Попреченост, дискриминација и желбата да те нема

25.02.2020 15:01
Попреченост, дискриминација и желбата да те нема

Размислување во одговор на вознемирувачкото видео на Кваден Бејлс, деветгодишно дете со состојба на ахондроплазија, кој е континуирано жртва на врсничко насилство на училиште, и посакува да се самоубие.


Во мојот случај се работи за псевдоахондроплазија. Не се сеќавам некогаш на училиште да биле насилни кон мене поради мојот џуџест раст (ниту од некоја друга причина). Секогаш имало еден или повеќе ученици одредени да ми помагаат, часовите беа одржувани во пристапни училници, а училиштата се обидуваа да одговорат на мојата попреченост најдобро што можеа, на разни начини. Некои од тие начини се дури незамисливи денес – најрадикално, социјалистичкиот систем за осигурување на социјално загрозени и лица со попреченост ми обезбедуваше приватен превоз до училиште и назад (луксузен комунизам, а?). Се вложуваше многу труд во мојата социјализација и институционално и меѓу моите врсници.

Како и да е, и покрај исклучителната поддршка и приспособувања, сепак не можев да избегнам да се чувствувам поинаков. Во многу активности од децата се очекуваше да бидат агилни за да исполнат некое очекување, да остварат некоја цел, да преземат некаков ризик, да откријат нешто. Децата ја забележуваа оваа разлика меѓу нас, и ги прашуваа за тоа своите родители, на кои им беше срам да објаснат. Пошироко, учителите и родителите не се осврнуваа на разликите и не ги афирмираа разликите во цел еден дијапазон на попречености, специфичности и позадини кои ги имаа децата – на некој начин тоа би им покажало на децата дека сите се разликуваме на повеќе начини и дека тие разлики нѐ прават уникатни. Сите овие фактори се спојуваа во една порака: само некои деца се различни. Како дете – дури и да имаш незначителна попреченост – многу брзо учиш да ја интернализираш таа порака, толку многу што започнуваш да ја презираш сопствената различност, да се самосожалуваш, да посакуваш да не си она што си, и, како во случајот на Кваден Бејлс, да посакаш да те нема.

Парадоксално, учиш да го репродуцираш истиот механизам на создавање другост кај другите кои се некако поинакви. Како дете со попреченост започнуваш не само да ја презираш сопствената попреченост, туку и разликите кај другите деца да ги сметаш за достојни за издвојување и избегнување. Ако две личности се дискриминирани не мора да значи дека се сојузници. Неуспехот да се адресираат различностите може да има крупни ефекти. На пример, секогаш ми велеле дека важен е умот, а не нозете - компензациско тврдење кое не само што ги негира телесните аспекти на постоењето, туку исто така ja легитимизира ненаклоноста на училиштата кон оние кои се мачат со учењето. Во моето училиште ова најчесто се однесуваше на ромските деца. Така синџирот премолчувања репродуцира исклучувања кои се одредувачки за идните животи на децата. 

Интернализираното чувство на неадекватност само се зајакнуваше откако се вратив од СССР помалку подвижен како резултат на серија операции, а периодот на адолесценција зеде залет со поинакви шаблони на социјализација. Овие шаблони веќе не беа концентрирани дома ниту на училиште, на игра ниту на учење, па така, додека за моите врсници се ширеа регистрите на социјалното искуство, мојот социјален свет како сѐ повеќе да се стеснуваше. Оваа неможност да пристапам до голем дел од социјалниот свет на моите врсници, вклучително и романтичните врски и сексуалноста, ја трансформирав во чувство за сопствената абјектност.

Гледајќи наназад, речиси целата таа декада, од мојата 11 до 20-годишна возраст е време на кое не би сакал да се навраќам. Јасно е дека многу адолесценти се мачат да си го најдат своето место, но попреченоста лесно додава чувство на неотстранлива стигма. Од овој тежок период се извлеков дури кога почнав повеќе да се социјализирам на факултет.

Сега, влегувајќи во средни години, веќе не се чувствувам неадекватен или абјектен; само поинаков. Ограничената мобилност и околината се секогаш тука за потсетување. Сепак, моето сепство во голема мера е резултат на моите дејства и на светот на меѓузависности што го оформувам преку моите дејства. Се чувствувам поддржан исто како што се трудам да им обезбедам поддршка на останатите. Самиот ги поседувам добрите и лошите страни на мојот живот. За тоа беа потребни уште дваесетина години.

Сепак, во овој живот кој излезе дека не е многу поразличен од животите на моите врсници без попреченост, имав огромна среќа да избегнам попреченост на пазарот на труд. Фактот што наемниот труд е клучен за обезбедување егзистенција и социјална помош во нашето општество, и што типичниот развој игра централно регулаторно место во генерализираниот систем на компетитивност на пазарот на труд, ги прави животите на луѓето со попреченост навистина абјектни.

Во ЕУ околу половина од работоспособното население со попреченост е активно на пазарот на труд и само половина од нив успеваат да најдат работа. Во полупериферни економии како Хрватска многу помал број бараат работа и од нив само петина се успешни во тоа. Работодавачите често преферираат да платат казна наместо да земат субвенции за да вработат работник со попреченост. Во просек, како работник со попреченост, те распоредуваат на помошни работни места, во неформалната економија или во најексплоатативни услови, подложувајќи се на злоупотреба бидејќи мобилноста на пазарот на труд ти е екстремно ограничена. Во спротивно, стануваш зависен, под услов да имаш негуватели или институции од кои можеш да зависиш. Она што претворањето во поинаков („друг“) и злоставувањето го прават во раниот развој, во зрелата доба, преку ограничувањата со кои се соочуваш на пазарот на труд и неадекватниот систем на грижа, станува трајно. Сочувството кон едно дете исчезнува кога ќе станеш возрасен и ќе почнеш да старееш.

Да ја скратам приказната. Две нешта кои животите на лицата со попреченост би ги направиле „социјално“ достоинствени: институциите мораат да го сменат начинот на кој луѓето во нив ги претставуваат и социјализираат разликите почнувајќи од рана возраст па натаму; и општествата мораат да се ослободат од пазарот на труд како примарна форма на општествена интеграција.

На насловната фотографија е авторот на текстот, на 7 или 8-годишна возраст.

Извор