Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

11.05.2021 11:27
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

 „Приказна за трите града“, Митко Маџунков, „Три“

Жената се викаше Пределена. Еден ден ми рече нешто што необично ме изненади.

„Сите луѓе се робови на своите страсти.“

Тоа беше премногу и за професорка. Не знаев дека умее да биде толку морално насочена.

„Па да“, реков колку да се најдам на збор.

Таа немирно ме погледна.

„Не разбираш“, рече таа, „ништо не разбираш.И во уметноста“, додаде потоа, како да не зборува со мене, туку како да следи некои свои скриени мисли, „има, се разбира, исклучоци, но - ние не знаеме што е убаво. Преполни сме со животинското во нас. И не умееме да сакаме.“

Тоа го рече лесно и решително.

Сакав нешто да кажам, како некој што го знае текот на нејзините мисли, користејќи ја нашата блискост како повластица која дури ми дава предимство во правото на свое мислење, но таа ме прекина, првпат грубо.
„Не разбираш“, рече. „Ти си дискутант.Тоа е, меѓутоа, забрането.Треба да се знае, а да бидеш рибар е мошне опасно.“

Тоа ме навреди, а во таквите моменти на навреденост јас лесно се вцрвувам, „како мома“, како што ми рече еднаш и таа самата, „затоа што ти е чиста душата.“

„Диотимо“, реков тогаш за да ја скријам збунетоста, „кажи ми кон која ѕвезда патуваме, па тоа добро да го запомнам и да си го запишам во тетратката?“

Нејзе, меѓутоа, како да не ѝ беше до шега.

„Има мудреци“, рече, „има и бесловесен добиток - но каде се луѓето?“

„Па тука се, каде ќе бидат“, реков ширејќи раце.

Таа се засмеа на оној нејзин начин и како да размислуваше дали дошло време да ми каже нешто, но очигледно се премисли.

„Треба да се дише со полни гради“, рече замислено. „Собирај сили.“

„А ако денешниот ден не е создаден за музика?“ реков правејќи се дека сум разбрал што сакала да ми каже.

Таа сè така се смееше.

„Нештата се поврзани“, рече, „на многу замрсен начин. Еден ден ќе ти прикажувам за тоа. Но не сега. Сега не зборувам за нас, туку за оние што не се допрени од ништо.“
Овде реков дека сум разбрал, но тоа уште повеќе ја налути, па рече дека зборовите ништо не значат и дека пове
ќе нема да расправаме за тоа.

„Сфинга на гневот“, Жарко Кујунџиски, „Антолог“

Последните месеци се сместуваше во фотелјата само кога мислеше на Марко и на неговиот ракопис. Сега тој му изгледаше поблиску до неговите раце повеќе од кога било претходно.Каков триумф би било тоа? Тој да го издаде повторно? Големото враќање? Што ќе помисли читателската јавност? Само најдоброто: сè ќе биде решено кога логото на „Веда“ ќе легне под името на Марко Ковачки.Но како да дојде до ракописот? Тоа е единственото важно прашање што треба да го одговори среде поројот.

Лазар се наведна и од под правта на фотелјата извлече масивна книга. Корицата беше целосно црна, без никаква илустрација, а преку неа со темно сиви букви одвај и да се распознаваше нејзиниот наслов - „Отворање на кутијата“.
Ја отвори книгата и сврти на првата страница. Со очите помина преку посветата, онаа што тој ја нарекуваше посветата број еден.

Единствено од оваа своја книга Лазар имаше два потпишани примерока. Онаа што ја чуваше тука, во редакцијата на издавачката куќа, беше таа што Марко му ја потпиша дента кога Лазар му го врачи, симболично, првиот отпечатен примерок, во старите простории на „Веда“ на „Ленинова“ во 2013 година. Онаа што ја чуваше дома беше вториот примерок со потпис на Марко, кој му го потпиша точно три месеци од денот на излегувањето од печат, кога го продадоа последниот достапен примерок од првиот тираж.Тоа беше примерокот брoј 1 000. На таков начин, Лазар чувствуваше дека така најсигурно го има заробено Марко во канџите на својата издавачка куќа. Посветата што се наоѓаше во примерокот во станот на Лазар гласеше: „За Лазар, бројките сепак нешто значат.“ Во примерокот што го држеше сега в раце пишуваше: „На чичко Лазе, бравата на мојата највредна кутија.“

Во меѓувреме, обновениот интерес за Марко Ковачки вадеше по медиумите стари интервјуа со него или осврти за неговата книга. Лазар помина цел ден во широка истрага за да ги следи сите можни текстови или емотивни изблици поврзани со Марко што ги споделија и неговите или нивните заеднички пријатели, па и луѓе за кои немаше поим дека имаат и најмала врска со него. Можеше да се прочитаат и верзии дека Марко бил виден од наши луѓе во Сплит во текот на вчерашниот ден. Верзии дека Марко бил киднапиран и биле уценувани негови роднини (иако Лазар не познаваше такви).Верзии дека бил убиен од мафијата, која го смешала со погрешен човек од Македонија. Верзии дека бил вмешан во криумчарење на антиквитети. Верзии дека бил долгогодишен зависник од наркотици.Верзии дека бил олицетворение на добрината. Верзии дека бил гуру на верување што потекнува од Далечниот Исток. Секакви верзии, освен такви што би го поврзале со светот на литературата и со тоа што Марко беше пред сè - највредниот писател кого Лазар го познаваше.

Кон претходните делови