Медиум на друм (57): Варијации за писмото

04.03.2020 22:31
Медиум на друм (57): Варијации за писмото

ВАРИЈАЦИИ ЗА ПИСМОТО

Првиот објект со кој се сретнав во својата досегашна работа беше писмото, ама тогаш тој збор го сфаќав во метафорична смисла: за мене беше вариетет на книжевниот стил, негова, во некоја рака, колективна верзија, севкупност на јазичните обележја преку кои писателот ја презема на себе историската одговорност за нормата, врзувајќи се со својата вербална работа за извесна идеологија на јазикот. Денес, дваесет години подоцна, поради своевидното враќање кон телото, би сакал да одам во насока на мануелната смисла на зборот, ме интересира „скрипцијата“ (мускулаторниот чин на пишување, испишување на буквите): тоа движење со кое раката зема некој алат (шило, трска, перо), го притиска на некоја површина, напредува по неа оптоварувајќи ја или милувајќи ја, и исцртува правилни форми што се повторуваат и кои поседуваат ритам (не треба да се каже ништо повеќе од тоа: не мораме нужно да зборуваме за „знаците“). Овде, значи, ќе стане збор за тоа движење, а не за метафоричното значење на зборот „писмо“: ќе зборуваме само за ракописното писмо, кое подразбира бележење со рака.

Што би можеле да кажеме за тоа пишување? Пред сѐ ќе се потрудиме околу прибирањето на тоа што може да биде наречено досие за пишувањето со рака: историските и техничките информации, средбите со објектот наречен „писмо“ со различни знаења (со различни предрасуди), структурирање на неколку графички системи, општествениот и економскиот влог во активноста на пишувањето, односите помеѓу скриптуралниот гест и телото. Тоа досие, авторот признава, останува доста лично: произлегло од лектирите, понекогаш речиси буквално наведувани и кои најчесто ги интересира (затоа им се извинувам на италијанските читатели) француското подрачје: го прочитав и го прибележав тоа на кое реагира мојот интелектуален сензибилитет. Не се обидов да го организирам тоа досие, да го вметнам во некој континуиран дискурс, да произведам некоја лична „теза“ за писмото; на некој начин ми беше важно да си дадам материјал за размислувањата одложени за подоцна или, буквално, за прашањата. Материјата на тие прашања нема, значи, демонстративна вредност; таа е, меѓутоа, проникната со извесна смисла: таа смисла покажува дека, историски гледајќи, пишувањето е постојано противречна активност, артикулирана со двојна поставка: од една страна, тоа е строго трговски објект, инструмент на моќта и сегрегацијата, фатен во најсировата општествена стварност; и од друга страна, тоа е пракса на насладата, поврзана со нагонските длабочини на телото и најистенчените и најуспешните творби во уметноста. Ете ја јатката на скриптуралниот текст. Овде само ги разместувам, ги распредувам нишките. Секому му останува да си воспостави цртеж.

ПОЈДОВНИ ТОЧКИ

Еве најпрво многу збиени артикулации на една историја на писмото: хронолошко утврдување на некои појави или промени, не заборавајќи, сепак, дека секоја хронологија е класирање (истовремено избор и редослед) што ab ovo содржи извесна митолошка смисла: во овој случај (бидејќи станува збор за нашето знаење, на модерните луѓе од Западот) прибегнувањето кон линеарна, произлегувачка шема, која „писмата“ ги „изведува“ едни од други, според фигурата на раѓањето и еволуцијата.

1. Графизми, ритмички резбарии по ѕидовите на праисториските пештери, потврдени за крајот на мустерската доба, а ги има во изобилство некои 35000 години пред Христос.

2. Писмото во потесна смисла (линеарното писмо) е потврдено во Месопотамија 35000 пр. Хр., односно 2500 години по појавата на првите населби во човечкото општество. Тоа писмо (клинестото), со кое се служеле Сумерците, а потоа и Акадијците (Асирците и Вавилонците), останало во употреба сѐ до христијанската ера.

3. Најстарите споменици на египетското (хиероглифско) писмо потекнуваат од почетокот на вториот милениум пред Христос.

4. Во текот на тој милениум (околу 1700 година пр. Хр.) потврдено е кинеското писмо (гатачки текстови забележени на плочки од желкин оклоп).

5. Првиот алфабет (според приликата консонантен) бил феникискиот (писарите од Угарит, 14 век пр. Хр.). Од тој алфабет произлегле голем број подоцнежни алфабети, меѓу другите: арамејскиот (а од него хебрејскиот, набатејскиот, арапскиот, брахми) и грчкиот (а од него етрурскиот, латиницата, кирилицата).

6. Грчкиот алфабет е позајмен од Феничаните околу 8 век пр. Хр. Неговата оригиналност е во правилното воведување на самогласките.1. Графизми, ритмички резбарии по ѕидовите на праисториските пештери, потврдени за крајот на мустерската доба, а ги има во изобилство некои 35 000 години пред Христос.

7. Околу 4 век пр. Хр., во Кина и во Грција се јавуваат две поврзани појави: од една страна, унификацијата на регионалните писма (во Кина доаѓа до царско обединување, до политичка централизација, до државен напредок; во Грција, во Атина, доаѓа до унификација на писмото според милетскиот алфабет наречен јонски); од друга страна, и во Кина и во Грција се јавува курзивното писмо.

8. Околу 1. век по Христос, во Кина се јавува хартијата, во Мала Азија пергаментот.

9. Во 3 век по Хр. доаѓа до голема револуција во поглед на подлогата за пишување: од свиток од папирус (rotulus, volumen) се преминува на подврзани листови (codex).

10. На Запад во 6 век рачното репродуцирање на текстовите се одвива во вистински препишувачки работилници (scriptoria).

11. Во 10 век, на Запад стигнуваат првите арапски бројки (ќе се прошират во 13 век, а ќе завладеат во 15 век); се јавува и хартијата, која доаѓа од Кина.

12. Перото (птичјо) се појавило во 7 век по Хр.; употребата на каламус (calamus, врвче од трска) исчезнува околу 12 век.

13. Нулата во нумерирањето се појавува во 12 век.

14. Во 14 век секој збор се исцртува без подигнување на перото.10. На Запад во 6 век рачното репродуцирање на текстовите се одвива во вистински препишувачки работилници (scriptoria).

15. Основни латински писма (во антиката и во средниот век) биле следниве:

• капитално (1-2 век), масивни форми;

• општо класично писмо (курзив) (1-2 век);

• унцијал (3 век) во кое доминираат заоблености;

• ситно каролиншко (8 век), елегантно и светло;

• искршено или готско писмо, ренесансното писмо на 12 век, писмото на универзитетот, во употреба на целото подрачје на христијанството;

• хуманистичко писмо, италијанско писмо од 15 век (заоблено и навалено); тоа е извор на печатениот италик.

16. Во Кина, кон крајот на 7 век постоело печатење букви на тенка хартија. Во Европа до првите ксилографски отпечатоци доаѓа околу 1420 година. Холанѓанинот Костер користи подвижни релјефни карактери натопени во мастило. Гутенберговата работилница дејствува во Мајнц и Стразбур кон средината на 15 век. Карактерите, на почетокот готички, ги романизирал Никола Женсон, кој околу 1470 живее во Венеција. Во 16 век, околу 1540, Клод Гарамон ја создава универзитетската романика и кралската грецика.

17. Во 16 век се воведуваат интерпункцијата и нагласките.

18. Во 16 век, рачното пишување е многу опуштено: брзо и лично. На почетокот на 17 век, во Франција, според топографскиот модел и во склад со италијанската мода (хуманистичко писмо), рачното пишување е регулирано заради извесен универзализам. Здружението на мајсторите писатели практикува службено писмо; Колбер им дава заштита на „красните раце“.

19. Во Франција во 18 век се основа Академија на пишувањето, која ќе исчезне со појавата на занаетчиските корпорации за време на Револуцијата.

20. Металното перо се појавува во 19 век.

21. Машината за пишување, измислена 1714, а усовршена во 19 век, влегува во секојдневна употреба почнувајќи од 1875.

Избор: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Превод: Иван Шопов
Извор: Ролан Барт - Задовољство у тексту & Варијације о писму (2010)

Медиум на друм (56): Пиктографски знаци

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото