Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

27.03.2021 14:08
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) на 15 март соопшти дека добтиник на наградата е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на годинашниот конкурс.

 

„Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски, „Антолог“

Мартин Урумовски. 41 година. Креативен директор во маркетинг агенција. Страст:собирање приказни за аутсајдери.Омилена игра: замислување како е да се биде некој друг.Омилена изрека: „Животот е бељаџија“.
Верува дека животот се одвива во нијансите. Малите варијации, отстапки, разлики.Затоа не го сака претерувањето. Карикирањето. Жанровите. Ги смета за вештачки поедноставувања.

Една од најубавите средби во животот му се случи на железничката станица во Одеса.Таму запозна Перуанец, кој му се претстави како колекционер на заминувања. А потоа во десетте минути пред пристигнувањето на возот, му раскажуваше што се' се наоѓа на неговата листа на заминувања. Мартин разговорот го плати со лименка темно пиво. Во неговиот систем, тоа е најголемата разлика меѓу цената на едно нешто и вредноста што ја добил за парите.
Убеден е дека секој човек во себе носи немирен чудак.
- Понекогаш тој немирен чудак те брка тебе, понекогаш ти го бркаш него.

Го привлекуваат луѓе што опсесивно се занимаваат со работи за кои другите сметаат дека се крајно непрактични. Работи во кои никој не гледа ништо корисно, но тие си ги тераат како да се најважни на светот. Како од тоа да зависи не само индивидуалната туку и иднината на Земјава.

-Аматери на реалноста.

Синтагмата со која ги опишува. Често оваа синтагма ја кажува онака како што некои луѓе во раката превртуваат Рубикова коцка.

Во Маракеш запозна човек посветен на правење стаклени јајцевидни облици, исполнети со пораки што можат да се прочитаат само ако се скрши стаклото.Од него купи три вакви скулптури. При заминување од хотелот ги заборави. Планот беше да му ги подари на најдобриот пријател Иван Андов.

Иван Андов е бизарна комбинација од човек што сака да ги слуша и да ги поттикнува приказните на раздрдорените скопски таксисти, да оди на свирки на народна музика, а следниот ден во филхармонија, да пие пиво и да разговара со луѓе од најсмрдливите биртии во градот, да собира, како што самиот се изразува, „артефакти на треш културата“. Да јаде смоки со шампањ. Вработен е како дел од научниот персонал на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија во МАНУ.

Најдобра пријателка на Мартин е Вера, соученичка од средно.

Со неа се гледа исклучиво наутро. Оди во нејзиниот стан на претпоследниот кат во една од четирите 40-катници во Скопје.

Пијат кафе и го густираат утрото.

Вера е лезбијка која работи во Институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Она што вистински ја интересира се малите истории: што низ годините значело закачувањето слики во домот, кој бил односот кон приборот за јадење, каква е историјата на капите, а каква таа на чорапите...

 

„Виенски гамбит“, Анде Јанков, „Антолог“

Мелодијата што таа ја слушаше, која доаѓаше од нејзиниот мобилен телефон поставен на масичето веднаш до креветот, во нејзиниот сон се манифестираше како одѕвонувањето на огромни камбани, кои како меѓусебно да се натпреваруваа која ќе одѕвони погласно.На последниот таков удар, Карен одеднаш се разбуди. Во позадина можеше да се чуе песната Принц Игор, преработка на еден дел од истоимената опера на Александар Бородин, во изведба на американскиот хип- хоп изведувач Ворен Џи и норвешката вокалистка Сисел Киркјебо. Мелодијата, која ѝ беше поставена како рингтон на телефонот, продолжуваше да ечи сè погласно како се приближуваше до рефренот, па таа, со затворени очи посегна со раката по мобилниот телефон марка нокиа, успевајќи некако да притисне на зелената слушалка на екранот, истовремено прекинувајќи ја музиката и принесувајќи го телефонот на увото.

„Hallo?“ - одвај проговори, забележувајќи го веднаш својот зарипнат глас. Од другата страна на линијата го слушна гласот на својот постар колега и асистент Матијас Вернер, со кого заедно работеше во виенското одделение на Австриската федерална полиција, во Службата за криминал (LKA). Иако она што го слушна преку слушалката го имаше чуено во многу наврати претходно, сепак, истото подеднакво ја потресуваше секој пат кога ќе го слушнеше. Воздивнувајќи длабоко, Карен одговори дека веднаш ќе пристигне и го прекина повикот, по што повторно се нурна назад во креветот. Делот од работата кој најмногу го мразеше беше флексибилноста на нејзиното работно време и моментите како овој што го доживуваше сега. Ја стави раката на својата глава, и борејќи се со големата главоболка што ја чувствуваше уште откако се разбуди, се исправи, притоа потпирајќи се со подлактниците на креветот.

Во тој момент се присети на настаните од минатата вечер, и моментално ја заврти главата на другата страна, во очекување дека покрај себе ќе го најде шармантниот Македонец кого го запозна во текот на вечерта.Но, се' што нејзиниот поглед успеа да улови беше празната постела на креветот. Да не случајно ја сонуваше целата работа? Карен и порано знаеше да излезе сама по ноќните барови, каде што својата неспособност да оствари близок емоционален однос со кој било од припадниците на спротивниот пол, неретко ја заменуваше со бурни врски за една ноќ. Во таквите случаи, таа најчесто завршуваше во туѓи кревети, во кои никогаш не дозволуваше да го дочека следното утро, и обично не претеруваше со алкохол. Одлично изведено Карен, си помисли, во моментот кога сфати дека во една вечер успеа да ги прекрши сите работи.

Се обиде да ги разбие мислите и се фокусираше на последното нешто на што се сеќаваше. Кругови со колата околу Донауштад. Ролинг стоунси. Прекрасното друштво на Виктор, со кој ѝ се чинеше дека вечерта ѝ летна додека трепне. Лименки пиво. Многу лименки пиво. Одеднаш, на масичето од другата страна на креветот со врвот од погледот здогледа еден превиткан лист хартија. Срцето ѝ заигра за момент и таа побрза да се префрли од другата страна на креветот, веднаш земајќи го листот хартија во рацете. Морав да одам, ми излезе нешто итно. Убаво си поминав синоќа.



Кон претходните делови