1033 hPa
86 %
-3 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 02:59
Еве зошто здравствената заштита и биотехнолошките истражувања не треба да бидат приватни бизниси.
Во вистински дистописки пресврт на настаните, некои приматели на технологијата за бионичко око повторно ќе го изгубат видот откако нивните импланти ќе застарат бидејќи компанијата зад производите престана да ги поддржува своите корисници.
Компанијата Second Sight Medical Products е производител на визуелни протетички уреди кои им вратиле делумен вид на слепите пациенти и обезбедил импланти за очи на повеќе од 350 слепи лица.
Сепак, според истражувањето на IEEE Spetrum, компанијата пред неколку години се соочувала со банкрот и одлучила да ја прекине поддршката и помошта за своите клиенти. Луѓето се нашле во ситуација да не можат да ги поправаат протезите за очи кои им биле поставени во главата, а ниту една медицинска установа не знае како да ги замени или да ги отстрани безбедно, бидејќи фирмата што ги поставила ги чува податоците од деловни причини.
Иако првично корисна работа, имплантите почнале да се распаѓаат и да го загрозуваат здравјето на луѓето. Ништо не може да се направи законски, бидејќи тие се покриени со документација и договори, а целата работа е несреќна последица на „слободниот пазар“.
„Тоа е фантастична технологија и ужасна компанија“, изјави Рос Доер, пациент од Second Sight.
Доер добил имплант во едното око во 2019 година. Сепак, следната година тој дознал дека компанијата го отпуштила неговиот доделен терапевт за рехабилитација на видот, заедно со повеќето вработени во компанијата, вклучително и извршниот директор.
Сега, Доер и другите пациенти на Second Sight треба да се снаоѓаат со застарената бионичка очна технологија која не може да се поправи ниту надгради, иако е вградена во нивните тела. Тоа значи дека ако нешто тргне наопаку, веројатно ќе останат трајно слепи, без решение.
„Се’ додека ништо не се расипе, добро сум“, изјавува Тери Бајланд, кој добил импланти од Second Sight во двете очи. „Но, ако нешто се расипе, тешко мене. Зашто не постои начин да се поправи“.
Таков е случајот и на Барбара Кемпбел, која добила имплант во левото око. Одела низ метро станица во Њујорк кога одеднаш почнала да го губи видот: „Се симнував по скалите кога одеднаш слушнав тивок звук ‘бип, бип, бип’“, изјавува таа.
Во моментов, Second Sight планира да се спои со Nano Precision Medical, друга биотехнолошка компанија, за да избегне целосна финансиска пропаст.
Сепак, нема никакви планови да ги поддржи своите пациенти со биониски очи - и најверојатно никогаш повеќе нема да ги поддржи.
Се работи за мрачна ситуација. Компанија која користи навидум најсовремена технологија за да го подобри животот на слепите пациенти, исто така може да им ги влоши животите и да ги напушти во најлошото поради својот профит.
Ако ништо друго, тоа е добар потсетник за опасностите од потпирање на приватни компании за основни медицински производи. Затоа науката, медицината, образованието и основната инфраструктура мора да бидат доминантно јавна работа, а тие што управуваат со нив да одговараат пред народот, а не пред корпоративните газди и акционери.
Извор: Futurism.com