Дали е време за универзален основен приход?

08.04.2020 00:59
Дали е време за универзален основен приход?

Во последниве шест месеци почнав повеќе да се занимавам со идејата за универзален основен приход, како потенцијален централен поим на системот за социјална заштита насочен кон иднината, а кој би бил подеднакво применлив на локално, глобално, но и сите нивоа помеѓу. Иако тоа бара посебен текст, сѐ уште верувам дека националната држава, традиционална единица за мерките на социјалната политика, истовремено премала и преголема за имплементација на вистинска прогресивна социјална политика: премала зашто социјалниот систем мора да биде глобална грижа, а преголема зашто на потребите мора да се одговори локално. Во моменталната вонредна криза, веројатно најнеизвесна во историската ситуација која некогаш сме ја виделе, отворањето дискусија за универзален основен приход не е важно само заради активностите со кои ќе се реагира на моменталната ситуација туку и заради промислувањата за времето кое следи после кризата. Овој краток вовед претставува скромен обид да се поттикне, а не да се запре дискусијата, земјаќи го предвид фактот дека многумина во моментов буквално премногу се преокупирани со сопственото преживување и дека иднината ни изгледа не само несигурна, туку речиси незамисливо несигурна.

Освен доминантната загриженост дека универзалниот основен приход ќе ја дестимулира работата, што е погрешно верување кое веќе е разбиено со реакциите на оваа криза, еден од најголемите приговори на универзалниот основен приход секогаш беше тоа што кога тој би се воспоставил на ниво кое би правело значајна разлика, би бил едноставно прескап. Многумина аргументираа дека универзалниот основен приход би ги „истиснал“ другите облици корисни социјални издатоци, како што се на пример нужните услуги како здравството. Па сепак, владите ширум светот на оваа криза реагираат така што ослободуваат финансиски средства во износи кои беа незамисливи пред неколку недели. Секако, како и вообичаено, приоритетите за вложување на овие средства ја следат логиката која е спротивна на благосостојбата: се вложуваат во банкарскиот и бизнис секторот, при што нешто „ќе капне“ и кај работниците во формалната економија. Иако во некои пакети мерките се традиционални, временските ограничувања и рестрикциите кои им се добро познати на познавачите на социјалните политики се оставени настрана, сепак се случуваат, намерно или случајно, нови исклучувања, при што премногу луѓе едноставно „поминуваат низ прсти“ и не добиваат никаков надомест за изгубените приходи.

Затоа, што претставува универзален основен приход и кои би можеле да бидат предностите и недостатоците од неговото воведување? Универзалниот основен приход најдобро може да се дефинира како „редовни парични приходи кои безусловно им се исплатуваат на сите без претходно проверување на имотната состојба или работниот статус“. Тоа можеби е наједноставниот, најдиректниот и најефикасниот облик на обезбедување основен приход кој можеме да го замислиме, особено ако „сите“ ги вклучува сите жители на одредено подрачје или административна единица. Универзалниот основен приход го одвојува „приходот“ од „трудот“ (како и да го дефинираме) и ги вклучува децата, пензионерите, мигрантите и барателите на азил, оние кои се школуваат или се на некаков вид обука, волонтираат или се негуватели без надомест, што секако најчесто станува збор за жени. Секако, во криза како оваа, универзалниот основен приход би им помогнал на оние кои не работат во моментов, вклучувајќи ги и привремено невработените. Кога тој би се вовел заедно со прогресивниот систем за оданочување и целното помагање на оние на кои тоа им треба најмногу, би можел, барем краткорочно, да го намали истовремениот товар на економската и социјалната несигурност.

Долгорочно, во контекст на климатската криза, универзалниот основен приход би можел да придонесе за крах на постојаното, фундаментално, неолиберално инсистирање на продуктивност и раст, сугерирајќи дека луѓето имаат интринзична вредност и дека би требало да имаат основен приход кој би им овозможувал избор преку основата на нивните интереси и способности. Истовремено, универзалниот основен приход самиот по себе не е соодветен за прекинување на убиствената врска помеѓу „парите“ и „нештата“ (на пример стоката за широка потрошувачка) и би можел да промовира краткорочна лична потрошувачка на штета на инвестициите во заедницата и меѓусебната солидарност. Затоа, покрај овој приход ќе бидат потребни и други мерки, со цел обезбедување еко-социјални мерки, промоција на одрастот, кружна економија, помали емисии на издувни гасови, инсистирање на обновливи извори на енергија, одржливи решенија во сообраќајот, локално производство и потрошувачка на храна и пружање нега.

Во времињата кои се сметаа за „нормални“, најважен аргумент против универзалниот основен приход, особено во кревките социјални држави од Јужна и Југоисточна Европа кои се водеа според мерките за штедење, беше дека таквиот приход би можел да ги одвлече вниманието и средствата од најважниот приоритет, а тоа е воспоставување и подобрување достапни и јавни услуги за оние на кои им се најпотребни. Моменталната криза веќе покажа дека децениите кратење на трошоците кај тие услуги, воведувањето формален и неформален пазарен натпревар, третирањето на здравството и социјалниот сектор како стока на пазарот, ги изложи луѓето на големи ризици. Универзалната бесплатна здравствена заштита на хартија реално не значи ништо кога побарувачката ја надминува понудата и мора да се донесуваат одлуки кои буквално се „прашање на живот и смрт“, дури и ако луѓето кои ги донесуваат тие одлуки имуни на притисокот втемелен на тоа колку пари и какви „врски“ има пациентот. Долго време една од максимите на социјалната политика беше дека социјалниот систем треба да биде доволно моќен и флексибилен за да одговори на „новите ризици“. Секако, секој здравствен систем би бил доведен во искушение во ваква криза, но претходните инвестиции во здравствената инфраструктура, персоналот и превентивното и јавното здравство, би направиле значајна разлика.

Пофундаментално прашање не е прашањето за воспоставување „социјални држави“ (welfare state - држава на благосостојба) туку изградба на меѓусебно поврзани „социјални општества“. Обврската на државата или актерите слични на државата, да ги гарантира социјалните права, да го редистрибуира приходот од богатите кон сиромашните, да обезбеди расна, класна, генерациска и полова рамноправност, и рамноправност која се темели на способностите, никогаш не беше постигната сосема, и затоа и натаму останува предмет на расправа, а не консензус. Во оваа смисла универзалниот основен приход би можел да биде „премногу базичен“ особено ако не е комбиниран со квалитетни универзални услуги. Земајќи предвид дека контролата им е подеднакво важна на државите, ако не и поважна од заштитата, и дека државата, како што рече Азра Хромаџиќ, полуотсутниот актер, односно според Чарна Брковиќ, амбивалентна и непредвидлива, на неа не можеме да се потпреме ни во таканаречените „нормални“ како ни во „кризните“ времиња. Ветојатно дека грасрутс движењата ќе имаат голема улога во ублажувањето на оваа криза, дури и повеќе отколку што имаа во времето кога се наметнаа мерките за штедење во земјите како Грција, Шпанија и Португалија покажаа дека единствени социјални мерки беа оние кои ги воведе и пружаше вмрежената заедница. Идејата дека универзалниот основен приход им дава замав на грижата, заемноста и вниманието за потребите на другите, притоа заменувајќи го митот за индивидуална одговорност со поимот заемна поврзаност, можеби и не е толку утописки колку што звучи.

Слики: Anna Parini

Извор: http://hsd.hr/hr/

ОкоБоли главаВицФото