Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (17)

26.05.2020 14:27
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (14)

„Години од слама“ од Братислав Ташковски и „Сестра Касијана“ од Добре Тодоровски.

„Години од слама“, Братислав Ташковски, „Панили“

Во тие сламени години навистина се чувствував како идиот.Едноставно, некои работи како да беа вечни.Пишував за се', а не можев ништо да сменам. Не само што јас се чувствував таков, туку добивав впечаток дека целиот народ некој го третира идиотски и успешно раководи со неговата понизност.Времето на гордоста брзо помина.Се вратија несигурноста и стравот. Повторно се повампирија некои идеи за нашето непостоење и незаслужување да бидеме тоа што сакаме да бидеме. На почетокот пукна како факел од мрачен излез и засветли како нечиј патоказ по долга тага. И потоа реши безоблично и празно да заболи како нова болест. Со подобие наше и пизма исто така. И би омраза. А тоа се случуваше однатре, од самите нас протекуваа страшни црнила кои, по многу години, ќе станат горчлива вистина. Нѐ плашеа со се', а најсреќни беа кога ќе се исплашиме од самите себе. Ни ветуваа војни, немаштија и глад само затоа што нивното ветување не сме го сакале. И така постојано. И тогаш се случи: со сиот срам, зарот се фрли и се појде без душа во судбински поход.И пак според ликот и образот свој. Од бездната зајази казната. Некој рече: јас сум Алфа и Омега, и празната глава за царска се избра. Потоа се' почна да се копили и жестоко копелка, а народот започна да се метка баш обезглавен и како умоболен за сламка да се фаќа.

Во Котлината веќе вриеше, а ние во котлето спокојно вривкавме. Како да бевме млади компирчиња и не сакавме да загориме во тоа упорно подготвување на нашата нова реалност. А потоа нечија светлина го навести нашиот залез, пред нашите очи видовме чудно море како кожа од одран ангел, а во нашите души нѐ јадеа уроци. Викавме: Да ти се плукнам во среќата! Кога се боледува, а болест нема никаде. Да му се сневиди, повторно по богатство глад.Се обидувавме да сплетеме јаже за бегство, но ангелот драсна со копитото и сите лажни пердуви паднаа. Повеќе ни вратот не беше на цена.

Во тие месеци на понижување и групно замижување, заедно со Писателот, како дел од една новинарска делегација, отидовме во Рим за да присуствуваме на одбележувањето на еден голем празник од нашата историја.(Тогаш се' уште, без големи последици, можевме да имаме наша историја.).Базиликата Сан Клементе беше фасцинантна со својата убавина и постоење. Нашата делегација беше трета по ред за да оддаде почит на светецот, пред нас и зад нас беа другите делегации кои овој светец го сметаа за свој. Тоа најдобро можеше да се види на спомен - плочите кои беа асиметрично поставени над неговиот гроб. Светецот за сите беше нивен и сите тоа со гордост го нагласуваа. Во таа мешаница, во таа врволица од испомешани и самобендисани владици, збунети верници и накондисани политичари, никој не сакаше ни да помисли на мигот дека сите одамна сме заборавиле на вистината и сега сакаме таа да биде само наша. Едноставно владееше време на мало лудило и големо беснило, кое сите во себе успешно го контролираа.

„Сестра Касијана“, Добре Тодоровски, „Матица македонска“

Сонцето се појави на хоризонтот и најави топол ден. Сноп светлина влезе низ прозорецот и ги осветли ситните честички во собата. Драгана предвреме се разбуди. Сонливо се превртуваше во креветот, се тегнеше и задоволно издивнуваше, ослободена од секојдневните грижи кои дотогаш ги имаше со школувањето.

Откако се врати дома, цела недела живееше во некој транс. Се' ѝ беше полно, се' ѝ беше рамно. И мајка ѝ се чувствуваше радосно, гледајќи го нејзиното однесување, мислејќи дека сето тоа се должи на завршениот факултет, мислата за вработување, закажаните концерти и патувања по светот.

- „И јас би била среќна“ - си мислеше. - Како да не биде среќна да пее со придружба на најголемите мајстори на музиката и големи оркестри, во најголемите оперски куќи во Париз, Лондон, Москва, Њујорк и каде уште не', - така си мислеше мајка ѝ и се' ѝ удоволуваше .

Не ѝ забележуваше ни кога доцна ќе се вратеше дома, познавајќи го тогашниот живот на младите во градот.

И Драгана ѝ помагаше, работејќи низ куќата.Неретко Офелија ќе се изненадеше кога ќе видеше како девојката става фута на себе, ја зафаќа косата, и чисти по собите, брише, мие, ја поставува масата, раскрева, да можеше цела куќа да ја преврти. Додека работеше потпевнуваше познати песни, а гласот ја исполнуваше секоја празнина во куќата.Чинеше, малку - малку па застани пред големото огледало поставено на ѕидот, заземи став и запеј. Моќен глас излегуваше од грлото на девојката која беше во најубавите години и женственост зрачеше во неа со најголема јачина. Мајка ѝ само ја гледаше и ѝ се полнеше душата.

Во домот влезе сестра ѝ Магдалена со трите дечиња. Двете со викање се втурнаа, фрлајќи се во прегратка на Офелија.Третото беше мало, дете цицалче, со цуцла во устата и мајка му го држеше в раце. Ги слушна Драгана детските викотници и побрза да се облече. Се поздрави со сестра ѝ и со децата.

Сестра ѝ Магдалена беше стројна молчелива жена со претерана грижа за децата. Можеби затоа на секое прашање кратко одговараше, а и ретко прашуваше.

Бебето заплака, а мајка му го преврте, го поткрена и го помириса позади.

-Напрајло бела, затоа плачи, - рече и го легна на троседот.

Додека го расоблекуваше бебето, му ги тргаше алиштата, го разголуваше, питомо сестрински погледна во Драгана.

- И, што ќе правиш сега?- праша, додека го местеше бебето.

- Се' е испланирано. Барем ти не ме прашувај, кога знаеш каков планер сум во животот, - ѝ рече и се навали над разголеното бебе.