Ги предвидовме мобилните телефони, но не и вработените жени

26.10.2015 11:23
Ги предвидовме мобилните телефони, но не и вработените жени

На почетокот од 1999 година, за време на кошаркарски натпревар на Универзитетот Вашингтон, беше отворена временска капсула од 1927 година. Содржина на капсулата од минатото беа и пожолтени весници, паричка од десет центи со ликот на богот Меркур, студентска тетратка и градежна дозвола. Публиката веднаш негодуваше. Еден студент ги прогласи тие предмети за „глупави“.

Изгледа дека ваквото незадоволство од временските капсули стана вообичаено, вели Вилијам Е. Џарвис во својата книга „Временски капсули: Културна историја“. Насловот од списанието The Onion, вели тој, ја сумира поентата: „Свежо ископаните временски капсули се полни со бескорисно старо ѓубре“. Временските капсули рефлектираат еден вид временско искуство: ни покажуваат дека иднината не е толку напредна како што мислевме дека ќе биде, а и не доаѓа толку брзо. Во меѓувреме, минатото се покажа помалку радикално различно отколку што се надевавме.

Шок од старото

Во книгата „Предвидување на иднината“ Николас Решер пишува дека „очигледно, иднината ја набљудуваме преку телескоп и така го зголемуваме и приближуваме она што го гледаме“. Така го гледаме и минатото од другата страна на телескопот, па сè изгледа подалеку отколку што навистина е, или некои нешта во целост ги губиме од вид. Овие забелешки се применливи на технологијата. Немаме лични летечки автомобили како што предвидувавме. Ј

агленот, како што пишува историчарот Дејвид Еџертон во книгата „Шок од старото“, беше посилен извор на енергија во муграта на 21 век, отколку во мрачната 1900 година; пареата беше позначајна во 19 век, отколку во 1800 година. Но, кога се работи за културата, не веруваме дека иднината многу ќе се разликува од сегашноста, туку дека главно ќе биде иста. Обидете се да се замислите некаде во иднината. Каде мислите дека ќе живеете? Каква облека ќе носите? Каква музика ќе сакате?

Најголеми се шансите дека таа личност уште сега наликува на вас. Како што велат психологот Џорџ Ловенстин и колегите, за феноменот кој го нарекле „projection bias“ или „делумно предвидување“, луѓето главно преувеличуваат колку иднината ќе наликува на нивниот моментален живот.

Во еден експеримент прашале една група колку би платиле за да го гледаат концертот на омилената група за 10 години; други ги прашале колку би платиле за да го гледаат концертот на омилената група од пред 10 години. „Учесниците“, велат авторите на експериментот, „давале значително повеќе пари за сегашните преференци во некоја блиска иднина“. Тоа го нарекле „крај на илузијата за историјата“; луѓето веруваат дека го постигнале „моментот на пресврт“ во кој стануваат своето автентично јас. Френсис Фукујама во есејот од 1989 година „Крајот на историјата“, ја нарече западната либерална демократија еден вид крајна точка на општествената еволуција. Тоа претерано предвидување, но и преслабо, вградено е во начинот на кој ја доживуваме иднината. „Футурологијата е виновна речиси секогаш“, ми рече историчарката Џудит Фландерс, „бидејќи ретко ги зема предвид промените во однесувањето“. И, вели таа, набљудуваме погрешни нешта: „Превозот до работното место, наместо начинот на работа; само технологијата, наместо како ќе ни се промени однесувањето заради промените кои ги носи таа“. Изгледа дека предвидувањето кои ќе бидеме е потешко од предвидувањето што сè ќе можеме.

Текстуалните пораки

Како гладна личност која нарачува повеќе храна отколку што ќе сака најпосле – да го земеме примерот на Ловенстин и колегите – оние што предвидуваат покажуваат тенденција да претпостават дека она што е истакнато денес (со јазикот на бихејвиоралната економија) ќе игра важна улога и во иднината. А, што е тоа што е важно денес? Она што е ново, „дисруптивно“, и што лесно може да се сфати: новата технологија. Како што пишува теоретичарот Насим Николас Талеб во книгата „Antifragile“: „Повеќе го забележуваме она што се менува, отколку она што е поважно, но не се менува. Повеќе зависиме од водата, отколку од мобилните телефони, но бидејќи водата останува иста, а мобилните се менуваат, мислиме дека мобилните играат поголема улога, отколку што навистина е така“.

Резултатот од тоа е дека почнуваме да се прашуваме како воопшто било можно да се живее пред да се појави некоја технологија. Но, како што забележа економистот Роберт Фогел, доколку железницата не била измислена, ќе ни било подеднакво добро во смисла на економските резултати, со бродовите и каналите. Или претпоставуваме дека модерната технологија едностано ни е судена, а не дека е, како што често се случува, случајно откриена. Инстаграм почна како апликација, како Јелп, наречена Бурбн, со случајни фотографии (фотографии на мобилен телефон, дали тоа има смисла?). Испраќањето смс пораки почна како дијагностички канал за кратки текстуални пораки – бидејќи кој пред тоа ќе сакал да стиска ситни алфанумерички копчиња кога едноставно можел да зборува?

Превозот им е особено интересен на страсните футуристички шпекулации, бидејќи го носи непропорционалниот товар на одложеното исполнување на желбите (можеби бидејќи едноставно сметаме дека секојдневниот превоз е болен и нè потсетува на работата). Тагувањето заради постојаното одложување на изумот летечки автомобил се фокусира на детска желба (зошто не можеме да го имаме тоа сега?) и ги игнорира масивните екстерналитети како сообраќајни метежи во воздухот и стапката на смртност, кои би биле почести, отколку овие во возењето по земјата.

Травелаторите

„Автомобилот што вози сам“, како што ни ветуваат, радикално ќе го промени начинот на кој живееме, и притоа забораваат дека луѓето низ историјата главно настојувале да го одржат постојано времето на секојдневните патувања. „Травелаторите“ или подвижните плочници, требало да ја трансформираат урбаната мобилност; денес, кога навистина и постојат, ги превезуваат луѓето по аеродромите со брзина која е побавна од одењето. Кога размислуваме за иднината на превозот, треба да запаметиме дека денес главно се движиме со помош на старите техонологии. Додека Амазон експериментира со воздушна достава со дронови, производите кои се испорачуваат „истиот ден“ се разнесуваат во Њујорк благодарение на генијалната апликација од 19 век: велосипедот.

Еџертон вели дека „иновативно-центричниот“ поглед на светот – тие секси нешта кои „го променија светот“ – не води само во иднината, туку и во минатото. „Коњот“, пишува тој, „повеќе придонесе за нацистичките победи отколку V2“. Повеќе го забележуваме она што е измислено, отколку она што навистина се користи.

На истиот начин на кој нашата фокусираност на неодамнешните иновации предизвикува претерано да ја проценуваме нивната важност, што сметаме дека ја забрзува радикално трансформираната иднина – како што му требаше на Google Glass – погледот наназад е искривен така што некои технологии прерано ги сметаме за застарени. Знаењето за блиската иднина, како во филмот „Blade Runner“, не доаѓа толку од неприродното предвидување на идните технологии (се прикажува идентификација со гласови, но во Бел Лас уште во четириесеттите работеле на спектографска анализа на човечките гласови), туку од предвидувањето дека ќе нè вознемири мешањето на новото и старото. Филмовите кои прикажуваат униформно футуристички светови суптилно се неубедливи – повеќе како историски филмови во кои автомобилите на улиците се совршено одржани примероци (бидејќи тие се единствените преживеани). А, калта и распадот подеднакво се дел од иднината, како и од минатото.

Во сегашноста која е опседната со иновации луѓето често претерано му даваат значење на влијанието на технологијата не само во иднината, туку уште и во сегашноста. Замислуваме дека живееме во свет кој едвај можевме да го замислиме пред неколку децении. Не е невообичаено да се прочитаат вакви тврдења: „На почетокот од 20 век не можевме ни да сонуваме како ќе изгледа превозот само половина век подоцна“. А, сепак, целелините летаа уште во 1900 година; една година претходно во Њујорк, автомобил првпат уби пешак. Дали идејата за патување во воздух, или дека автомобилот ќе го промени животот на улицата, била толку невозможна за да се замисли – или тоа е само шовинизмот на сегашноста, поглед од висина на нашите безнадежно примитивни предци? „Кога размислуваме за информатичката технологија, ги забораваме поштенските системи, телеграфот, телефонот, радиото и телевизијата“, пишува Еџертон.

„Кога го славиме онлајн купувањето, од вид ги губиме каталозите за нарачување преку пошта.“ На пример, да се прочита дека филмот „Мрежа“ храбро ја предвиде доставата на пица, децении пред тоа да биде можно, значи да се игнорира прашањето колку тоа всушност е напредно: со медиум за електронска комуникација да се нарачува пица по желба во реално време е можно од шеесеттите. А кога со подземно метро појдов во кафуле за да ја напишам оваа статија и електронски да му ја испратам на оддалечениот уредник, направив нешто што можев да го направам во Њујорк во дваесеттите, на ист начин да отидам до кафулето „Roosevelt Brothers“ и да испратам телеграма, иако тоа е помалку ефективно. (Останува прашањето дали таа ефективност ми помага мене лично, или само работам повеќе за сè помали хонорари.) Очекуваме повеќе промени отколку што навистина се случуваат во иднината затоа што замислуваме дека животите ни се промениле повеќе од реалното.

Плукалниците

Во книгата „Создавање дом“, Џудит Фландерс опишува случајна референца од дневникот на Семјуел Пепис од 1662 година, за нешто што го нарекувале „сад за плукање“. Се прашува дали тоа било парче ткаенина обесена на ѕид покрај плукалникот, за да го заштити ѕидот од невнимателниот плукач. Тоа е пример за она што таа го нарекува „невидлив мебел“. Сите знаеме што е плукалник. А, сепак, многу ретко се појавуваат во книжевноста или се прикажуваат на слики, па лесно е да не се забележат иако биле вообичаени токму како и самото плукање, дури и во пристојно друштво. Фландерс пишува дека САД правно одредиле каде било дозволено плукањето: во воз, на станиците и на пероните. Во 1917 година, конференцијата на одборот за здравство во Вашингтон одредила дека вагоните „ќе имаат адекватна количина плукалници“. Денес, дури и зборот плукалник, како и самиот предмет, веќе не постојат (иако судиите од Врховниот суд и понатаму ги имаат). Не исзчезнаа затоа што некоја технологија застарела. Променето е нашето однесување.

Здравицата

И додека технолошкото минато и иднината изгледаат поразлични отколку што навистина се, нè зачудуваат и културните разлики во времето. Додека работела како советник историчар за видео играта Assassin’s Creed, Фландерс постојано морала да ги потсетува писателите од сценариото да го исфрлат зборот „cheers“ (на здравје), бидејќи „луѓето не го користеле тој збор до 20 век“.

Тогаш, сценаристите сакале да знаат што кажувале луѓето. „Им беше тешко да ја сфатат идејата дека повеќето луѓе не наздравувале. Им беше нормално нешто да се зборува како здравица, но тешко прифаќаа дека векови претходно луѓето не чувствувале потреба за тоа.“ Историчарот Лоренс Семјуел го нарекол општествениот напредок „ахилова пета“ на футуризмот. Тој вели дека луѓето ја забораваат тезата на историчарот и филозоф Арнолд Тојнби: дека идеите, а не технологијата, ги предизвикале најголемите историски промени. Кога технологијата ги менува луѓето, тоа често не е на начинот што го очекуваме: на пример, мобилната технологија не ја најави „смртта на оддалеченоста“, туку всушност ја засили моќта на урбанизмот. Машините за перење ги ослободија жените од тешката работа и, како што велат социјалните психолози Нина Хансен и Том Постмес, можеа да предизвикаат револуција во половите улоги и односите. Но, „наместо да го поттикнат феминизмот“, пишуваат тие, „прифаќањето на технологијата (барем од почетокот) овозможило појава на нова улога, домаќинка: жена од средната класа која не го искористува времето што ѝ е на располагање... за да се бунтува против структурите или да ја капитализира својата независност“. Наместо тоа, велат авторите, жените едноставно ги прифатиле работите кои некогаш ги извршувале слуги.

Ако на предметот му го одземете историското гледиште, од вид го губите историското однесување. Проекцијата на иднината често има ист проблем: предметот е во преден план додека бихејвиоралното влијание е замаглено. „Џетсоновските идеи“ за млазни ранци и оброци во таблети не беа вистински промени, туку беше променета идејата за стабилна кариера, односно општествениот ритуал на оброкот.

Еден футурист забележал дека филмот од шеесеттите за „канцеларијата од иднината“ точно ја предвидел технологијата (факсовите и слично), но несреќно промашил: во таа канцеларија не работеле жени. Сликите со автомобили без возачи од педесеттите прикажувале семејства околу игра на табла додека автомобилите ги возат по автопатиштата. А, сега, 70 години подоцна, претпоставуваме дека автоматизираниот автомобил ќе овозможи дополнително зголемување на продуктивното време, и со тоа на работните часови. Иако идејата за автомобил без возач, на некој начин, постоела отсекогаш, променета е модерната култура.

Победите

Зошто е тешко да се предвиди културната промена? Прво, веќе долго се обидувам да заборавам дека воопшто се менува. Пристрасни сме кон статус кво-то. „До неодамна, културата објаснуваше зошто нема промени, а не зошто се менуваат нештата“, пишува социологот Киран Хили. „Сфатена како монолитен блок со пасивно интернализирани норми кои ги пренесува социјализацијата и ги канонизира традицијата, се сметало дека културата го инхибира поединецот.“ А, кога ќе се промени културата, наталожените настани се изненадувачки случајни и мали.

Како што опиша авторот Чарлс Дјухиг во книгата „Силата на навиките“, еден од белезите на еволуцијата на хомосексуалните права во САД беше промената на класифицирањето на книгите за геј движењето во Конгресната библиотека од „Абнормални полови односи, вклучувајќи полови злосторства“ во „Хомосексуалност, лезбејство – геј слободи и хомофилно движење“. Таа навидум мала промена, која активистите силно ја нагласуваа, помогна да им се поплочи патот на други, многу поголеми промени (една година потоа Американското психијатриско друштво престана да ја дефинира хомосексуалноста како ментална болест). Тој ги цитира организациските психолози: „Малите победи не се поврзуваат уредно, во низа, туку секој чекор е показен и е поблизок до некоја однапред одредена цел.“

Истото можеме да го кажеме и за иднината.

Илустрации: Bob Bugg

Извор: Newsweek, 25.09.2015

ОкоБоли главаВицФото