Роман на годината 2020: „Куќа над брановите“ и „Идол на ѕидот“ (19)

23.07.2021 01:35
Роман на годината 2020: „Куќа над брановите“ и „Идол на ѕидот“ (19)

  „Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот „Роман на годината“ 2020. 



„Куќа над брановите“, Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“

Ден 1607.

Денеска е и 227 ден откако ја добивме последната трансмисија од базата. И не само од базата...од кој било од нашите, освен од тебе...

Во деновите по последната трансмисија одвреме-навреме успевавме да фатиме нешто...По некој повик од оние вообичаените - ако некој слуша, да се јави, да каже локација или да се упати кон одреден чек - поинт.

Некои од пораките не ги ни разбиравме, зборуваа руски, јапонски, кинески, мислам и арапски...кој знае.
Па и нив ги снема. Потоа фаќавме, ретко, неразбирливи, испрекинати пораки, но и тие прекинаа, еве можеби цел месец.

Има само шум.
И молк.

Но тоа што те слушам тебе...секој ден...тоа ми дава надеж
дека не е сѐ мртво. Ни дава надеж. Дека има преживеани.
Дека веројатно сѐ уштe се засолнети. Но, дека ќе се појават.
Дека ќе те спасат. Дека ќе нѐ спасат.
И дека ќе опстанеме...

Еј, срање, реков дека нема да те фрлам во даун.Извини, извини мачко. Не сакав.Веднаш ќе сменам тема, може?
Ако сакаш, ќе ти раскажувам за пустелијава. За големиот џин во чијашто сенка заспиваме и се будиме секој ебен ден.Кога го гледам него, огромен и тотално непредвидлив,со оној немир што го крие во неистражените длабочини, се чувствувам слабо и беспомошно како мало дете. И на оваа далечина од нас, изгледа застрашувачки.Помоќен е од најсилниот водопад, од најголемиот вулкан, од најужасната лавина...А замисли, тој е само една точка во бесконечноста. Што сѐ има околу нас, колку нешта за кои не сме ни свесни, ниту пак можеме да си ги замислиме...
Ха, sister I'm a poet! Признај дека ни ти немаше ова да го срочиш вака.

Срање, Матео ми мавта и прави фаци да побрзам, му требам.
Имаме работа, мачко.
Иако можеби сето ова сега изгледа бесмислено, тука сме и мораме да продолжиме како ништо да не се случило...Како сѐ да е по старо. Тоа...или отидовме со паметот.

До утре, жено на мојот живот. Освен ако не те видам на сон пред да ти го слушнам гласот. Чувај се.


„Идол на ѕидот“, Елена Филиповска, „Сигмапрес“

Го обожавам март во Скопје. Конечно почнува животот во градот. Нема магла, небото е сино и дува силен ветар. Таа 2020 година, празникот се падна во недела. Скопјани ја правеа познатата рута. Првин одеа во цвеќарниците на плоштад, каде што за празникот носеа најубави каранфили. Оттаму излегуваа на кеј, се чекаа со пријателите покрај жардиниерите со темјанушки, па продолжуваа на прошетка покрај Вардар кон парк.Сите чуваа по некое бонче за кригла пиво или сокче на растворање кај Жабарот, ако имаше место. Ако немаше каде да се седне, продолжуваа до парк.
Таа година, јас не стигнав до парк. Првин прошетав покрај цвеќарниците до плоштад. Потрошив едно бонче за каранфил за да не привлекувам погледи на себе.Седнав под еден костен, на клупата веднаш до телефонската говорница. Спроти мене зјаеше делот од плоштадот каде што некогаш беше Стоковна куќа.
Убаво се сеќавав на Стоковна куќа. На крајот на осумдесеттите, Вториот Маршал наредил да се сруши за да собере повеќе народ на плоштад кога ќе доаѓа да држи говори. На почетокот, доаѓаше нон - стоп. Се сеќавам дека сите го чекавме и се стискавме на плоштад. Дете бев. Ги држев моите за рака или му седев на татко ми на ушка.Одеднаш, ќе се појавеше на балкончето на вториот кат на Ристиќева палата.
„Се замишља да је Тито или Кардељ“, му шепотеше мајка ми на татко ми на уво.
На времето, кога имало некој проблем во Републиките, доаѓале Тито или Кардељ, ќе одржеле говор и веднаш сѐ се средувало.Така велеше мајка ми. Вториот Маршал ја пробал истата формула, ама не му успевало, па почна политика што мајка ми ја викаше „кад-нечеш-милом-онда-чеш-силом“. Нормално, престана да доаѓа во Републиките. Веројатно доаѓал, ама одел директно на Средно Водно. Веќе немаше што да му каже на народот. А, Стоковна куќа не ни ја вратија.
Седев под густата крошна на костенот. Ми достуде на нозете, па тргнав по кеј кон парк. Си седнав на клупата зад ЦК каде што една година порано седев со Мира. И бев купил зашеќерено јаболко што го грицкаше со сласт два саати... Планирав за оваа, 2020 година, да собирам бонови, па за 8 Март да ја носам во Лунапарк и на ручек во „Кермес“. Беше поголемка, ќе ѝ беше интересно...
Каде ми е детето? Се стуткав на едно ќоше од клупата и се трудев да не привлекувам внимание. Каде би можеле да бидат тие невини очиња, малите рачиња ишарани со петки од градинка, смешните прстиња на нозете, раменцата што се креваат нагоре кога ја чешкав по грпчето...Сонцето ми годеше. Ми ја печеше тагата.

Кон претходните делови.


Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.