Нека не ве загрижува „преиспитувањето на историјата“: токму тоа е работа на историчарите

15.07.2020 01:44
Нека не ве загрижува „преиспитувањето на историјата“: токму тоа е работа на историчарите

Едвард Колстон

Одеднаш луѓето се исклучително загрижени заради преиспитувањето на историјата. Наводно мораме со будно око да внимаваме огромни делови од нашата историја да не паднат во заборав, или уште полошо, да не бидат „избришани“. Мораме да бидеме внимателни заради заканата дека нашата историја ќе биде „дотерана“ (како тоа некогаш да било можно), а непријатните, комплицирани делови едноставно ќе исчезнат. Истовремено, несвесен за сите контроверзи што ги создаде, кипот на Едвард Колстон мирно лежи на дното на бристолското пристаниште.

Историчарките и историчарите не се загрижени заради заканата која ја претставува „преиспитувањето на историјата“. Имено, преиспитувањето на историјата е наше занимање и професионален потфат. Постојано се наоѓаме во процес на реевалуација на минатото и реинтерпретација на наративите за кои се сметаше дека се несомнени. И покрај тврдењето на Леополд вон Ранке - еден од пионерите на модерното историско истражување - историјата не се сведува само на откривање „како нешто навистина се случило“, туку се занимава и со начините на промислување на минатото и нашиот однос кон него. Минатото можеби е мртво, но историјата е жива и се конструира во сегашноста.

Во оваа дискусија важно е да се напомене и дека спомениците не се претерано ефикасни во документирањето на минатото или образованието на луѓето за него. Во последно време многу е напишано за британската „империјална носталгија“ и копнежот за империјата која за многумина од нас заврши пред да се родиме. Меѓутоа, односот на оваа земја спрема сопствената империјална историја во поголема мера е изграден врз основа на бришењето и заборавот отколку на сеќавањето - станува збор за низа премолчени епизоди од минатото. Бројот споменици на мажи кои поробиле други луѓе, убиле стотици невооружени цивили и вршеле други страшни злосторства во името на империите и во служба на жените на престолот е во спротивност со бројот критички ангажирани дискусии за злосторствата на империите. Со секое рушење споменици можеме да научиме нешто ново.

Некои тврдат дека Британците едноставно се премногу пристојни за да зборуваат за мрачната страна на империјализмот. Но срамот кон минатото не нѐ спречува да се впуштаме во такви дискусии. За Британците и Британките да можат да се срамат од својата империјална историја, мора да ја познаваат, и да ги разберат најстрашните ексцеси на империјалното насилство, како и секојдневната неправда на империјалното владеење.

Меѓутоа, на многумина во Британија тоа не им е познато, а главно и не се заинтересирани да дознаат. Наместо тоа наоѓаме изговори за постапките на луѓето од минатото, тврдејќи дека едноставно се работело за друго време, со поинакви вредности, заборавајќи дека многу храбри луѓе во тоа време протестирале против истите ѕверства и се спротивставувале, неуморно работејќи на нивно откривање и осуда.

Негодувањето околу отстранувањето на овој споменик покажува дека кај некои во Британија секоја критика на британското минато предизвикува непријатност. Меѓутоа, го сакаат и едното и другото: да бидат ослободени од вината заради гревовите од минатото, но и да бидат горди на она што го доживуваат како историско остварување. Најочигледен пример е фактот дека Британците се чувствуваат доволно пријатно да зборуваат за трговијата со робови исклучиво од перспектива на глорификуваната улога на Британија во нејзиното прекинување. Но луѓето чии кипови се рушат не биле аболиционисти, туку поробувачи: соочувањето со нивните злосторства многу потешко им паѓа на многу Британци и Британки кои мирно поминуваат покрај нив на улиците. За другите луѓе во Британија, принудени повторно да ги гледаат овие споменици и да седат во предавалните и концертните сали кои ги носат нивните имиња, тоа е секојдневен чин на насилство кој стана неподнослив.

Многу од овие споменици, предавални или концертни сали, изградени се и го добиле своето име или во доцниот викторијански период или во последните денови од империјата кон средината на 20 век. Ова не е случајност. Империјата постојано беше конструирана како политички и културен проект во центарот - за време на подјармувањето на колониите и нивното население, како и кога колониите се спротивставија и се изборија за независност. Империјата не им се „случи“ едноставно на Британците - не е создадена во момент на отсутност на умот - империјализмот беше подеднакво културен проект колку што беше и политички, воен или економски потфат, кој требаше да се обновува постојано. Овие споменици не пружаат неутрален наратив за историјата на оваа земја, туку се политички споменици за потешкотиите околу статусот на Британија во времето на нивното подигнување.

Тврдењето дека отстранувањето на спомениците претставува „дотерување“ на историјата се темели на премисата дека тие споменици на некој начин беа дел од нијансираната дискусија за британското империјално минато. Меѓутоа, не се, а причината за тоа не е само подигнувањето споменици на робовладетелите, туку и непогиднувањето споменици на жртвите на трговијата со робови или другите жртви на империјалното насилство. Од 2007 година во Ливерпул постои Музеј на ропството, но не постои Музеј на империјата - иако нашите музеи се преполни со богатство кое е украдено од некогашните британски империјални поседи - и не постои државен споменик на жртвите од трговијата со робови. Ако сте заинтересирани да зборувате за дотерувањето на историјата, можеби треба да тргнеме од овде.

Како што се менуваат нашите идеи за светот, природно е да се менува и нашиот однос кон хероите и победите кои нашите претходници одлучиле да ги комеморираат. Ако тие херои ни најмалку не биле херојски, да се остават нивните споменици на мира е навреда за нашите претпоставени модерни вредности. Тука не се работи за злобно бришење на историјата: ова е реевалуација на нашата историја врз основа на нови докази и идеи. Ова е историографија. А ако критиката гласи дека рушењето на Колстон со себе повлекува и рушење на уште некој споменик, тоа е во ред: само напред. Оваа историчарка го одобрува тоа.

Шарлот Лидија Рајли е историчарка на современа Британија на Универзитетот во Саутемптон.

Извор: https://www.theguardian.com