1028 hPa
28 %
19 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 14:03
Зошто е толку тешко
да се раскаже приказна?
Морам ли да се предадам сега?
Ако се предадам
човештвото ќе го загуби својот раскажувач.
А штом човештвото ќе го загуби раскажувачот
тогаш ќе го загуби и детството.
Хомер во “ Небото над Берлин“
Да се направат притоки од поезија, да се пуштат приказните да лутаат како незауздани атови по бескрајното поле на градот, да се раскаже за детската невиност и прашање, да се сецира реалноста со толку прецизни резови што спектаторот не може ни да забележиш дека скалпелот на хирургот и не е баш најреален, а сепак на крајот се да се слее во една голема река – во приказната за приказната, грубо кажано е и главната одлика на ремек делото на Вим Вендерс, „Небото над Берлин“. Ангели. Своевидни „воајери“ кои ги слушаат приказните, кои проникнуваат во внатрешноста на човекот и служат како наративни катализатори.
Според Шопенхауер, тоа што ја карактеризира индивидуата, се неговата позиција во времето, просторот и каузалитетот (причинската врска). Човекот, роб на својата приказна, истата ја носи со себе и тој било каде и било кога може да ја слушне, зошто, нели, самиот тој е еден вид нем медиум на истата. Меѓутоа овој „наратор“ – случаен поет роден да талка со мислата, не е никако еднаков со нас добро познатиот раскажувач. Приказните постојат само во приказните, додека животот и понатаму тече без да има потреба да се претвора во приказна – вели Вендерс. Според тоа мисловниот тек во никој случај не е раскажување, зошто тука „авторот“ воопшто неможе јасно да погледне во иднината. И не само иднината, тој неможе да погледне во внатрешноста на другиот, неможе да ја слушне туѓата приказна, неможе да биде во истото тоа време на повеќе места… Тогаш како да се чујат приказните на луѓето, како да се слушне говорот на градот? Одговорот изгледа навидум едноставен: Ангели. Своевидни „воајери“ кои ги слушаат приказните, кои проникнуваат во внатрешноста на човекот и служат како наративни катализатори.
За ангелите на Вендерс, именувани како Дамиел и Касиел, не се знае многу. Тие во филмот наликуваат, како што во едно интервју со Вендерс ќе биде наспоменато, како невработени. Шетаат наоколу, ги слушаат „приказните“ на луѓето, запишуваат, и најважно од се го скицираат градот, пост воениот Берлин кој се уште живее во магливите сеќавања на Втората Светска Војна. И тоа е се. Всушност во „Опис на еден неопислив филм“ Вендерс за ангелите ќе каже:
Кога Бог, крајно разочаран, конечно се реши да му го сврти грбот на светот засекогаш, се случи, некои од ангелите да не се согласат со него и да застанат на страната на човекот, велејќи дека човештвото заслужува да му биде дадено втора шанса. Лут на нив, Бог ги протера ангелите во тогаш најужасното место на земјата: Берлин. И потоа си замина. Сето ова се случи за време на тоа што ние го нарекуваме „Крај на Втора Светска Војна“. Од тогаш, овие ангели од „втората ангелска буна“ се заробени во градот, без никаква надеж дека ќе бидат вратени во рајот. Тие се осудени да бидат сведоци, засекогаш гледачи, спречени да влијаат врз човекот или да го менуваат текот на историјата. Тие се спречени да тој степен што неможат да поместат ниту зрно песок.
Како што времето бавно поминува, во Дамиел се раѓа копнежот, желбата да побегне од затворот на се-слободата, во оној другиот, на историјата, т.е на сопствената приказна. И така додека Дамиел лута низ градот наеднаш стигнува до циркузот „Алекан“, како што ја сеќава Марион (атрактивна трапезиска). Ликот на жената, кој од Париз-Тексас па натака, полека го добива своето заслужено место во филмовите на Вим, овдека станува еден од главните причинители, во тој простор и време, за тоа Дамиел да уште повеќе да го засака човештвото. Привлечен, се чини најповеќе од гравитацијата, која неуморно и се заканува на Марион, а која нему не му значи ништо, тој се повеќе и повеќе го посетува циркузот. Седнува до децата и се смее на цел глас.
Кога дете беше дете,
Дојде време да си ги постави овие прашања:
Зошто сум јас – јас, а не ти?
Зошто сум баш овде, а не таму?
Кога се родило времето, и каде завршува просторот?
Дали е животот под сонцето само сон?
Дали се што слушам и мирисам не е само илузија на некој свет пред светот?
Гледајќи во фактите за злото и човекот.
Дали злото воопшто постои?
Како е возможно да јас, кој сум јас,
Не сум постоел пред да бидам,
И да еден ден, јас кој сум јас,
Нема ни да бидам тоа што сум?
Поетското ехо на Piter Handke кои се појавува низ целиот филм, јасно става акцент на природата на детството, невиноста и „незнаењето“ на истите. Вендерс не случајно за целото време го поставува ангелот Дамиел покрај деца, зошто истиот тој постанува едно возрасно дете кои никогаш не бил. Него го измачуваат прашањата на човештвото, точно поради неговата желба да стане дел од него. Како ли ќе биде, тој кој во истиот миг е сезнаен, следниот да биде човек?
Во истата оваа незавршена, а речиси и незапочната приказна, режисерот умешно го споредил правењето на филм, најточно на неговиот филм, со циркузот Алекан (наречен според маестралниот магионичар за светло Хенри Алекан кој работи на филмот како директор на фотографија). Циркузот кој нема буџет, баш исто како што и Вендерс експериментирајќи останува без пари и не снима голем дел од замислените сцени што подозна ќе резултира во неговиот филм наречен: „Far Away, So Close“.
Хомер е поетот на светот, неговото сеќавање, неговата напишана и ненапишана историја.
И додека ангелите го шараат градот, Хомер , најпрвин замислен како архангел, за подоцна да ја добие улогата на вечниот раскажувач, лута исто како и нив . Тој е поетот на светот, неговото сеќавање, неговата напишана и ненапишана историја. Поетот кој се чини, како да не му е местото тука, всушност ја држи целата приказната. Хомер е директен одраз на „опседнатоста“ на Вендерс со приказните и сликите. Колку е тешко да се напише приказни? На кого треба повеќе да веруваме? На приказните или сликите? Тоа е нешто кон кое што и Вендерс гледа различно, па така ако во раните филмови имаше доверба само во сликата, подоцна во неговата Лисабонска приказна, првенствено место ќе и даде на приказната, сметајќи дека сликите фатени од камерата се полни со субјективноста на окото на режисрот. Таму звукот е тој што ја води приказната.
Но ние да не бегаме од нашата приказна и да прочитаме што има самиот автор да каже за градот.
...Идејата да се направи филм, пред До крајот на светот, беше веднаш поврзана за Берлин: таму ќе го снимам новиот филм.
Неколку дена откако ја донесов оваа одлука, напишав едно пред-сценарио кое почнуваше вака:
Нацрт – опис на еден неискажлив филм
Како да се опише нешто што е само желба. Сакам да направам филм во и за Берлин. Еден филм во којшто ќе се вгради одредена идеја за градот на војната. Еден филм што ќе ја овозможи појавата на она што толку многу недостасува во многу филмови снимани досега за Берлин, она што ќе изгледа толку на дофат на погледот, толку блиску; чувствата, но исто така и нешто во воздухот, под нозете, што толку радикално го одделува животот овде од животот таму, во другите градови.
Повторно се враќам на мојата желба да го направам овој филм. Ќе додадам: тоа е желба на некој кој бил долго време отсутен од Германија и којшто никогаш не сакал и не можел да го препознае она што е германско на друго место, освен во овој град. Сепак, јас не сум од Берлин. Моите посети, веќе дваесет години, за мене се единствените германски искуства, затоа што историјата таму е физички и емоционално присутна , една историја која може да биде искусена како дегенерација или отсуство само во Германија, во Сојузна Република Германија.
Се разбира, згора на тоа, јас сакав овој филм да зборува и за единственото вечно прашање: Како да се живее?
Гледано низ оваа желба, дали Берлин како „историско место на вистината“ го претставува исто така и светот? Ниту едно друго место не е до тој степен симбол, до тој степен место на продолжувањето на животот. Берлин е исто така поделен како што е и поделен светот, и нашето време, и мажите и жените, и младите и старите, и богатите и сиромашните, како и нашите искуства.
Многумина велат дека Берлин е „готов“ Јас велам: „Берлин е пореален од сите други градови. Тој е повеќе место отколку град“.
„Да се живее во овој град на неподелена вистина, да се среќаваат невидливи ликови на иднината и минатото…“ тоа е мојата желба во овој филм.
Мојата приказна не зборува за Берлин само за тоа што таа во него се случува, туку затоа што не би можела да се случува на ниту едно друго место.
Значи сакав да направам филм. Истражував да снимам филм кој нема само една цел, онаа на главниот јунак.
Тоа е нешто што постојано било значајно во моите филмови: принципот на главната личност којашто ја раскажува приказната. За овој филм, сакав да направам промена и ја одбив идејата за херојот што ќе ни ги открива овој град и Германија: не гледав ниту една личност низ којашто ќе се види Берлин.
Приказната полека се ближи до пресвртот и во филмот се појавува една личност, намерно определена да биде препознаена: Питер Фалк. Преку него во ова маестрално дело го добиваме она што се нарекува филм во филм. Секако, идејата не е нова, но сепак тука доаѓаме до она што ја прави приказната – приказна. Питер Фалк ни укажува на уште не зараснатите рани на фашизмот. Тој снима филм за третиот рајх и тој е единствениот, ако не се земат предвид децата, кој ги гледа ангелите. Зошто? Затоа што тој е поранешен ангел и главниот „подбуцнувач“ на Дамиел. Па така додека тој пие кафе и пуши цигара во една негламурозна трафика, наеднаш го чувстувва присуството на ангелот. На кратко објаснувајќи му ја убавината на човекот и тоа преку кафето и цигарите, тој ја распалува веќе вжарената желба на ангелот да стане човек. Тоа и бидува.
Дамиел се буди и наеднаш толку ретката појава на бои во овој црно-бел филм сега станува постојана. Затоа што луѓето гледаат во боја, а ангелите ја немаат таа особина. Тие живеат во еден вид на сонлива состојба. Дамиел ја чувствува врелината на крвта излеана од раната која му ја направи неговиот паднат оклоп кој во човековиот свет ќе биде продаден за евтина цена, зошто нели неискусните лесно се мамат од трговците, макар што и овие да би биле поранешни ангели. Но тоа за Дамиел не е причина за тага, напротив тој се радува што може да биде изигран и што може да ја почувствува смртта. Се разбира тука е пред се за љубовта…
Марион која после банкротот на циркузот останува во Берлин, зошто чувствува дека нешто ќе се случи со неа, го добива Дамиел за свој сопатник. Но Дамиел тука не зборува. Тој зрачи, а дотогаш не искажаната понежна половина доаѓа во преден план. Љубовта триумфира за ангелот. Вендерс за жената конечно ќе каже:
Имав силна желба главната личност да биде жена и долго време се колебав дали мојот ангел да биде жена. Посакував овој ангел да стане хуман и дојдов до заклучок дека е поинтересно токму жената да биде човековото суштество, а ангелот да биде маж кој, за да и се придружи, ќе стане смртен, односно ќе ја жртвува бесмртноста…
И така полеа се доаѓа на крајот, за кој веќе на сите ни е јасно дека е таму само поради единствената причина која гласи дека: животот е премногу долг за да биде поставен на филм.
…а да, ќе заборавев, еве го и славното: продолжува…
Blagodarnost za tekstot!
Испратено на 28 март 2010 од АнонименBlagodarnost za tekstot!
Не сум пурист, но некои
Испратено на 10 мај 2010 од КелепурНе сум пурист, но некои правописни грешки навистина се недозволиви, барем кога е во прашање медиум како „Окно“.