„Мали пожари насекаде“: расно и класно пукање по рабовите

12.05.2020 17:41
„Мали пожари насекаде“: расно и класно пукање по рабовите

„Мали пожари насекаде“ (Little Fires Everywhere), 2020 
Режија: Лин Шелтон, Нзинга Стјуарт, Мајкл Вивер.
Сценарио: Лиз Тигелаар, според романот на Селест Инг.
Играат: Рис Витерспун, Кери Вашингтон, Лекси Андервуд, Џошуа Џексон, Меган Стот, Лу Хуанг

Најновиот телевизиски продукт на Хулу, „Мали пожари насекаде“, ја истражува тежината на чуваните тајни, природата на уметноста и идентитетот, мајчинството и припадноста. Серијата во осум епизоди е снимена по истоимениот роман на Селест Инг, кој во 2017-тата е прогласен за најдобра книга на Amazon, Goodreads Choise Awards, People, Washington Post.

Од прва, „Мали пожари насекаде“ изгледа како субурбана крими-приказна; се одвива во деведесеттите во Шејкер Хајтс, идиличното и навидум прогресивно предградие на Кливленд каде што одредени правила, одредби и ред се нужни за заедницата да остане сложна и убава. Меѓу првите кадри е целосно изгорена куќа откако некој запалил неколку мали пожари во спалните соби – и никој не знае зошто. Приказната продолжува низ сеќавањата на две жени – Елена Ричардсон (Витерспун) и Миа Ворен (Вашингтон), првата богата мајка на четири деца и новинарка во локалниот весник, а другата самохрана мајка-уметница, кои стануваат нераскинливо поврзани и чија врска се претвора во опасна опсесија. Од доаѓањето на Миа и нејзината ќерка Пeрл (Андервуд), животите на семејството Ричардсон засекогаш се менуваат и на површина излегуваат нивните најлоши особини и се откриваат долго чуваните тајни.

Иако потсетува на „Големи мали лаги“ во продукција на НВО (особено во првата и далеку посилна сезона), пред сè поради Витерспун која и во двете серии глуми сличен лик и е продуцентка, како и поради испитувањето на мајчинството во различни облици, женските амбиции, семејните односи, Мали пожари насекаде покрај овие теми, се фокусира и на расната, класната и родовата политика, миграциите и хетеронормативноста. Тоа е серија за многу специфична демографска група и за она што се случува кога внимателно изградениот свет ќе почне да пука по рабовите. Поставува прашања за тоа кој е вистински родител и како расата и класата влијаат на таквата перцепција.

Елена е привилегирана, бела жена, несвесна за својот расизам, а Миа е црна, со флуидна сексуалност, субверзивна уметница и класната поделба помеѓу неа и остатокот од Шејкер Хајтс е очигледна – од спиењето во стар автомобил до купувањето намирници во белото соседство (расата и сексуалноста кај Миа се отстапување од романот што е добар избор бидејќи додава уште еден слој во меѓусебниот судир). Драмата настанува кога во приказната влегува Биби Чоу (Лу Хуанг), кинеска имигрантка и тоа е всушност главната наративна линија во серијата – правниот спор околу Меј Линг (или Мирабел), девојчето кое го напуштила поради беда, а е посвоена од семејството МекКулоф, најдобри пријатели на Ричардсон. Преку судскиот спор се отвораат прашањата за сложеното расно минато на Шејкер Хајтс и несовршениот интеграциски пристап, како и занемарувањето на сопствените привилегии.

Мала слабост е визуелноста на серијата – го опфаќа периодот кон крајот на деведесеттите, но повеќе се потпира на музиката; саундтракот содржи песни од Savage Garden, The Cardigans, Tubthumping, Fugees, Garbage, Аланис Морисет, како и дискусија околу „Вагинални монолози“ на Ив Енслер на книжевната вечера која ја организира Елена, но останатите назнаки и трендови од овој период речиси се невидливи во сценографијата (тука се и некои постери од 12 мајмуни, Џери Мегваер, инди филмови по собите на децата Ричардсон). Исто така, преку ликот на Изи Ричардсон серијата вклучува еден компликуван општествен конструкт – хетеронормативноста (во книгата нејзината сексуалност никогаш не е истражена), но нејзиниот статус на отфрлена бунтовничка не е дефиниран докрај, бидејќи судирите и идентитетите само се нафрлуваат и се претвораат во стереотипи.

Интересен и е Шејкер Хајтс и предградието воопшто во креирањето и развојот на ликовите во серијата и во книгата подеднакво и дава широк спектар за анализа на женскоста и идентитетот. Предградијата, историски и културолошки, се анализираат како домен на женското, поврзани се со домот, семејството, рутината и редот. Онаму каде што градот е кодиран како машки и неуреден простор, предградието како царство на домашното и семејното се кодира како женски и дисциплинарен простор. Подреденоста на предградието како секојдневна, рестриктивна област на куќни обврски и одгледување на деца ја воспоставува дихотомијата приградско/женско/домаќинско наспроти градот/машкото/слободата. Предградијата се прилагодуваат на Фројдовиот концепт за женското како пасивно, како интелектуална празнина . Симболите на модерната култура се изградени како спротивност: градот наспроти предградието, мажите наспроти жените, предградијата како симболи на животот на современите Американци, но и као статистички опис за распределбата на луѓето од различни расни и општествено-економски групи. Така, Шејкер Хајтс е клучен во формирањето на односот меѓу Елена и Миа: ограниченоста на физичкиот и менталнот простор во мала заедница и фрустрациите од сопствениот неуспех за нешто повеќе од кариера во локален весник, наспроти слободата, номадизмот, субверзивноста...

Од друга страна, во „Мали пожари насекаде“ низ уметноста на Миа се отвораат прашањата за важноста на мајчинството во криза и како мајката-уметница го претставува своето искуство со границите. Како се развиваат општествените улоги кои го дефинираат мајчинството во кризни времиња?

Серијата завршува онаму каде што започна – во пламенот на куќата на Ричардсонови, а дел од ликовите го пронаоѓаат вистинскиот пат кон „happy end“ и некој вид на искупување, иако климаксот се чини недоволно силен и како тензијата создавана околу тие наративни линии останува да лебди. И додека Миа и Пeрл ја продолжуваат својата приказна негде на друго место, во последниот уметнички проект на Миа – минијатурната реплика на Шејкер Хајтс направена од брашно, Елена ги наоѓа одговорите и неискривената верзија на својата стварност.

Текстот е оригинално објавен на хрватски на Артеист