Џокер и смртта на емпатијата

12.10.2019 14:14
Џокер и смртта на емпатијата

 

 Повеќето рецензии кои ги прочитав за филмот „Џокер“ без разлика дали позитивни или негативни беа еднострани. Можеби поради ограничување на простор и зборови, можеби од брзање пред добАро да се анализира. Можеби и тргнуваат кон одредена цел, која се очекува и ја остваруваат без при тоа да имаат желба да влезат подлабоко.

Гледав и видео анализи и филосовски осврти, како и живи подкасти, но некако сите репетитивно ги повторуваа истите работи: Колку добра кинематографија има филмот, дали Хоакин треба да земе Оскар за генијалната глума, колкаво било влијанието на двата филма од Скорсeзе, колку се користело виолончело во музиката и дали е општествено одговорен или претенциозен, кои „easter eggs“ се кријат, кои стрипови имале влијание и еден куп други тривијалности. Единствен добар осврт има на видео каналот Wisecrack кој ја обработува темата на потребата да се биде препознаен, како централна идеја на филмот.

Според моето скромно мислење моќта на овој филм не е во тоа што тој има да ни го каже, туку во тоа што ние имаме да кажеме за него. „Џокер“ е филм кој зборува за дихотомијата и смртта на емпатијата, и за тоа како се раѓа антагонизмот и колку многу постои недоразбирање во комуникацијата. Најголемата моќ на овој филм е тоа што успеа да створи нови антагонизми и го покажа нечовечкото во светот во кој живееме денес.

Реакциите на филмот повторно, и уште погласно го кажуваат она за што и самиот филм говори. Колку како луѓе ни е полесно да напаѓаме и да се делиме отколку да се сложиме и да разбереме. Ликот Џокер е познат како агент на хаосот, и тука нема посебни мотиви ни политички агенди, но само потреба да го покаже хаосот како движечка сила која постојано ѕирка под површината на нештата. Филмов покажа моќ да го направи токму тоа во вистинскиот живот.

Левичарите сметаат дека овој филм е за нив и ја поддржува нивната борба, освестувајќи ги слабите колку е важна класната борба и колку капитализмот треба да се сруши. Либералите сметаат дека филмот е опасен и може да предизвика реални немири кај одредени групи луѓе кои овие не ги сметаат за достојни за внимание; конзервативците и таканаречените централисти, сметаат дека филмот се потсмева со левичарите, односно либералите (за нив тие две работи се исти) покажувајќи колку нивната политика е деструктивна. Во оваа тотална конфузија на разбирања и читања не е ни чудо што толку се зборува за филмот.

Длабоко во себе овој филм зборува за отфрлените, понижените, оние на кои им е одземена сета надеж и постојано се клоцани од општеството, па дури и од тие кои се декларираат дека се борат за нивна добробит. Најтажно од сè е дека во нашево реално глобално општество сè помалку има емпатија, разбирање и поддршка и тоа уште еднаш се покажа преку односот кон приказната која сака да ни ја раскаже овој филм.


Во САД се крена фама дека филмот ќе предизвика масовно пукање, така што на премиерата проекциите беа обезбедени со полиција и беа забранети маски на кловнови. Некои сали дури и ги одложија проекциите.

Но за мене најшокантно од сè беше како дел од либералните мејнстрим медиуми му пријдоа на овој филм. Земајќи ја тематиката на филмот и подтекстот за еден вид класна борба и револуција, би очекувале повеќе да им смета на конзервативните, но анализата на реакцијата на либералите носи една друга порака која во последно време драстично ми паѓа во очи, а тоа е дека левата американска опција која се декларира како лева - не е воопшто лева.

Од друга страна пак со самото тоа што дел од таканаречените мејнстрим претставници на „WOKE“ културата се оградија од филмот, сите оние кои се против таа на култура автоматски си сфатија дека филмот е од нивна страна. На Јутјуб почнаа анти-woke креатори, прeтежно бели мажи, кои поради самиот факт што некој се сети филмот да го поврзе со одмаздата на инселите (доаѓа од involuntary celibat) заклучија дека пораката на филмот мора да е нешто што е против либералите (кои ги нарекуваат far left) и e од нивна страна. И сега филмот за кој многумина се плашеа дека може да ги мобилизира луѓето во борба против капитализмот, ги здружи луѓето кои сметаат дека оние кои имаат моќ се всушност левица. Ваква заплетканост на сфаќања и недоразбирања само Џокер можеше да направи.

Трендот на „аутрејџи“ на интернет (засновани на недоволно разбрани пораки) е веќе секојдневие, и продлабочувањето на јазот во комуникацијата е сè поочигледен од ден на ден. Иако корените на овие беснеења се длабоко еволуционо вмрежени во нашиот мозок и постојат зашто имале функција на корекции на неприфатливо општествено однесување, ова што се случува денес е чиста манипулација со помош на емоционални и морално натежнати термини за да се зголеми сопствената важност, односно влијание на интернет. За некого тоа е лична сатисфакција и чувство на моќ и влијание, за некого е чисто парична добивка.

(Од тука има спојлери, па доколку не сте го гледале филмот, изгледајте го па вратете се)

Артур Флек (ликот кој станува Џокер) е човек со сериозен проблем, кој во нормална социјална држава, кон која светот треба да тежнее, би бил згрижен, разбран и помогнат. Би добивал редовна лекарска помош, лекови, поддршка. Но во случајов е човек турнат на маргините на најужасниот град во светот на стриповите, и таа социјална помош која ја добива во форма на лекови и разговор му е скратена. За да преживее единственото нешто што може да го работи е работата како кловн, поради неконтролираните напади на смеа кои се појавуваат кога е напнат или ставен во тесно. Се разбира да бидеш кловн во град кој е најблиску до длабоко заглавениот во долгови и сиромаштија Њујорк од осумдесеттите, кога веќе е паднат во рацете на корпорациите, значи да се изложиш на постојаниот бес и незадоволство од оние кои не издржале под притисокот, и единственото нешто во што можат да се почувствуваат моќни е да ги малтретираат послабите.

„Џокер“ е слика на општество кое, за жал, многу наликува на денешново во кое живееме. Бездната помеѓу екстремно богатите и сите останати, кои едвај преживуваат, е сè поголема. Немир и незадоволство владее насекаде. Луѓето се слаби и својата немоќ ја претвораат во агресија.

Артур Флек станува негативец случајно. Во општество каде што лесно се доаѓа до огнено оружје, оружјето го наоѓа него. Неговиот колега му тутнува во рацете пиштол за да може да се одбрани од следни напади и тој токму тоа го прави кога следен пат групно е нападнат од три разгалени костумосани волстрит момчиња во метрото.

Тоа што тие три жртви се дел од Вејн корпорацијата е чиста случајност, но во целосно поделеното општество сите го политизираат. Звучи познато нели?

Артур е жртва од почеток до крај. Иако делува неверојатно поради изнесените докази, сликата од мајка му со потпис ТВ, е доволен хинт дека сепак постои шанса негов татко да е токму Томас Вејн, кој ја искористил моќта да ја претстави неа како луда. Од целата ситуација најголема жртва е токму Артур кој сѐ уште ги носи последиците од повреда на мозокот кога како дете бил малтретиран и врзуван за радијатор.

Тој само сака љубов и топлина. Сака прегратка и потврда за целата негова жртва и посветеност, но сè што добива се тупаници, отфрленост и бес. Вејн и сличните како него, уживаат во милиони, додека остатокот од народот го нарекуваат кловнови и кукавици. Тој оди дури до таму што кажува дека тие луѓе се неспособни да успеат во животот и затоа се сиромашни и токму поради тоа ги мразат таквите како него кои успеале. И ова звучи некако познато нели?

Таа ситуација поттикнува очекувана реакција од масите и случајното трикратно убиство кое го извршува Артур и неговата кловновска маска стануваат симбол на спонтано анархично движење на отпорот.

Џокерот како главен непријател на Бетмен отсекогаш бил претставуван како симбол на хаосот, но патот кој го поминал за да стигне до формирањето на таа личност во овој филм се обработува доста длабоко. Тој никогаш нема намера да се спротивстави на богатите, тој нема намера да се бори со некого и да казнува некого, тој е само производ на целиот контекст во кој се наоѓа.

Поларизацијата постои, нетрпеливоста постои, незадоволството постои. Артур е само силно исфрлено топче во флипер игра, кое незапирливо се удира лево и десно и успева да погоди некои поени во меѓувреме. Ситуацијата со мајка му, колегите, уличните немири... се само удари кои го враќаат повторно во игра. Ова особено е забележливо на крајот кога протестантите го вадат од полициската кола, го качуваат на истата и го опкружуваат. Тој го прави единственото што го знае, заигрува пред нив и си ја исцртува насмевката со крв.

Не сакам да се разбереме погрешно, не ја изземам целосната одговорност на големите криминалци кои во светот посегнуваат кон оружје и одземаат невини животи. Иако не би можела да кажам ни дека се самите секогаш виновни. Сепак во ситуацијата во која се наоѓа Артур буквално никој не е невин, освен џуџето кое го пушта кажувајќи му дека тој е единствениот човек кој се однесувал добро со него.

Овој филм покажува една тажна реалност дека недостатокот на добрина љубов и разбирање во овој свет, дури и од најслабите може да направи чудовишта. Артур е една нуспојава на болното хаотично општество кое функционира врз алчност, манипулација и себичност.

Токму тој момент е оној кој им пречи на медиумите спомнати погоре: Зошто ликот е претставен како жртва? Зошто треба да го сожалуваме? Зошто некој да чувствува емпатија кон него па дури и да прави херој од него?

Но баш тоа е суштината. Артур стварно е жртва уште од малечок. Жртва е на милијардерот Томас Вејн, на корумпираното општество кое го дозволува тоа, на недостатокот на љубов и грижа, на неодговорноста на оние кои имаат моќ нешто да поправат. Артур е жртва, и да, дозволено е да кажеме дека постојат жртви кои се свртуваат кон агресија во безизлезот. Има ли поприродна реакција од тоа? Да вратиш кога си исплашен. Да се браниш кога си нападнат. Во свет кај што сите постојано се однесуваат лошо со тебе да научиш да бидеш лош и ти?

Реакциите на дел од либералните медиуми и критичари на овој филм, кој нашироко е обожаван од публиката низ целиот свет се арогантни и тотално надвор од чувството што обичниот човек го добива при гледање на овој филм. На „Twitter“ и „YouTube“ незапирливи се коментарите кои се восхитени од филмот. Оценките на публиката на „IMDB“, на „Google“ и на „Rotten Tomatoes“ се највисоки, но кај критичарите се поделени и измешани иако повеќе позитивни од негативни. И покрај „Златниот лав“ и осумминутниот аплауз во Венеција, дел од либералните медиуми во САД го отфрлија овој филм. Најлоши критики имаше од медиуми како „Gardian“, „Huffington post“, „New Yorker“, „NPR“, „Washington post“, „The Atlantic“, „Wall Street Journal“...

Аргументите кои тие ги имаат се дека филмот е плиток, веќе виден и дериват од два филма на Скорсезе, непотребно патетичен, ја одзема одговорноста од поединецот, промовира насилство и самосожалување, и дека пати од преголемо самоуважување...

Премногу иронично кажано од некој кој се декларира дека се бори за социјална правда и еднаквост за сите. И уште подрско е тоа што не постои слух за тоа како глобално се доживува овој филм и што всушност значи тоа? Така што овие критичари поради своето чувство на арбитри и моќта која тоа го дава, се ставаат на страната на капитализмот кој незапирливо произведува баш такви ликови, особено во САД, каде што масовните пукања се секојдневие. Нивната неможност да ја видат силната порака што овој филм ја испраќа, предизвикувајќи реални општествени поделби додека пробува токму нив да ги рефлектира е просто зачудувачка.


Јас го познавам Артур. Го познаваш и ти. Можеме да го видиме и забележиме на улица. Постои и во нашето општество, а колку повеќе во оние каде што капитализмот е многу посуров. Неговото потсмешливо користење во шоуто на комедијантот Муреј (инаку негов идол), премногу ме асоцира на користењето на младиот дечко Глоријан, од страна на Трендо и сличните на него, како објект за потсмевање. Толку силно се сеќавам на тој период и таа нечовечност. Таа општа манија на луѓето да наоѓаат задоволство во маката на некој друг. И крајната индолентност на оние кои ја поставуваа целата таа сцена.

Искрено не можам да замислам, како некој можел да го гледа ова генијално портретирање на лик, за кој знаеш дека реално постои таму некаде на маргините на секое општество, и да не почувствуваш жал кон судбината на ликот и особено кон неговата ментална состојба, напнатост во ситуациите во кои гледаш дека не се снаоѓа, страв за неговата добробит и ужас од односот на луѓето кон него и повторно жал за незапирливоста на неговото тркалање кон дното.

Емпатијата сè повеќе станува нешто недофатливо и апстрактно. Се третира како нешто од што треба да се исчистиме. Вредностите се сведуваат само на една реченица „снајди се па живеј“. Поделеноста во политиката моралот и принципите како никогаш да не била толку голема. Токму и поради тоа реченицата што Артур и ја кажува на социјалната работничка која му ги дава рецептите за лекови „Дали е до мене или станува сѐ полудо таму надвор?“ е толку многу релевантна. И иако фокусот е на него во целиот филм, како и инспирацијата на целото движење против богатите, тој воопшто не е релевантен. Тој е само маскотата која ја користат незадоволните маси да се одмаздат за неправдите кои ги живеат. Токму ова страшна помисла за спонтано движење на кое само му е потребна маскота е најголемата опасност што ги плаши сите кои не можат да се идентификуваат со нив, односно сите кои веќе имаат некаква моќ и сите кои овој филм не дозволија да ги допре.

Сепак, не треба да го заборавиме и игнорираме оној „peer pressure“ кој на некои луѓе премногу им значи. Гледав како вообичаено добри критичири, на подкаст во живо почнуваат со задоволство и силен впечаток по гледањето на филмот со до некаде измешани мислења заради реакциите на другите, поради притисокот во самиот тек на подкастот постепено да стануваат неутрални, да го променат своето мислење пробувајќи потполно да си ги игнорираат чувствата.

За мене ова е показател на нешто длабоко погрешно во нашето општество, за постепено и тотално губење на рационалното и индивидуалното разбирање на работите. На потребата да се гради мислење во однос на опозицијата или во линија на сопствената група. Ова не е нешто ново, но сè повеќе и посилно е изразено, а медиумите експоненцијално го појачуваат.

Последната сцена на филмот дава сосема поинаква перспектива. Го покажува Артур во институција за ментално здравје, каде што разговара со својот терапевт и искрено се смее. За разлика од неговите чудни смеења, кои беа или болни со неможност да се запрат, или несоодветни со потреба да се вклопат, оваа насмевка е автентична и се појавува после култната сцена каде што еден од протестантите со маска на кловн ги убива родителите на Брус Вејн (идниот Бетмен). Терапевтката го прашува за што се смее, а тој ѝ одговара дека не би разбрала.

Оваа сцена можеби покажува повеќе работи. Едната е дека кругот се затвара и како што Томас Вејн (симболизирајќи го капитализмот и корумпираното општество) го створи Џокерот, така Џокерот и неговите следбеници (симболизирајќи го отпорот) го создадоа Бетмен, кој потоа станува симбол на редот и поредокот, наспроти Џокерот кој е анархија, апсурд и хаос.

Другото толкување е дека можеби ништо претходно што гледавме не е точно и Артур целото тоа време бил во лудница. Така што ликот Џокер може да е производ од општествените немири, не обратно, тој да ги предизвика. На овој начин тој во иднина може да ја искористи веќе постоечката нестабилност за да го иманипулира своето издигнување во моќен негативец.

Уште многу други интерпретациии може да најдете, голем дел од нив веќе ги има по интернет. Една највозможна е дека самиот Џокер кога зборувал за своето минато кажал дека сака тоа да е прашање со повеќе одговори, каков што и овој филм е, а и целиот негов ефект врз реалноста.

Овој филм со самото појавување во кино салите удри лево, погоди нешто десно, па во центар и секој некако различно си го интерпретираше. Неговата моќ е во тоа што толку блиску ја погаѓа сликата на денешното општество и постојаните субјективни интерпретации кои ги живееме, како и толку фриволното делување во однос на половично разбраните нешта со интернет „аутрејџи“, реални социјални движења или протести, па и издигнување на погрешни луѓе на пиадестал и на сериозно важни функции.

И на крај, креаторите на филмот како и самиот Џокер создавајќи го хаосот најпоследни се смеат, зашто филмот ги помина сите очекувања со 240 милиони долари заработка само на премиерата.