Што е невродиверзитет и кои се најчестите митови врзани за концептот?

10.02.2022 12:28
Што е невродиверзитет и кои се најчестите митови врзани за концептот?

Невродиверзитетот е концептот дека постојат многу различни варијации на човечката функционалност и дека секоја варијација треба да се разбере и почитува.

Досега (но и се’ уште, на многу места), невролошките разлики како аутизмот или АДХД се сметаа за медицински недостаток. Тие сè уште се сметаат за нешта што треба да се третираат и излечат. Невродиверзитетот е алтернативен пристап кон учењето и попреченоста што го префрла фокусот од лекување кон прифаќање и прилагодување.

Движењето за невродиверзитет започна во доцните 1990-ти, кога социологинката Џуди Сингер (која е на спектарот на аутизмот), го изнајде овој збор за да ги опише состојбите како АДХД, аутизмот и дислексијата. Оваа идеологија препознава дека невролошките разлики (како што се аутизмот или АДХД) се резултат на природни варијации на човечкиот геном.


Кој е пристапот на медицинскиот модел?

Пристапот на „медицинскиот модел“ кон невролошките разлики како што се аутизмот и АДХД се фокусира на нивно медицинско третирање и сугерира дека овие невролошки разлики можат да се излекуваат и да се превенираат.

Многумина од луѓето кои го прифаќаат медицинскиот пристап кон аутизмот се залагаат за превенција и лекување на сериозните оштетувања кои можат да бидат поврзани со него. Наспроти тоа, поддржувачите на невродиверзитетот таквиот дискурс го сметаат за заканувачки и навредлив за поединците со невролошки разлики.


Митови поврзани со концептот на невродиверзитет

Мит: Невродиверзитетот не е легитимно мислење/конструкт.

Основата на движењето за невродиверзитет се состои во сфаќањето за разновидноста на мозоците и умовите. Во таа смисла, невродиверзитетот не е само мислење или конструкт, туку е биолошки факт. Неговиот чадор-термин, биодиверзитет (што значи разновидност на животот), е еднакво факт колку и невродиверзитетот.

Мит: невродиверзитетот се однесува само на аутизмот

Иако терминот првично беше скован од социологинка со аутизам, со текот на времето, движењето за невродиверзитет се прошири. Невродиверзитетот сам по себе подразбира разновидност на сите мозоци и на сите умови. Затоа тој може да се поврзе со нешта како АДХД, епилепсија итн.

Мит: движењето за невродиверзитет не препознава попречености кај невродивергентните луѓе

Социјалниот модел на попреченоста вели дека едно лице е „попречено“ кога (општествената) средина не ги задоволува нивните потреби.

Хипотетички, според овој социјален модел, доколку насекаде има рампи и лифтови на располагање на корисниците на инвалидски колички, тие не би се сметале за „попречени“, бидејќи би имале пристап до истите нешта како и луѓето што можат да одат (училишта, работни места, ресторани, итн.). Се разбира, обезбедувањето еднакви можности не значи игнорирање на тешкотиите со кои се соочуваат корисниците на инвалидска количка.

Културата и историјата може да имаат влијание врз она што го сфаќаме како „попреченост“. 

„Во зависност од времето и местото во историјата, епилепсијата можела да го направи лицето почитуван шаман или под сомнеж за демонска опседнатост.“

„Приспособувањето кон алергиите на глутен е многу полесно сега отколку пред 20 години, пред компаниите за храна да почнат да нудат безглутенски опции. Кога пченицата и 'ржта би исчезнале, алергијата на глутен никогаш повеќе не би била попреченост!“

Моделот на невродиверзитет нема за цел да се преправа дека лицата со аутизам немаат потешкотии, но овој модел исто така не претпоставува дека секоја потешкотија што ја има едно лице со аутизам претставува проблем или попреченост.

„Да не сакаш да се социјализираш е различно од тоа да сакаш да учествуваш а да не си способен за тоа. И двете се можни кај луѓето со аутизам. Едната состојба бара прифаќање, а другата бара помагање“.

Мит: движењето за невродиверзитет се спротивставува на медицинските интервенции и терапии

Иако главната цел на невродиверзитетот е разбирање, прифаќање и помош при приспособувањето на луѓето со невролошки разлики или потешкотии, постојат медицински интервенции и терапии кои се докажано корисни во одредени околности. Вообичаена заблуда за луѓето кои го прифаќаат движењето за невродиверзитет е дека тие бараат да се стави крај на медицинските интервенции и терапии.

Додека терапии како што е АБА (применета анализа на однесувањето) се доста контроверзни поради нивниот фокус на „лекување“ на аутизмот наместо пружање помош на невродивергентниот поединец, многу луѓе веруваат и во невродиверзитетот и во помошта од медицината и терапијата. На пример, еден застапник на невродиверзитетот може да смета дека АДХД не треба да се „третита“ и „излекува“, но дека тешките симптоми на АДХД кои го спречуваат поединецот да го реализира својот потенцијал во одредени области од неговиот живот може да се ублажат со помош на лекови и/или терапии.

Извор: Big Think

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото