Како катастрофите поттикнуваат добрина

01.11.2012 12:40
Како катастрофите поттикнуваат добрината

Откако на Источниот брег станаа видливи последиците од Сенди – милиони луѓе останаа без струја, на многумина им недостига вода, јавниот превоз во Њујорк е речиси оневозможен што можеби ќе трае со денови – многумина се соочија и со енормни емоционални и физички предизвици. Но, според експертите, луѓето можат да се потпрат барем на добрината на странците – не само на ближните – за побезболно да го поднесат шокот.

Иако понекогаш катастрофите влијаат врз менталитетот така што ослободуваат бескрупулозна себичност и брутална борба за опстанок во којашто само најсилните преживуваат, во реалноста, луѓето што се приморани да се справат со кризи всушност се однесуваат многу алтруистички.

Ова веќе го видовме на местата каде што е причинета најголема штета од Сенди. Вчера, градоначалникот на Њуарк Кори Букер – лично им помагаше на десетици луѓе што преку Твитер ја бараа неговата поддшка – на интернет го објави ова: „Според полицијата, има НУЛА евидентирани грабежи или криминални дејствија што ја искористуваат ситуацијата во Њуарк. А непрестајно известуваат за добри дела што се прават насекаде. #Gratitude.“

Насекаде низ погодените региони, луѓето ги посетуваат и се грижат за болните или постарите, меѓусебно си делат храна и информации, внимателно возат низ крстопатите каде што не работат семафорите и на многу различни начини си помагаат едни со други. Сепак, имаше некои извештаи за грабежи во делови на Бруклин, ногенералната слика укажува на активна соработка меѓу луѓето.

Таквата соработка во ситуација на криза има долга историја. Постарите лондончани, на пример, често со гордост се присетуваат на годините на Blitz-от, кога Германците безмилосно го бомбардираа нивниот град, во текот на Втората светска војна. Граѓаните на Њуарк исто така, имаат теденција да се сеќаваат на ситуацијата непосредно по 11 септември, како време на огромна солидарност. Истото важи и за најголем број земјотреси и цунами ширум светот.

Иако по ураганот Катарина кружеа ужасни (и често лажни) гласини за застрашувачки злосторства, во текот на кризата непосредно по катастрофата искуствата на најголем број луѓе укажуваат на нивно здружување. Тоа го потврдија и авторите на една студија од 2008 година што ги истражува митовите и фактите за катастрофите: „Покрај добро документираната обемна евиденција за бруталните киднапирања, немири и грабежи во Њу Орлеанс по катастрофалната поплава предизвикана од ураганот, имаше уште повеќе извештаи за алтруизам, соработка и здружување помеѓу погоденото население.“

Во нив се опишани хотели што примаат семејства што ги изгубиле домовите, луѓе од сите раси како заедно се молат држејќи се за раце – евидентирано е дури и талент шоу, со батериски лампи наместо рефлектори, што се одржувало во болницата Charity во Њу Орлеанс, за да ги охрабри луѓето.

Истражувачите заклучија дека идејата за катасторофите што го побудуваат најлошото кај луѓето, генерално е мит: „Природните катастрофи и оние предизвикани од човечки фактор го поттикнуваат алтруистичкото однесување и социјалната солидарност.“

Фактички, најлошите проблеми по Катарина се јавија кога властите и останатите се обидеа да ги спречат „грабежите“, што всушност, беа ситуации кога луѓето од напуштените продавници едноставно го земаа она што им беше потребно за да преживеат. Еден од оние што беа застрелани од самопрогласените „чувари на редот“ беше човек кој со својот брод спасуваше стотици луѓе.

Авторката Ребека Солнит која ги опиша изблиците на алтруизам во текот на различни катастрофи во нејзината книга Рај вграден во пеколот (A Paradise Built in Hell), во едно интревју рече: „Најголем дел од луѓето се смирени и снаодливи алтруисти, дури и повеќе од тоа, и се изложуваат себеси на ризик за да им помогнат на другите. На прекрасен начин импровизираме услови за преживување.“

Таа продолжи: „Често чувствувам дека немаме вистински јазик да проговориме за емоциите во текот на катастрофите. Се разбира, сите се на работ на своите можности, но истовремено, таквите ситуации ги одвлекуваат луѓето од многу трвијилани проблеми и грижи од минатото или за иднината, како и од многуте неважни преокупации, а нè пренасочуваат на многу интензивен начин... Во извесна смисла, луѓето се однесуваат подобро отколку во секојдневието и во некои катастрофи тие ја (про)наоѓаат значајната улога на длабоката социјална поврзаност и ја согледуваат нивната отсутност во секојневниот живот.“

Навистина, можеби сме предодредени да се однесуваме токму така. Нашиот мозок е направен на тој начин што нашите стрес системи се опуштаат преку социјална поддршка: како реакција на смирувачките зборови или допирот на ближните, на пример, хормонот што се зголемува при зближување – окситоцин, предизвикува спуштање на нивото на стрес хормоните. За ова стануваме свесни уште од раното детство во допир со нашите родители или негувател(к)и; како што растеме, нашите стрес системи продолжуваат да бидат комплексно поврзани со присуството на други луѓе што можат да се грижат за нас и да нè утешат. Многу современи студии покажуваат дека силната социјална поддршка на многу различни начини го продолжува животот и го подобрува здравјето, дејствувајќи примарно преку влијанието врз стрес системите.

И во текот на катастрофите, нашата социјална вмреженост во голема мера ја одредува и нашата судбина: колку повеќе луѓе познаваме, толку сме поповрзани и толку ни се зголемува шансата да преживееме, не само физички, туку и емоционално. Лекот за негувањето и лекувањето на посттрауматските стресни нарушувања е токму во овој вид поврзаност. Токму кога се соочуваме со најбурните времиња се отркива нашата вистинска природа – низ тоа поминуваме заедно. Иако никој не би сакал да соочи со катастрофа, кога ќе се случи тоа, може да донесе со себе неочекувани дарови – но само ако ги споделиме и ако ги цениме другите.

Извор: time.com

 

 

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија

ОкоБоли главаВицФото