Културни работници и уметници: Финансиската поддршка на владата не ги содржи нашите предлози

01.06.2020 13:09
Културни работници од независниот сектор: Финансиската поддршка на владата не ги содржи нашите предлози

Иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ и ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена со соопштение до јавноста реагираат дека Уредбата на Владата за финансиска поддршка на уметниците и културни работници не ги содржи сите нивни предлози.

Уредбата излезе во Службен весник на 28 мај и се однесува на последното барање за поддршка од 14.500 денари за април и мај.

Од иницијативата и ЈАДРО потенцираат дека оваа Уредба е последна активност како дел од нивните досегашни барања кои беа поднесени за итно надминување на кризата со коронавирусот, а кои беа преговарани, и во координација со институциите разработени во предлози и уредби.

„Повеќето барања беа прифатени на наше задоволство, но за жал, мораме да констатираме дека „Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои самостојно вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба“ не ги содржи сите наши предлози, и е променета пред да се донесе пред владата. Уредбата не ги содржи нашите барања да се вклучат во поддршката и вработени во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата, а тие лица не се опфатени со оваа, а и ниедна друга мерка и уредба. Исто така, критериумите за добивање на средства се уредени според Министерството за култура и не ги содржат сите наши сугестии.

Што се однесува за другите барања, договори и мерки, кои ги листаме подолу, апелираме и бараме навремена имплементација и ефективност на институциите во реализирање на договорените мерки и предлози!

Потсетување за барањата кои ги доставивме на почетокот на кризата и договорените мерки, предлози и уредби: Иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество”, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), уште на самиот почеток на кризата со корона вирусот, поднесоа „Барање за воведување на специјални мерки за помош на домашната вонинституционална културна сцена како резултат на кризата со корона вирусот”. Барањето беше доставено до: Оливер Спасовски-Претседател на Владата, Mила ЦаровскаЗаменичка на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Хусни Исмаили-Министер за култура и Петре Шилегов-Градоначалник на град Скопје.

Барањата и предлози за надминување на оваа состојба опфатија:

1. Формирање на фонд за доделување на субвенции како месечни надоместоци за припадниците на домашната вонинституционална културна сцена, погодени од кризата со корона вирусот. Фондот да опфати средства за исплата на месечни надоместоци за период од 6 месеци, почнувајќи од март 2020 година, во износ од просечно бруто плата за вработените во правните лица и ТП самостојни уметници влезени во системот на бенефиции на Министерство за култура, и износ од просечно нето плата за невработените - хонорарно ангажирани уметници и културни работници, на кој ќе го покрие персоналниот данок на доход;

2. Итна и неодложна исплата на средствата доделени за финансирање на проекти од 2019 година од страна Министерство за култура и единиците на локална самоуправа;

3. Итно потпишување на договори за финансирање на проекти поддржани во 2020 година помеѓу Министерство за култура, Град Скопје, другите единици на локална самоуправа и корисниците, прилагодување на планот и роковите за нивна реализација согласно состојбите на терен, префрлање на 70% од доделените средства по потпишување на договор и признавање на досега направените трошоци за организирање на програмата, и покрај откажувањата или доцнењата во нивната имплементација (на пр. откажани авионски билети, трошоци за тековно работење и слично).

Извештај: На барањето под точка 1, владата на почетокот на кризата одговори со мерка за поддршка на слободните уметници со месечен износ од 14.500 денари, а на вчерашната седница од владата информираа дека се поддржува „Уредбата за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба“ со исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари, и како што рековме е реформирана без наше знаење и не ги содржи вработените во граѓанскиот сектор во културата, туку само невработените.

Во однос на овие барања, Градот Скопје ја разви програмата „Култура во време на корона“, преку поддржа дел од локалните автори кои учестуваа во програмата, со финансиски надомест од 14.500 ден.

За барањето под точка 2, Министерството за култура изјави дека веднаш ќе ги исплати сите неисплатени рати од реализираните проекти од 2019 година, за оние корисници кои доставиле наративен и финансиски извештај.

По однос на барањето под точка 3, Министерството за култура изјави на состанокот на 24ти Март, со членови од иницијативата, дека:

- Буџетот на Министерството за култура е скратен по барање на Владата, но дека нема кратење во делот за поддршката на доделени средства по проекти поддржани во 2020 година;

- Заклучно со 24 март, се пратени сите решенија од сите дејности до корисниците на средства по што ќе следи достава и потпишување на договори, но дека поради намалениот обем на вработени кои одат секојдневно на работа, процесот може да биде побавен, но дека ќе се реализира;

- По потпишување на договорите, оние кои веќе имаат направено трошоци по одобрени проекти можат да достават финансиски извештај и истите да им се исплатат веднаш; - Оние кои имаат потреба од користење на средствата за други трошоци наведени во пријавата, но различни од оние кои се наброени од комисијата, по потпишувањето на договорот да достават барање за пренамена, кое ќе биде направено како анекс договор;

- Оние кои имаат потреба од временска реалокација на поддржаните проекти и нови начини на реализација на програмата во нив како резултат на кризата до корона вирусот, може да го направат тоа со допис до Министерството за култура, кој ќе биде даден на одобрување на Комисијата одговорна за дејност во која е поддржан проектот;

- Министерството нема утврдено процент на прва рата по потпишан договор и доставен оперативен и финансиски план. Барањето на прва рата и нејзиниот износ од вкупно доделените средства го остава на барање на корисникот согласно потребите на проектот“, стои во соопштението од здруженијата на уметници и културни работници“, стои во реакцијата од здруженијата на уметници и културни работници од независниот сектор.  

 

ОкоБоли главаВицФото