Сојка

06.05.2020 12:50
Сојка

 
Секој на светот нешто сака. Едноставно, секој е во понешто заљубен и сака да е во близина на тоа што го сака или сака да го има.

Сојката е заљубена во звуци! И во зборови. Во сè што се слуша. Поради тоа секој ден лета по гората, ги обиколува селските овоштарници, дури упаѓа во дворовите и слуша. Слуша така што не ѝ е рамна ни најдобрата слушалка на светот. Чуе ли каков било звук, шум, чкрипење, разговор на луѓе, глас на некое животно - таа сето го собира, го граба со клунот и го носи во својот зелен дом.

Во еден салон на нејзиниот зелен дворец може да се најде украден лаеж од куче, мјаукање на мачка, блеење на овца, кокодакање на кокошка, чкрипење на некое суво дрво, фиук на ветар, ромон на дожд, глас на секоја птица, гровтање на свиња, човечки зборови...

Сето таа го собира со клунот како семки од сончоглед и брзо го носи во зелената работилница на својот дворец. Сè што носи сојката во својата лабораторија го меси, меша, преправа, крои, па создава нови звуци и нови гласови.

Многупати сме ја слушнале како во салата на својот зелен замок зборува, лае, блее, мјаука...

Некој рече дека таа знае четириесет јазици! Не знаеме само дали својот јазик добро го знае.


 

Милорад Радуновић (1926—2017) бил професор по книжевност, агроном и писател.
Роден во Никшиќ. Раните години ги поминал во Суви Лукавац, кај Исток, на Косово. Виша педагошка школа и филозофски факултет завршил во Скопје. Пишувал песни, кратки приказни и драмски игри за деца и возрасни. Собирал народни умотворби, посебно на подрачјето на Косово.

Превод: П. В.
Слика: Крис Бузели

Слични содржини

Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото