Дали бананата е уметност

28.02.2020 11:22
Дали бананата е уметност

Мартин Скорсезе

Уметноста не може да се дефинира. Таа би можела да биде банана залепена на ѕид или комичар на филмско платно. Или ниедно од двете, зависно од окото на посматрачот.

Режисерот Мартин Скорсезе за Њујорк Тајмс напиша дека не гледа уметност во адаптациите на стриповите кои го преплавија Холивуд, додавајќи дека многумина во филмската индустрија делуваат „апсолутно рамнодушно кон самото прашање за уметноста“.

Тензијата помеѓу визијата на уметникот и банкарската сметка на студиото отсекогаш била дел од филмската индустрија, но, како што напиша Скорсезе, „тоа беше продуктивна тензија која ни донесе некои од најголемите филмови снимени некогаш. Денес ја нема таа тензија.

Финансиската доминантност на „аудио-визуелната забава“, додава, создаде клима која е „брутална и непријателски настроена кон уметностите.“

Маурисио Кателан

Режисерот Тод Филипс изгледа дека го сфатил ова кога ја претставил својата идеја за „Џокер“. Сакал да направи одважна студија на карактерот, според Њујорк Тајмс, и ја реинтерпретирал оригиналната приказна за злосторникот од „Бетмен“, претворајќи го во ментално заболен комичар со маска од кловн; тоа бил „начин да му се подметне вистински филм на студиото маскиран во филм за стрип јунак“.

Некогаш беше дискутабилно дали филмовите воопшто може да се квалификуваат како уметност. Кога Скорсезе и другите режисери од неговата генерација ги почнувале кариерите, напиша режисерот, „се залагаа филмот да биде еднаков со книжевноста, музиката и танцот“.

Другите уметнички форми имаат сопствена проблематика. Прашањата како: дали бананата вреди 150 000 долари кога е залепена на ѕид со селотејп? Потоа следи: дали оваа „уметност“ има добар вкус?

„Одговор на последново понуди Давид Датуна, перформанс уметник кој од инсталацијата „Комичар“ на Маурисио Кателан на Саемот за уметност во Мајами ја одлепи бананата и ја изеде. Датуна напиша на Инстаграм: „Уметнички перформанс во моја режија. Го сакам делото на Маурисио Кателан и навистина ја сакам оваа инсталација. Беше мошне вкусно.“

Давид Датуна

Бананата беше заменета со нова, а делото беше продадено трипати по цена помеѓу 120 000 и 150 000 долари по примерок.

Џејсон Фараго од Њујорк Тајмс напиша дека „не сте безнадежен малограѓанин ако сето ова го сметате за помалку налудничаво“.

„Налудничавоста и впечатокот дека културата која некогаш ја поттикнувала возвишената убавина сега одобрува само глупави шеги, е картата на која игра Кателан“, додаде Фараго.

Фараго го спореди Кателан со Бенкси.

Вистинските уметници не се обидуваат да измамат кој било, а разликата помеѓу Кателан и Бенкси („досаден и културно ирелевантен измамник“) е во тоа што Кателан се позиционира во рамки на „економските, општествените и дискурзивните системи кои го структурираат она што го гледаме и вреднуваме“. Кателан, истакна Фараго, „како и сите најдобри кловнови, е трагичар кој ни порачува дека нашите извесности се лизгави како кора од банана“.

Извор: New York Times/International Report
 

ОкоБоли главаВицФото