Во тек е најголемиот проект за 3Д печатење домови

20.07.2022 14:22
Најголемиот станбен проект изграден со 3-Д печатење

Во моментов во Вирџинија, САД, се одвива најголемиот станбен проект со 3Д печатење. Во текот на следните 5 години, градежната компанија за 3Д печатење „Алквист 3Д“ планира да изгради 200 куќи во руралните делови на Вирџинија. Ако овој потфат насловен „Проект Вирџинија“ биде успешен, тоа ќе биде најдобар доказ досега дека 3Д печатењето може да помогне во решавањето на кризата со финансиски достапни станови во САД.

Во моментов за жителите на САД е неверојатно тешко да се премине од изнајмувач во сопственик на куќа. Тоа е делумно зашто просечните цени на домовите се највисоки досега, но поголем проблем е недостигот на куќи - според извештај на хипотекарната компанија „Фреди Мек“, на крајот на 2020 година во САД имало 3,8 милиони домови помалку од бројката потребна за да се задоволи побарувачката.

Нема само недостаток на домови воопшто, туку и недостаток на одредени видови куќи: онакви какви што можат да си дозволат оние кои за прв пат купуваат куќа. Најголем двигател, според „Фреди Мек“, е огромниот пад во изградбата на домови за нови семејства, помали од 1.400 квадратни метри. Во раните 1980-ти, тие сочинувале 40% од новоизградените куќи, но до 2019 година, стапката паднала на 7%.

Мноштво фактори придонесуваат за овој градежен пад, но два главни се тековниот недостиг на работна сила и растечките трошоци за материјали. 3Д печатењето може да ѝ помогне на индустријата да ги надмине и двете.

 

Куќи со 3Д печатење

Во суштината, процесот на 3Д печатените куќи е ист како и 3Д печатењето на што било друго. Прво, во компјутерска програма се креира модел на објектот. Потоа, 3Д печатач истиснува течен градежен материјал од млазницата за да го изгради објектот од основата нагоре, додавајќи слој врз слој, понекогаш со паузи за материјалот да се исуши, додека не изградбата не биде комплетирана.

Разликата е во тоа што кај десктоп 3Д печатачите, градежниот материјал е обично еден вид пластика, а површината е мала стаклена плоча. При 3Д печатењето куќи, градежниот материјал е обично бетон, а површината е земјишна парцела.

Печатачот треба да биде огромен за да изгради нешто големо колку куќа - за „Проектот Вирџинија“ „Алквист“ ќе го користи печатачот NEXCON на „Блек Бафало 3Д“, кој тежи 19 тони и може да печати структури високи до три ката.

Во декември 2021 година „Алквист“ соработуваше со „Хабитат за човештвото“ за да го изгради првиот дом отпечатен со 3Д поддржан од оваа организација. Тоа градење траеше само 28 часа, со што беа скратени 4 недели од предвидениот распоредот и трошоците за градба беа намалени за 15% по квадратен метар. Заштедите главно се должеа на потребата од помалку работници и помалку граѓа, што е и поскапо и потешко да се набави во споредба со порано.

„Алквист“ сега ја продолжува таа линија во „Проектот Вирџинија“, со планот за изградба на 200 меѓусебно слични домови во Вирџинија.

Најмалку четири различни дизајни ќе бидат искористени за проектот, а секој завршен дом ќе чини од 175.000 до 350.000 долари, според „Алквист“. Целта е да се изградат неколку куќи до крајот на 2022 година а сите 200 куќи да се изградат во рок од четири или пет години – тоа би требало да ѝ даде доволно време на групата да ги идентификува градилиштата, да ги испечати надворешните делови и да ја заврши сета друга работа што е вклучена во изградбата на една куќа.

„Проектот Вирџинија“ стартуваше на 29 април со демонстрација на печатачот NEXCON во градот Пуласки, Вирџинија, каде што „Алквист“ започнува со изградба на првата куќа на иницијативата - еднокатна куќа од 1.280 квадратни метри со 3 спални соби и 2 бањи - во текот на летото 2022 година.



Големата слика

Со 3Д-печатените куќи, компаниите како „Алквист“ може да помогнат во справувањето со недостигот на финансиски достапни домови во САД, но пристапот нема сам по себе да го реши проблемот, барем не во блиска иднина, и не без драматично зголемување на активностите.

Еден од проблемите е што едноставно нема доволно компании за задоволување на побарувачката и тие не се доволно големи. Само „Алквист“ во просек добива 20 до 50 барања за нови домови на секој час, откако ја објавија изградбата со „Хабитат за човештвото“, изјави Манхајмер, извршниот директор на „Алквист“.

„Во моментов, постојат помалку од 10 компании кои ја користат оваа технологија во Америка“, вели тој. „За навистина да направиме удар во кризата со достапни станови, ќе ни требаат 50-тина компании.“

3Д печатењето ја забрзува изградбата на рамката на домот, но тоа е само еден дел од процесот – оваа технологија не може да се справи со недостигот на работна сила и материјали кои вклучуваат електрични системи, водовод, прозорци, апарати и многу повеќе.

Постојат и надворешни пречки. 3Д-печатените куќи можеби се функционално идентични со традиционалните, но тие изгледаат поинаку и сè уште се новина, така што многу градежници се соочуваат со проблеми со проценителите, регулаторите и други службеници при планирањето на проектите.

На крајот, Манхајмер е уверен дека 3D печатењето ќе може да ги надмине постоечките пречки за да стане иднината на градежништвото. Тој неодамна изјави дека очекува дека ќе најдете 3Д печатач на секоја комерцијална и станбена локација пред крајот на „Проектот Вирџинија“, а до 2027 година, тој мисли дека 3-Д печатарските куќи ќе бидат почести отколку оние изградени на старомоден начин.

Извор: Freethink

 

ОкоБоли главаВицФото