Роман прва класа

14.10.2021 13:36
Роман прва класа

(Огнен Спахиќ: „Под двете сонца“, Антолог, Скопје 2021, превод на македонски јазик: Владимир Јанковски)

„Под двете сонца“, четвртиот роман на истакнатиот црногорски автор Огнен Спахиќ, втор преведен на македонски јазик, е жесток, мајсторски напишан роман на два раскажувачки фронта: едниот е оној на фронтот на „туѓа“ војна, другиот – на фронтот на сопствени (не)донесени одлуки. Но, како што кажува и самиот наслов, романот е напишан и под две сонца: едно за нашата, друго – за главата на најблискиот, најсаканиот и најомразениот; едно за една, друго – за друга траума; едно за стар, друго – за помлад, средовечен брачен пар; едно за Бранимир и Даница, друго за Митар и Невена; едно за нероденото дете на Лончарови, друго – за незачнатото на Дедијери...

Дуалниот принцип, двојноста, дублетноста, дифтонгот, дихотомноста, двочленоста... на раскажувањето е остварена на повеќе нивоа: два фронта, две сонца, два брачни пара, две жени, двајца мажи, две деца што ги нема, две трауми... Раскажувачкиот принцип станува флуиден хијазам, антиметабола, антиметалепса при која мора добро да се размисли за позициите на колективното и личното, за односот помеѓу нив, всушност, помеѓу траумата на еден народ и траумата на еден човек, односно на двајца, зашто кај Огнен Спахиќ, барем во овој роман, едното е составено од две (Бато-Даница; Митар-Невена). Со оглед на воениот поттекст на целиот роман, со таква лексика ќе го формулирам и генералнот о прашање на кое сакам да одговори овој текст: Дали личното е куршум во оружјето на колективното; или колективното е куршум во оружјето на поединецот?

Два фронта

Раскажувањето на „два фронта“ истовремено е и факт и метафора. Факт, зашто романот се однесува на конкретна воена епизода од братоубиствената војна во деведесеттите години на 20 век, при распадот на СФРЈ, на логорот Морињ (октомври 1991 – април 1992) каде што биле мачени хрватски затвореници од т.н. Дубровничко боиште; епизода која сѐ уште не е вистински затворена; пресудите за конкретни луѓе, офицери на ЈНА со име и презиме, сѐ уште не се правосилни. Метафора, зашто романот најдлабоко го засега и личното машко-женско боиште со патријархатот помеѓу нив, несоборлив како барикада. Тој, во извесна смисла е и роман за трагите од љубовта, вдлабнати во срцата на некогашните љубовници како в камен. Препознавањата се вообичаени за овој роман, на сите нивоа, за сите читатели. Оние што имаат среќа, во романов препознаваат луѓе што ги познават; оние, пак, со помалку среќа, во романов се препознаваат себеси.

„Туѓа“ војна

Бранимир Лочар, главниот лик во романов, е офицер на ЈНА, капетан прва класа, учесник и „грешник“, престапник во Морињ, прогонет на светилникот на Валданос, во близината на Улцињ, исто така реален топоним. Ова е еден од највпечатливите и најкомплексни ликови во регионалната книжевност последните години. Лик кој ги оживува и ги обединува сите наши подзаборавени претстави и сеќавања за офицерите на ЈНА кои секогаш живееја во убави големи станови на плоштадите во поголемите градови во СФРЈ. Заедно со своите Даници – нивите безгласни домаќинки кои ги извршуваа домашните наредби на офицерите-сопрузи уште пожестоки од службените, воените наредби на војниците. Домашниот фронт на Лончареви предничи по жестокост во однос на не-домашниот, зашто „туѓата војна“ надвор е само контрапункт на „својата“ војна дома – бездетноста, трајна и вечна, зашто Даница, освен што го губи детето, трајно ја губи и утробата во која би се зачнало друго дете. Огромна семејна болка која Даница ја покрива со дланките на вечно „празниот“ стомак; а Бранимир Лончар, со бес што постојано само се зголемува и се трансформира во сѐ пострашни епизоди во секојдневието, во опасност која од страница во страница отчукува како бомба. Целиот роман е градација токму на тој бес и на таа опасност што на крајот сепак експлодираат.

Експлодирањето во ефектен и напнат трилер-манир е, всушност, испуканиот куршум на Бранимир во небото. Дали во небото?

(Не)донесени одлуки

Тешко е да се одлачи воената траума на Лончар од мирнодопската, личната. Не може ни да се претпостави дали Лончар полесно би ја надминал траумата во логорот да има деца, или дали полесно би ја надминал траумата што нема деца, да го немало логорот. Ова не е роман за поствоен синдром, какви што има многу во регионалната книжевност. Ова е универзално пропаѓање на ликовите заробени во (не)донесувањето одлуки. Но, и една застрашувачка фантомска болка по СФРЈ. Болка налик на онаа што луѓето ја чувствуваат во експремитетите и по нивната ампутација. И кога ги нема нозете и рацете, болките во нив не исчезнуваат и тоа е и медицински, но, еве, и широк општествен и книжевен феномен. Романов е вистински галоп на неслучените нешта врз „нашето време“ кое распукува како тенок мраз, проголтувајќи ни ја иднината.
Даница Лончар е сите Даници-офицерски жени од бившата СФРЈ, или офицерки како што вообичаено ги викавме. Таа е различна од матрицата по тоа што нема и не може ни да има деца, што значи сите наредби и сиот гнев и незадоволство на својот офицер ќе мора да ги трпи самата. И не само да ги трпи, туку и да ги истрпува 27 години во целосна осама на светилникот, без пари, без пријатели, во заедничка љубовна омраза или во омразена љубов со својот Бато. Проблем на ова заедништво не е неразбирањето, туку претераното разбирање. Овие комплекси ликови, не можејќи да донесат одлука да се разделат, остануваат заробени еден во друг, распаѓајќи се секој ден одделно и секој сам за себе и како заедница.

Личните (не)донесени одлуки конкретно на Бранимир, се дополнително распламтени со неговата исто така (не)донесена одлука да постапи поинаку отколку што постапил во логорот. Да премолчи како другите колеги, за да го зачува удопството на постоењето (висока пензија, стан, вила...); да не се обидува да помогне и да се бунтува, без оглед на сопствениот човечки морален формат...

Две сонца

Второто сонце би можело да биде за Митар и Невена. Овој брачен пар на прагот на средовечноста, релативно доцна се внесува во романот, некаде кон засилениот пат на градацијата на Батовиот бес и утапканото незадоволство на Даница. Тие се навидум различни, урбани, современи, опуштени, образовани, реализирани... Кажано со зборовите на сезнајниот раскажувач, со неговите совршено исполирани реченици: „Младите луѓе се спуштија на работ на неговиот живот како товар што ќе ја наруши рамнотежата“ (стр. 114); или кажано со гласот на Митар: „Тие двајцата, речиси старци, без деца, во пустина; ние двајцата во пустина, речиси млади, без деца“ (стр. 133).
Митар и Невена кампуваат во дворот на Лончари во необичен стек на околности, што го дознаваме ретроградно, преку одличната раскажувачка стратегија на Спахиќ, ликовите да раскажуваат за себе во одделни глави во јас-раскажувачка форма. Двете сонца се спојуваат и брзо и ефектно се сфаќа дека станува збор за две, суштински многу слични заедници, втемелени и крајно разнишани од неможноста да имаат дете. Или, уште попрецизно, станува збор за нарушување на две вештачки одржувани рамнотежи, со години кај едните (12 години брак), и со децении кај другите (27 години само на светилникот, плус годините пред тоа во Подгорица)...

Раскажување со јадица

Стратегијата на Спахиќ ликовите сами да се претставуваат во јас-глави, е искомбинирана и надоградена со уште една раскажувачка стратегија – т.н. раскажување со јадица. Под „раскажување со јадица“ подразбирам нелинеарен тек на нештата, при што „јадицата“ се фрла сега, а уловот се гледа или се фаќа подоцна. Ова го има на микро план: одеднаш се воведуват ликовите на Владимир, на Зиројевиќ, на Митар и Невена, а дури подоцна се карактеризираат и се позиционираат во приказната. Но, и на макро план: првата глава „Тројца за тројца“ е фрлена јадица и со содржината и со насловот, а нејзиниот „улов“ ќе го видиме, најдеме дури на 40 стр., кога ќе сфатиме (кога Спахиќ ќе ни напише) кои се „тројцата за тројца“. Имињата, пак, се појавуваат дури на 66 стр. (Стипе Главаш, Дарио Антиќ, Петар Маџар) – младите Хрвати поради кои Лончар е прогонет на светилникот. Ова е честа и позната раскажувачка постапка, ама Огнен Спахиќ навистина добро ја зафрла раскажувачката јадица.

Кроки-карактеризации

Структурата на романот се потпира на раскажувањето во пет гласа: секој од четирите лика одделно раскажува за себе во јас-форма (прво лице), но има и петти, сезнаен, омнисцентен глас (трето лице) кој ги поврзува сите тие јас во исклучително прецизна приказна. Ова дава простор за два вида карактеризација на главните ликови, внатрешна и надворешна, во прво и во трето лице. И тоа кроки во двата случаја. Ќе го проследам ова само на одлично изведената кроки-карактеризација на Бранимир. Минималистичка и многу прецизна и ефектна. Однадвор, од трето лице, тој има „ сина змија што му дреме под срцето, сѐ додека повторно нема да ѝ згазне на опашката“ (стр. 8) или „на полпат од сѐ“ (стр. 45). Однатре, од прво лице – „Знам дека нема да се разбудам во живот полош од овој“ (стр. 59). Само како варијација на фразата „на полпат од сѐ“ ќе ја наведам и реченицата-карактеризација на Даница додека бегаат со Невена, т.е. додека брзаат кон својот однапред определен крај – „среде патот, среде сѐ“ (стр. 145). „На полпат од сѐ“ и „среде сѐ“ се лабави, но сепак синоними, што значи Бранимир и Даница се едно, двајца доведени во иста точка, подеднакво оддалечена, да речеме од смртта. Ликовите со вакви карактеризации ни стануваат наполно јасни и со минимален јазичен материјал. Тоа е таа раскажувачка вештина на Спахиќ. Со малку зборови да се испишуват многу реченици; со малку реченици да се испишуват многу пасуси итн., итн.

Драперијата на незадоволството

Драперијата на незадоволството е навлечена низ целиот роман во најразлични форми. Како темница/пустелија и надвор и внатре во ликовите; како зли зборови со кои мажот ѝ се обраќа на жената (мрша, грдосија, курва...) или обратно (зајадливо гомно, пијаница...), како Јозеф, убиениот пес само затоа што ѝ е подарен на Даница во замена за дете, а „песот не е дете“; како закланата коза за вегетаријанецот Владимир, единствениот посетител во домот на капетанот прва класа и на крајот, како пукањето на Лончар в небо, при што куршумот заринкува во главата на Даница.

Дреболиите на текстот

Огнен Спахиќ е мајстор на раскажувањето, на занаетчиските дреболии, на случајните намерни или намерните случајни наративни мониста расфрлани низ текстот. И на микро план. Понекогаш употребува обична придавка: овошни, на пример, пред тетките кои се викаат Јагода и Дуња и реченицата станува монисто. Се онеобичува и светка. Другпат, монисто е самиот лексички избор, зборовниот регистар по кој посегнува авторот при раскажувањето. Бидејќи главниот лик е воено лице, а има и војна во романот; изразите од типот „поглед на доброволец“, „застана во став мирно“ или „големиот стомак ослободи краток рафал гас“ функционираат како усогласување (реторички аптум), поткрепа на профилот на ликот – воено лексичка поддршка на воено искреиран лик. Меѓу повеќето вакви наративни мониста расфрлани низ текстот, сe чини дека највредното од нив, кулминација на постапката, е „Александрискиот квартет“ речиси бегло спомнат, во два наврата. Еднаш Невена ја зема книгата со себе излегувајќи од автомобил, вторпат – одејќи на плажа. Спахиќ не вели книга, ниту наведува која било друга книга, туку токму „Александрискиот квартет“. Не е спомнат авторот, зашто Спахиќ веројатно смета на знаењето, а уште повеќе на талентот на читателот. Значи, талентираниот читател треба да знае дека „Александрискиот квартет“ е огромен, опсежен роман, тетралогија за љубовта на Лоренс Дарел, интернационален бестселер напишан со раскажувачката техника на промена на перспективата на љубовниците. Како што, впрочем, и „Под двете сонца“ е напишан со истата техника – промена на перспективата на љубовниците. Мислам на четирите раскажувачки јас-гласа, на четирите перспективи на Лончар и Даница, на Митар и Невена, за нивните љубови. Јас-главите во кои секој од нив „се претставува“ себеси, имаат по уште едно наративно монисто, на ниво на цел репетитивен, рефренски израз, вариран само во името, не и во синтаксичката структура: Го сакам јас Бато, не дека не го сакам, вели Даница; Ја сакам јас Данка, не дека не ја сакам, вели Лончар; Ја сакам јас Невена, не дека не ја сакам, вели Митар и Го сакам јас Митар, не дека не го сакам, вели Невена... Сите овие нешта, независно како ги именуваме: детали, дреболии, мониста расфрлани низ текстот,.. зборуваат само за едно нешто: за роман прва класа.

Ги сакам јас книгите на Огнен Спахиќ. Не дека не ги сакам. И кога се преведени на македонски како „Хансеновите деца“ и „Под двете сонца“ и кога не се, како „Пуна глава радости“, „Калипсо“, „Масалаи“...

Слики: од сликовницата Panga-Rehe Jutud од 1975 г. на Jüri Arrak

 

ОкоБоли главаВицФото