Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

19.05.2021 15:08
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.


„Фантомско стапало“, Блаже Миневски, „Матица македонска“

Кога ја видовме учителката во школскиот двор како да блесна нешто вонземно под багремот, нешто со розова аура на врвот. И Миле Пејкуре призна дека е поубава од Анѓа Попова за која се зборува дека личела на самовила, дека била полична од сè што можел да замисли како песнопоец. За тебе лага, за мене вистина, рече. И верно беше така, си велам враќајќи се на она што мислев дека не постои, дека е запретано во отсуството. Мрна се гледа и кога не се гледа, си велам. Беше тенка, со црна виткана коса, бело лице, со две дупчиња на образите кога ќе се насмевнеше. По двориштата со спрострени алишта слетуваа птици за да видат како се гушка со мајките на децата што ги презеде од претходната учителка. Таа дојде од градот, а другата замина од селото. Споредувајќи ја со Анѓа Попова, каква што ја замислував по кажување, гледав дека кај првата ги знаев само косата и лицето, а овде можев да ги видам рамениците, обли како сапунчиња; градите што шаркаа под кошулата, нозете сјајни, мазни и бели како гурабиите што баба Енка ги правеше за раздавање, оние што се распаѓаа кога ќе го лизневме шеќерниот прав на грпките. Ја топевме правта во устите и рецитиравме: „Есен стаса, грозје зрее, штурче негде песна пее: Зрн-зрн-зрн, дојде час, гроздобер е кај нас!“

Во тие неколку месеци од есента, и подоцна, до настанот што се ребрам да го откријам, Мрна доаѓаше секој понеделник, а од селото заминуваше во петок, по часовите. На ширинката под багремот застануваше „фиќо“-то на сопругот, таа влегуваше со едната нога внатре, седнуваше на седиштето до него, а потоа ја префрлаше другата нога и ја затвораше вратата. Воздухот што остануваше во дворот мирисаше на неа сè дури не го поклопеа издувните гасови на камионите со грозје, оние од кои се цедеше шира во правта. Главната улица во селото мирисаше на озон и маџун, како да врнел вински дожд; понекогаш некој од нас ќе потрчеше по возилото што бревташе на угорнината кај трафостаницата, ќе се фатеше за приколката одзади и ќе грабнеше еден или два грозда од купот врз цирадата. Гроздовите се лепеа на рацете како смола.По неколку дена, винарската визба од градот поставуваше откупен пункт на сретсело па лозарите со кошеви го носеа грозјето тука, го мереа на вагата и го истураа во приколките залепени до бината. Платформата многу брзо стануваше влажна од ширата, па обувките на оние што беа горе потпукнуваа лепејќи се на талпите. Во тоа време имаше многу луѓе на сретсело; едни доаѓаа со полни, други се враќаа со празни кошеви; под копитата на добитокот прскаше правта, се креваше по меѓите како чад. И училиштето мирисаше на прав и шира. Во соседната училница некој гласно читаше: „Ана меси на маса. Ана меси сама. Со Ана е Ема. И Ема меси сама. И Ема меси на маса!“

„Највисокото дно“, Марија Митева, „Полица“

Ја остарев ли твојата младост? Можеби сега ќе беше на некоја забава или ќе се подготвуваше за некоја светска метропола. Можеби ќе помислеше на мене и ќе ти измамев крива линија на устата како тукушто пресечено парче лубеница. Или, едноставно, ќе добиеше лошо претчувство. Којзнае!? Милиони можности и прашања со уште толку можни одговори...Ама тие за некои други времиња, за некои други простори. Сега сме тука.

Кога ќе си го погледнам одразот на мојот лик во водата од езерото, гледам џиновска бенка над устата, фино уредена црна коса и силни прсти што се лизгаат помеѓу влакната. Тоа го правам често, без особена причина, ги поднаместувам очилата за гледање и повторно талкам низ сокаците на моите мисли. Но, овој пат покрај брегот се разбрани езерото поради паркирањето на некој глисер и тоа ме вознемири. Се чувствував како јас, контрол-фрикот, како што велеше таа, немам контрола врз ништо во мојот живот, дури не можев да го гледам сопствениот лик колку што сакав. Ја немав контролата врз креацијата на Луна. Иако ја гледам секој ден и мислам дека ја знам подобро од сопствената дланка. Мислев дека можам да ѝ го портретирам лицето со секоја пора и нерамнина што ѝ се појавува дури и кога би бил слеп.

Но, не сум сигурен ниту дали сакаше да дојдеме на ова езеро, не сум сигурен ниту за себе дали сакав. И онака не влегувам да пливам во езеро. Знаете, море си е море. Ама јас не сум сигурен ниту дали сакав да останеме дома, не сум ни сигурен дали сакам да одам на кое било друго место на планетава.

Некогаш си помислувам дека не сакам ниту да престојувам во сопственото тело. Го мразам сопствениот лик, ја мразам бенката над мојата уста, уредената црна коса, ја мразам потребата постојaно да ги заривам прстите во главата, го мразев сопствениот чекор за кој другите знаеjа да кажат дека е кaко од модна писта.

Ги мразев своите години во однос на нејзините, го мразев нејзиниот индиферентен израз на ликот наспрема мојата мизерија, го мразев тоа што нејзината насмевка беше предизвикана од сонцето што ѝ пречеше во очите, а не од мене. Го мразев тоа што зад сите врати и големи ѕидини на крајот на денот за нејзиниот неуспех бев одговорен јас. Таа се лепеше за мене во ноќта со ногата преку мојот колк и раката под мојот врат, како да сакаше да ја впие и последната капка нежност и да генерира нова.

Кон претходните делови