Четириесет години од смртта на Тито: залудно потрошен живот?

04.05.2020 17:25
Четириесет години од смртта на Тито: залудно потрошен живот?

Би можело да се помисли дека периодот поминат од смртта на Тито, 4 мај 1980 година, е доволен за дистанца. Теориски, страстите би требало да се смируваат. Се покажува дека митовите за лошиот болшевик или добриот татко на југословенската неврзана, самоуправна, братско–единствена заедница, се лице и опачина на истиот феномен.

Сирачињата на Тито

Да почнеме од тој мај, 1980 година. Во Сплит, на стадионот „Пољуд“, репортерот на Радио-телевизија Белград, Миломир Јасниќ, со камерата ги бележи оние неколку минути кои ќе стигнат на сите светски телевизии: веста од разгласот на стадионот „почина другарот Тито“ ги потресе до срж фудбалерите на „Ѕвезда“ и „Хајдук“ и 50-те илјади гледачи на трибините. Тогаш од илјадниците грла се слушна песната со заветот: „Друже Тито, ми ти се кунемо, да са твога пута не скренемо!“

Целата југословенска нација, за која нејзините етнички составни делови подоцна хорски ќе тврдат дека никогаш и не постоела, беше соединета во чувството на загуба. Дали тогаш знаевме по кого тагуваме? Признавам – јас не знаев. Милиони граѓани беа држани во состојба на политичка инфантилност. Службената историографија и биографиите ги премолчувале важните детали од животот на Тито. Но солзите на тие луѓе, од кои денес некои се срамат, не беа лажни.

Постојат 15 различни податоци за датумот на раѓање на Јосип Броз, при што најчестиот е 7 мај 1892 година. Семејството во Загорје од денешниот регион Тренто, на северот на Италија, доаѓа во 16-иот век. Тоа подрачје тогаш ѝ припаѓало на Австрија и имало мешано германско и италијанско население. Така, по таткото Фрањо, Јосип Броз е Хрват со италијанско–германски корени, а по мајката Марија е Словенец.

Тито и Вили Брант во Германија 1970.

 

Биографски трња

Браварскиот занает го научил во Сисак, а работата го водела сè до Чешка, Германија и Австрија. Во 1910 година Броз се зачленува во Социјалдемократската партија на Хрватска и Славонија. Во 1913 година, заминува на отслужување на воениот рок и како австроунгарски војник ја дочекува Првата светска војна – се истакнува како скијач и мечувалец, има чин на водник.

И Тито и југословенските комунистички биографи сакале да премолчат дека водникот Броз војувал како артилериски подофицер во Србија и дека во 1914 година дури бил и унапреден. Овој дел од биографијата денес радо се наведува како доказ дека Броз многу рано зазел антисрпски став. Тезата тешко може да се докаже. Броз добил прекоманда на исток, каде тешко ранет од копјето на еден Черкез паднал во руско заробеништво. Во 1967 година Тито ја посети Виена. Домаќините сакале да го израдуваат со врачување на стариот орден, но тој тоа го одбил.

Сепак, сите негови биографи потврдуваат дека по заробеничкиот и потоа црвеноармискиот престој во Русија, доживотно останал емотивно врзан за таа земја. Значи, не постои автоматизам според кој мора да ги мразиш државата и народот кои биле твои воени противници.

Прва пролетерска, 7.11.1942., Босански Петровац

 

Тито како „руски агент“

Нема да ја прераскажувам биографијата на Броз. Само укажувам на неколку нејзини бизарни детали. Таму припаѓа и еден податок од германските страници. Наводно, вонбрачниот син на Броз, Ханс Студер, како нацистички војник загинал во борба против југословенските партизани. Вистина или не, ова е веќе сериозен материјал за холивудска драма.

Сепак, најспектакуларна е приказната за Тито која стигнала од Соединетите американски држави, каде Тито двапати сакал да емигрира. Првиот пат во 1907 година, но не можел да сообере пари за патувањето, и втор пат, десет години подоцна, од револуционерниот Петроград, но не го пуштиле на финската граница.


Тито и Хрушчов, 1963., на бродот Подгорка

Во 1955 година, Џон Маркул им ја раскажал приказната на агентите на американската тајна служба, а ние ја знаеме зашто ЦИА, во 2016 година, ја отстрани ознаката „доверливо“ од бројни документи од педесеттите години на минатиот век. Маркул е роден во Ливно, 1909 година, а од 1936 година живеел во Америка. Тој тврдел дека во 1928 година го запознат Јосип Броз и дека потоа уште два пати го видел во Париз – 1935 и 1936 година.

По војната се сретнал со Тито во 1953 година и се уверил дека не станува збор за истиот човек. Наводно, ниту висината не одговарала на оригиналниот Броз, кој немал два прста, а овој од педесет и третата, ги имал сите десет, па дури свирел и клавир. Според него, станувало збор за руски агент, кој го украл идентитетот на Броз во 1937 година, кога во Русија исчезнува вистинскиот Тито. Човекот кој на Сталин му го рече историскот „не“ наводно бил рускиот генерал Николај Лебедев, кој лажно се претставувал како Јосип Броз.


Во шума герилец, од шума - маршал

Со кој и да сретнал во 1943 година – со руски генерал или бравар од Загорје, британскиот бригаден генерал Фицрој Меклин (Fitzroy Maclean), човек од доверба на Черчил, бил фасциниран. Черчил го испратил Меклин во Југославија „да открие кој убил најмногу Германци“ за да му помогнат да „убие уште повеќе“.


Тито и Черчил во Сплит, 16 јули 1960.

Запознавајќи го комунистичкиот герилски водач во акција, Меклин бил изненаден од подготвеноста на Тито секој проблем да го разгледа од сите страни, од неговиот хумор и редицата особини кои кажувале дека тој човек, и покрај толку многу смрт – го сака животот. Конзервативниот британски разузнувач во ниту еден момент не заборавил дека си има работа со идеолошки противник. Но одлично разбрал што навистина се случува на теренот. И дека војската на Тито, со Британците или без нив – ќе победи. Остатокот може да се прочита во хрониките на антифашистичката борба во светот.

Разделбата од Сталин, само три години по војната имаше големи последици врз модернизацијата на Југославија, која доби хибриден, западно–источен облик. Сталин се обидел да го ликвидира Тито, но неговите убијци не можеле да поминат низ мрежата на југословенските безбедносни служби. Тито му испратил порака на Сталин: „Ако не престанеш да праќаш убијци, јас ќе пратам еден во Москва и нема да има потреба да праќам друг“. Ваквиот пркосен став покажува зошто многу Југословени се препознавале себе си во Тито.

Основачите на неврзаните, претседателите на Египет,
Индија и Југославија - Насер, Нехру и Тито

 

Победија поразените?

Трупите на Тито со години биле гонети како ѕверови, па на крајот на војната сториле ѕверски дела. Духовните и физичките наследници на поразените војски Тито го нарекуваат злосторник. Десетици илјади сталинисти, но и оние кои невини биле обвинети, по раскинот со Сталин, поминаа низ тортурата на Голи оток. Постојат публицисти кои заради тоа го споредуваат Тито со разни други мрачни ликови на 20-иот век, оние кои ги праќаа луѓето во логори. Можам да ја разберам осудата на злосторството, но историската улога на Тито не може да се редуцира на тие елементи.

Уште од војните во деведесеттите години, во кои немаше партизани, ревизионистите се обидуваат да победат и во изгубената Втора светска војна. Неморалноста на нивната постапка не се гледа сам во тоа што на тогашниот победник – Тито и на социјалистичка Југославија, како негово чедо им се припишуваат редица гревови. Нив ги имало. Неморалноста е во тоа што од тоа извлекуваат заклучок дека антифашизмот е грев. А дека разните нијанси на колаборација и фашизоидност – биле национална доблест.

Вториот проблем со Тито има културолошка природа, демократурите кои се воспоставија врз урнатините на Југославија не успееја да го достигнат цивилизациското ниво на Титовата „кадифена диктатура“, дури ни во економска, а камоли во културна смисла. Да не зборуваме за геополитичкото значење на Движењето на неврзаните.

Тито и Јованка Броз како гости на прославата
2500 години од иранската монархија, Персеполис, 1971.

 

„Ако е вистина...“

И некои западни критичари, помалку проникливи од Меклин, а повеќе напумпани со идеолошкиот хормон на антикомунизмот, во Тито го гледаат истото што и во Чаушеску или дури Сталин.

Сумирајќи го животното дело на популарниот југословенски автократ, „Њујорк тајмс“ на 5 мај, 1980 година забележа нешто друго – дека благодарение на политиката на еквидистанца кон блоковите и експериментирањето со слободата внатре во еднопартискиот систем на Тито, Југославија стана „светла точка среде општото сивило на Источна Европа“.

Таа светла точка без него ќе се претвори во флека од згрутчена крв. За тоа може да му се забележи на Јосип Броз што не нашол начин на својот проект, федерална Југославија, да му обезбеди економска и политичка оджливост. Иако беше прагматичен, остана ограничен од зададениот идеолошки хоризонт.

Пред крај наслутувал дека работите може да тргнат на лошо. На хрватската новинарка, Дара Јанековиќ во 1976 година ѝ кажал: Ако е вистина сето тоа што го зборуваш за состојбата во нашето општество, во државата и во Сојузот на комунистите, тогаш јас залудно го потрошив својот живот“. Горчливо сознание.

Исклучително антикомунистички расположен, 34-иот претседател на САД, Двајт Ајзенхауер, рекол за Тито дека е најголемиот херој на Втората светска војна, а Орсон Велс за Тито рекол дека е најголемиот човек на тогашниот свет. Тогашните оценки може да ни изгледаат претерани, но тие денес не можат да се израмнат со негирањето на историското значење на овој човек, па макар тој „залудно го потрошил својот живот“.

Тито - партизан

 

Извор: Дојче веле за Србија

ОкоБоли главаВицФото