Роман на годината 2020: „Своја“ и „Христо Егеецот“ (20)

28.07.2021 11:04
Роман на годината 2020: „Своја“ и „Христо Егеецот“ (20)

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот „Роман на годината“ 2020.

„Своја“, Ирена Никола Чаушевска, Скопје: Даниловска, И.

Ме примаат на Правниот факултет.

Татко ми е среќен, ја одбрав неговата професија. Среќна е и мајка ми затоа што е среќен татко ми. Отсекогаш живееле во комплетна симбиоза. „Ќе го имам ли и јас ова некогаш?“, набрзина ја бркам мислата и влегувам во автомобилот што сѐ уште го зајмувам од нив.

Му се насмевнувам на летното сонце. Планирам ова лето целосно да си го посветам себеси, да пробам нешто ново и да уживам. Од наесен, пак, сакам да се посветам на факултетот. Не им кажав на моите каде тргнав, знам дека нема да одобрат. Знам во која населба се наоѓа Коњичкиот клуб, но не го знам патот. Застанувам повеќепати и прашувам за насоки. Конечно доаѓам до голема капија, веќе се чувствува миризбата на сено и се слуша топотењето на коњските копита по оградите на боксовите. Се запознавам со сопственикот на ергелата и со тренерот. Ми ги покажува коњите еден по еден и за секој ми раскажува по малку. Од каде е донесен, каков му е темпераментот, по колку тренинзи ќе можaм да го јавам. Застанувам кај еден преубав црн пастув, со долга темна грива со црвенкаст сјај, грациозен став, но многу тажен поглед. „Како се вика?“, прашувам.

„Остави го, тој НЕ Е КОЊ ЗА ЈАВАЊЕ“, брзо одвраќа.

„Зошто?“, нестрпливо го чекам одговорот. „Може да те повреди. Го користеле за откривање мини, за малку ќе погинел, а подоцна била опожарена и шталата во која бил чуван. Доживеал премногу трауми и сега се исправа на задните нозе и скока без контрола и на најмала препрека или шум“, продолжува. „Газдата не го знаел ова кога го купил, отпосле дознал. Никогаш нема да ти дозволам да го јаваш. А голема штета е, бил одличен коњ, затоа и му била доверена таква тешка задача.“

Погледнувам над неговиот бокс. Со големи црни букви пишува: ТАЈФУН.

Деновите поминуваат, а јас сѐ поретко одговарам на повиците на пријателките за вечерни излeгувања, иако е лето. Уште од изутрина одам во ергелата, станувам сѐ поискуснa, почнувам да јавам и надвор од паркурот, сѐ подлабоко во планината. Чувството на ветерот во моето лице е незаменливо кога го водам коњот во галоп. Но дури и тогаш мислите не ми се тргаат од тажните очи на Тајфун...Му давам јаболко по завршувањето на мојот тренинг, му ја чешлам гривата, го милувам по образите. Сакам да му биде подобро, повторно да може да ужива надвор од боксот и да се радува на природата...Сакам повторно да биде нормален. Долго го убедувам тренерот дека јас сум вистинскиот јавач за Тајфун. Веќе сум поискусна, а и лесна сум, па ќе можам да се задржам на неговата грива, дури и да почне да скока...Имам многу трпение и, што е најважно - ГО САКАМ!

 

„Христо Егеецот“, Јован Џамбазоски, „Матица македонска“

Христо и Митра се договорија да позајмат од Мантови едно торбуле брашно, два сомуна леб и пари за два-три дена издршка.Го добија она што побараа, ама се чувствуваше некоја необјаснива болка и кај двајцата сопружници. Христо некако се смири. Не мрдаше ниту со главата, ниту со рацете, ниту со нозете. Се загледа во едно тесно рафтче, што го сочинуваа пет-шест полички. Гледаше во нив, а во главата му надојдоа некои слики и глетки што ги гледал во селото кога бил младо момче, а потоа и кога беше женет. Гледаше пред себе нива, долга и широка, со пченки, високи речиси три метри. Нива што да ја заобиколиш со трчање убаво ќе те задиши. Кочаните како рогови наредени. На секое стебло по два и некаде по три, брадите на кочаните зацрнети. Ветерот ги вее сосе стеблото, дури и брадите на кочаните. Сонцето грее и ги дозрева пченките. Виде долги ниви со пченица и 'рж. Класот и на двете тежок, се наведнуваа кон сушната земја. 'Ржта толку висока, што ако забегаш низ неа одвај ќе ти се гледа главата. Се присети на сите ниви кога беа пред узревање, кога се подготвуваа да почне жетвата. Во таа глетка немаше глад. Го виде моментот со минутите кога со Митра тој како 17 - годишник, а Митра 16- годишна, се бркаа низ пченките и кога Митра му забега во 'ржта.

Ги виде козите, стадото од 150 грла, како со подигнати опашки кон небото трчкаат, а меѓу нив неколку прчови гордо ги следат, се загледа во големите вимиња на козите полни со млеко, што на по некоја им прскаше од внатрешниот набој, на онаа хранлива течност. Се присети кога се јареа козите, кога секоја ќе донесеше најмалку по две јариња, а некои дури и три, како скокаа и блееја со многу мил блек, што звучеше на тивко ладникаво ветерче по некоја летна топлина, се пикаа под мајките да цицаат и мрдаа со опавчињата. Ете овој ден, кога Христо одобри да позајмат леб и брашно, сѐ му се прикажа како некој долг сон, кој завршува со будењето.

Во очите на тврдокорниот херој се наполни влага и изби необјаснива светлина.Сепак, не испадна сѐ така црно. Тие два-три дена ги протуркаа, стигна и платата, па пак се вклучија во вообичаениот животен тек.

Од тутунот веќе се собираше третата рака. Тогаш во таа берба се собира и најголемата количина тутунови листови.
Помина летната задолжителна практика на Танас и Ѓорѓи, сега можеше да се смета и на нивната помош. Присуството на овие двајца ја промени ситуацијата во просторот за спиење.

Јов и Ангел мораа да спијат во ист кревет, а за Танас во претсобјето имаше едно дотраено легло, кое малку пропаѓаше, ама таму можеше да спие сам. Ѓорѓи за спиење си одеше во куќата на Антулевци, каде што живееше Христо пред да се пресели кај Ујуновци, имаше една соба со кревети и едно масиче и таму ги учеше лекциите за школата. Христо стоечки ги издржуваше сите гајлиња. Тешко нешто можеше да го натера на посериозно расплакување. Мислеше дека сѐ што му се случува е направено со знаење на Господ, а тој, Севишниот, го сметаше за безгрешен. Си велеше: „Ќе увиди тој кои сме ние и ќе ни одреди таков живот како што тој знае дека треба.“ Се утешуваше со помислата: „Ако работиш вредно и чесно и доволно колку што ти дал Господ сили, еден ден сѐ ќе биде добро за сите нас.“

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Кон претходните делови