(По)врзани во градот

02.04.2020 13:47
(По)врзани во градот

кон „Невидливи љубови“ и „Вечно сегашно време“ од Владимир Јанковски, во издание на „Антолог“ и „Темплум“, Скопје

„Невидливи љубови“ и „Вечно сегашно време“ се романи за (по)врзувањето и (о)самувањето во градот, преку (не)видливите и (не)скриени врски со граѓаните. Истовремено, тоа се книги за (по)врзувањето и (о)самувањето во парот, преку (не)видливите и (не)скриени врски на партнерите. Низ читањето, секој од овие (с)ложени зборови ќе се разложува до една од своите противречни смисли. По исчитувањето, книгите ќе се исталожат во впечатокот како химни за поврзаноста (или за врзаноста) низ невидливи (или видливи) врски и петелки. Ова ќе се случи откако нивните значења внимателно ќе бидат одмерени под премерувачкиот поглед на читателот. Смислата што ќе претежне на крајот, ќе зависи од читателската спремност за (раз)менување погледи за романите, но и од неговата отвореност за опредметуваните погледи во романите. Конечно, читателовото чувство за главниот град, ќе му пресуди на читателското доживување на делата.

Од другата страна на читателот пак, стои авторот. Со автентичен раскажувачки глас, тој ги облагородува со магичност погледите и предметите, ги исполнува со езотеричност и атмосферичност просторите, ѝм вдахнува мала доза фаталистичност на ликовите. Неговите приказни кружат околу придушеното Скопје од блиските минати и вечните сегашни времиња, а посебно ги исполнуваат скопските станбени блокови со постојни имиња и преносни значења (за индустријализиран и/ли бришан простор како Железара и Аеродром). Овие населби се еднакво оддалечени од периферијата и центарот, од природата и луѓето. Еднакво пригодни за доаѓање и заминување, но најмногу за свечениот чин на чекањето. Со станови кои се еднакво оддалечени од земјата и небото. Сместени на повисоките катови од висококатници, изолирани со дебели ѕидови и големи ѕидни прозорци. Станарите таму пребиваат притаено, како во „стаклено ѕвоно“. Меѓусебно одвоени, но не и одделени. Неврзани, но некако чудно поврзани. Како амелипуленски(1) и волтермитиевски(2) потомци, тие се набљудувачи (ем набљудувани), сонувачи (ем сонувани). И разиграни деца. Нивните средби и поврзувања пак, се случуваат на кровови под облаци, пространи балкони и поткровја со панорамски видици, низ паркови, кејови и широки улици.

Овој осврт ги надградува живите слики за зборот, кои опстојуваат во сеќавањето на читателот како отпечатоци од романите. Тој нуди скици и дијаграми (во првиот дел посветен на „Невидливи љубови“), но и со портрети на градот (во вториот дел од освртот, посветен на двата романи).

Пар кој ја распарува баналноста на градот

Координатниот систем на романот „Невидливи љубови“ е дефиниран од хумана хоризонтала и просторна вертикала. Хуманата димензија го следи стеснувањето на фокусот, од колективот (градот), преку парот, до поединецот (индивидуалецот). А просторната димензија го увеличува зумот, тргнувајќи повторно од градот (како проширен простор), кон населбата и зградата, до станот (како личен, интимен простор). Во вака осмислениот систем, секој замислен лик, дури и кога е расталкан низ градската мапа, останува добро утврден во својата приказна.

Поединците од системот на Јанковски, главно се скриваат низ сите три радиуси од просторот: во градот како место на скитање и живеење, во маалото како простор за населување, но и станот како место за прибегнување, склонување, засолнување. Поточно, индивидуалците на Јанковски често уживаат анонимност и невидливост, која на отворено, низ градот, изгледа суперхеројски (оти може незабележано да исчезнува под погледи, или да опредметува погледи до „погледи-допири“, или да оживејува објекти во „предмети на желба“). А, на затворено, во приватноста на станот, оваа анонимност е воајерска (зашто може незабележано да набљудува туѓи животи). Од друга страна, паровите на Јанковски се главно откриени и будни за сите мали градски откритија. Го растајнуваат градот низ лицето на невидливиот и очите на другиот. Отелотворени во сите размери и растојанија, како ентитет со два идентитети, како двојност од една истост, тие имаат патишта што се преплетуваат и приказни што се надополнуваат. Иако често не живеат заедно, тие сепак делуваат впрегнато и взаемно. Можеби не биле ниту прописно запознаени, но сепак (за миг) се меѓусебно препознаени. Потенцијални (не и реални), замислени (не ребсмислени) и најчесто неспарени, тие успешно ја распаруваат баналноста на градот. Па, ја прекројуваат неговата реалност и монотоност, го очудуваат и разубавуваат. Со други зборови, во паровите се прекршува хуманата и просторната плоштина на градот, а тие го хуманизираат и очовечуваат просторот.

Град кој ја разградува далечината од партнерот

Скопје е сместено на пресекот од приказните (од секој од романите) и световите (на секој од ликовите). Поточно, во Скопје се пресликуваат сцени од различни приказни, прескокнуваат реплики од различни дијалози, се прелеваат животи на различни парови. Оти тој се наоѓа на самиот почеток, во средето и центарот. Тој е воздухот, медиумот за комуникација на љубовниците и нивен гласник, но тој пред сè е главен лик од еден љубовен триаголник. Поточно, Скопје е илјадааголник, со темиња во срцата на прозните јунаци и рабови во кои се преклопуваат нивните видици. Во Скопје се прекршуваат сите копја и сечат рабовите на системот (како во дијаграмот). Како почеток на хуманата хоризонтала (од граѓанинот до народот), Скопје бруи од врева со гласови кои „мрморат“, „брборат“ и „дрдорат“ истовремено. Тоа е чаршијата, тоа е позадинскиот шум на луѓето. Како почеток на просторната вертикала (од земјата до небото), Скопје струи од гужви и метежи и вибрира од придушени мисли и копнежи. Тоа е метрополата, тоа е скопскиот позадинскиот фон во секој дел од просторот.

Градските и прозните јунаци имаат моќ да го стишаат тонот на градот. Да „му удрат шлаканица“ кога ќе претера со бучност и нападност, „да направат убод“ во лицето на неговата нагласена реалност и „мала пукнатина во моторот на машината што го меле денот“. Тие имаат моќ да ја претурат смислата на самувањето, во полнотијата на осамувањето. Знаат да запрат со талкањето во градот, оставајќи малку тој да патува низ нив и да создава зборови од нивните чекори. Знаат да се повлечат во своите станови, да набљудуваат од своите балкони, додека околните прозорски светла ги осветлуваат нивните ликови. И да создадаваат нови зборови за нови храбри светови, каде „ветерување“ е истовремено постоење на различни места (од удобството на домот), а „небоземјување“ пак е возвишување на приземјеноста (и заземјувањето).

(1)Референца на главниот лик од филмот со наслов „Чудесната судбина на Амели Пулен“

(2)Референца на главниот лик од филмот со наслов „Тајниот живот на Волтер Мити“

Слики: Franka Waaldijk

ОкоБоли главаВицФото