давеник кој исфрлен во океанот, се држи за парче дрво од некој распарчен брод. Патината врз тие предмети е есенцијална. Сите тие ќе се преобразат во творечкиот оган на себепрепознавањето и себеоткривањето. Стануваат дела. Штиците од домот на неговото детство, парче од дрвената скала, скршено огледало во кое сме се созерцале, (некогаш), збрчкана хартија со заборавен автопортрет, кутии и корици од прочитаните книги... Тони Попов во оваа изложба, им оддава почест на невидливите предмети кои станале сликарски подлоги. Една минијатура со исцедена боја и дотрошена туба врз парче картон е исто така автопортрет. Уметникот се троши себеси за да го обои сивиот свет.“

За авторот Тони Попов

Тони Попов е уметник кој твори во повеќе медиуми, но најблиски му се сликарството и поезијата. Роден е во 1975 година во Скопје. По долгогодишното пишување поезија, во 2011 година почнува да се занимава со сликарство како самоук сликар. Неговите талент, вештина и контемплативна креативност се забележани од љубителите на сликарството, но и од уметничките критичари. Досега има реализирано три самостојни изложби, а учествувал во повеќе групни изложби во Македонија и во светот. Покрај сликањето, Попов оджрува теоретски и практични работилници за млади сликари во Осло, Норвешка. Неговите дела досега се продадени во единаесет земји. Живее во Охрид, заедно со својата сопруга и трите деца.