Да се поттикнува емпатија која води кон солидарност

11.05.2020 00:12
Да се поттикнува емпатија која води кон солидарност

РИСЦ (Reading International Solidarity Center) е организација и социјален центар кој се наоѓа во самото срце на Рединг. Центарот во своите простори нуди комбинација на комерцијални и образовни активности: се одржуваат тренинзи на тема глобално образование за наставници и студенти, се организираат предавања, дискусии и културни настани со цел подигнување на свеста за глобалните прашања, а освен канцелариски простори и конференциски сали за изнајмување има и fair-trade продавница, книжара, кафуле и јавна градина. Мартин Микаил е вклучен во работата на Центарот од самиот почеток, почнувајќи од едукациските активности и промовирањето на глобалното образование во училиштата, додека сега ги координира неговите комерцијални активности. Неговото учество на симпозиумот Искуства од социјално-културната соработка и поврзувањето одржан во рамки на Clubture Forum, беше можност да поразговараме за Центатот и за политичките и економските стратегии кои организацијата ја прават одржлива после 30 години работа.

Дали може да нѐ запознаете со РИСЦ, со што се занимавате?

Корените на организацијата се во development образованието, односно во обидот за зголемување на свеста за глобалните прашања. Веруваме во солидарност со луѓето ширум светот, во пружањето поддршка на луѓето кои се борат за поголема рамноправност, во разбирањето на односите на богатите и сиромашните земји и разбирањето дека ние во Велика Британија сме толку богати зашто постојат некои други луѓе во светот кои живеат во сиромаштија. Тоа нѐ тера повторно да размислуваме за прашањето на колонијализмот и нѐ тера да ги преиспитуваме стереотипите за луѓето ширум светот.

Мислам дека зборовите на Елвија Алварадо добро ја сумираат нашата појдовна точка: Не бараме храна, облека или пари. Те сакаме со нас во борбата. Сакаме да ги едуцираме вашите луѓе. Сакаме да ѝ се придружите на нашата борба. Не плашете се, грингоси. Не се покорувајте. И запаметете, тука сме со вас.

Организацијата веќе триесет години работи во Рединг, град кој е 60 километри оддалечен од Лондон кој е всушност „Лондон во мало“ - дом на луѓе од сите краишта на светот. Затоа првото нешто кое го забележав кога дојдов во Загреб беше расната хомогеност, дека нема луѓе кои се политички црни.

Градината на покривот на Центарот

Дали може да ми кажете нешто за зградата во која се наоѓа Центарот?

Нашето седиште е во Рединг веќе триесет години. Десет години бевме во изнајмен простор со една соба за состаноци, се занимававме со образование и отворивме fair-trade продавница и книжара. Кога ни се укажа прилика, ја купивме зградата во центарот на градот со кредит од етичката банка со седиште во Холандија (Триодос). Вложивме многу волонтерски труд во средувањето на просторот, но поседувањето зграда на организацијата ѝ даде стабилност и можност во неа да вложуваме за да можеме со намалување на потрошувачката на енергија да направиме еколошки одржлив модел. За нас, сопственоста на зградата беше мошне важна зашто ни даде и финансиска независност.

Што значи за вас финансиската независност и како успевате да ја одржите?

Бидејќи имаме и комерцијална дејност, едукациите и настаните за кои мислиме дека се важни успеваме да ги организираме бесплатно. Центарот е дел од мрежа образовни центри кои се занимаваат со глобалното образование во Велика Британија. Пред десет години постоеја педесет такви центри ширум Велика Британија, но станаа исклучително зависни од финансиските средства кои ги доделува државата. Кога во 2010 година се формираше конзервативната влада, средствата за овој вид образование беа драстично намалени и тоа го преживеаја само петнаесетина од педесетте центри, некои од нив само со еден вработен човек. Бидејќи целата моќ е во рацете на донаторите, организациите и центрите се мошне чувствителни на финансиските намалувања на владата. Ние успеавме да продолжиме со работа зашто имаме низа активности кои нѐ поддржуваат финансиски. Климата за финансирање на порадикалната политичка активност во Велика Британија во моментов не е ветувачка, а сепак, што и да правите, мора да имате пари. Одредено време може да ве турка ентузијазмот, но луѓето мораат од нешто да живеат; можат да работат доброволно одредено време, но најпосле мора да имате пари.

На Форумот многу се разговараше за соработката, како организацијата одлучи сама да се впушти во потфатот за купување на зградата?

Добивањето на зградата ќе беше исклучително тешко ако имаше повеќе организации. Ќе беше тешко да се управува со процесот и да се донесуваат потребните одлуки. Ако имате пет организации кои мораат да се договараат со своите членови, мошне е тешко да се оди напред и работата може да стагнира долго време. Меѓутоа, ние сме отворена организација, ја препознаваме важноста на соработката и вмрежувањето и имаме над 250 организации кои го користат нашиот простор. Ако би имал намера да основам слично место, би барал партнери кои сакаат да отворат fair-trade продавница или продавница за органска храна, нешто што е во склад со вредностите на организацијата, зашто комерцијалните партнери можат да помогнат во придонесот за одржливост на просторот.

Како се управува со Центарот?

Центарот е организација која е основана како приватна компанија чија дејност е добротворната работа. Кога станува збор за управувањето, имаме волонтерски управен одбор кој се избира еднаш годишно, а се состанува еднаш во два месеци и се грижи организацијата да ги постигнува своите цели. Во оперативната работа сме поставени нехиерархиски, со организацијата управува работнички Колектив од 12 членови кои заедно ја заменуваат традиционалната улога на извршниот директор. Сите имаме различни области на одговорност во рамки на организацијата и се состануваме еднаш на две недели. Исто така, тука се и другите вработени кои ги координира Колективот и околу 80 волонтери без кои организацијата не би можела да функционира.

Кафулето во Центарот

Споменавте дека корените на организацијата се во образовните активности. Дали може да ни кажете нешто повеќе за глобалното образование?

Да, јас почнав како образовен работник, обидувајќи се да ги наведам младите луѓе нештата да ги гледаат на различни начини, обидувајќи се да ги преиспитуваат нивните стереотипи. Во основа, глобалното образование е важно за да ја разбереме својата позиција во светот. Тоа е неевроцентричен начин на гледање на светот. Кога се работи за проблемите како што се климатските промени, тие најмногу ќе влијаат на најсиромашните заедници во светот. Ќе ни влијаат и нам во Велика Британија, но помалку отколку во Бангладеш. Глобалното образование нуди можност за прашањата за социјална правда да зборуваме во глобален контекст. Секако, важно е да се тргне од местото каде што живееме и да се поттикнува емпатијата која води кон солидарност, а не кон милостина.

Бидејќи имаме ограничени ресурси, донесовме одлука да не работиме директно со учениците туку со наставниците и студентите кои се обучуваат за работа во училиштата. Ако охрабриме еден учител да зборува за овие теми и да отвора контроверзни прашања, тоа ни пружа прилика да дојдеме до илјада ученици. Заради ограничените ресурси работиме со студентите на универзитетот во Оксфорд, еден универзитет во Лондон и еден универзитет во Рединг. Беше потребно многу труд и многу вмрежување за да дојдеме до таков тип соработка. Помогна тоа што нашата работа беше препознаена и ценета, како и тоа што бевме финансирани од претходната влада и ЕУ.

Она што ми го привлече вниманието додека ја истражував вашата веб страница беше мешавината од „помеки“ и поексплицитно политички активности. Дали тоа е стратегијата на Центарот?

Да. Ако сакате да допрете до нова публика, мора да користите разни активности. На пример, организираме настан со етно музика, тоа е „помека“ активност која привлекува луѓе, но нѐ интересира посериозно разгледување на ситуацијата во Ирак. Двесте луѓе доаѓаат да слушаат музика, но пред концертот разговараме за политички теми. Дозволете да ви дадам уште еден пример, бидејќи во последно време бевме нападнати заради нашата поддршка за Палестина. Постои организација која соработува со Палестинците кои ја основаа луѓе откако се сретнаа на еден настан во нашиот Центар. Откако отидоа да помогнат во бербата на маслинки во Палестина, одлучија да обезбедат пазар за маслиново масло од Палестина во Велика Британија и сега успешно го работат тоа. Сакам да кажам дека на некој начин сме инкубатор, плодно тло за политизација на луѓето. „Помеките“ активности можат да доведат до пожесток ангажман, но ако почнете жестоко, може да ги исплашите луѓето. Тоа е причината зошто имаме мошне отворена зграда. Сите знаат да влезат во продавницата или во барот, можат да влезат и да се напијат кафе, не треба да се занимаваат со ништо и можат да си заминат - но, ако ги привлечат нештата што ги гледаат и летоците што ќе ги прочитаат, тогаш тоа е почеток, зашто можеби ќе одлучат да дојдат на некој настан или на филмска проекција и ќе се заинтересираат, можеби ќе и се придружат на некоја група и ќе се вклучат, со тоа што во секој момент можат и повторно да се исклучат. Фактот дека нашата зграда е отворена за сите минувачи ни дава добра појдовна точка. Сите може да влезат во кафулето или во продавницата.

Fair-trade книжарницата во Центарот

Извор: https://www.kulturpunkt.hr

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Активизам / Свет
Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото