Има ли здравје во таблетите?

30.07.2020 23:55
Има ли здравје во таблетите?

Во ера на инстаграм и блогови, кога се смета дека практично не сте ни ручале доколку претходно не сте ја фотографирале чинијата, тешко е да се заобиколат написите за храна, „здрава исхрана“, како и најразлични диети кои служат не само да ослабнете туку и да се излечите од некои мошне сериозни болести.

Бидејќи денес буквално секој може да направи сајт и на него да го изнесе своето мислење, дојдовме до тоа разни поединци (и организации) да тврдат разни неточни, неиспитани и недокажани нешта за храната и здравјето, претставувајќи ги на мошне уверлив начин.

Дали неделава сланината е здрава или повторно канцерогена, дали и натаму треба да јадеме авокадо барем еднаш неделно, дали смееме да јадеме повеќе од 2 жолчки неделно, дали можам да бидам здрав и ако немам блендер и дали шеќерот навистина го храни канцерот? Покрај тоа, разни диети, како и стилови на исхрана и живот воопшто подразбираат и пропагираат употреба на најразлични намирници за кои се тврди дека имаат моќ да нѐ подмладат, да нѐ направат фит и да нѐ лекуваат од болести, од кивање до дијабетес.

Често тоа се сосема нови и слабо познати супстанци, додека некои од нив молскавично станаа популарни. Еве пример: куркума, кокосово масло, омега 3, алое вера, екстракт од семе од грозје, ехинацеа, глукозамин, хиелуронска киселина... Дали овие нешта ви се познати? Дали тие се навистина здрави? Дали помагаат во лекувањето одредени болести, како што се тврди?

Фармацевтската индустрија обилно ја користи ваквата ситуација. Сетете се само како изгледаат аптеките - додека лековите се одзади во витрините, пред купувачот има стотици сјајни производи во препознатливи бои и внимателно дизајнирани кутии, преполни со антиоксиданси и екстракти од разни растенија за кои науката никогаш не потврдила дека помагаат за што било, поврзано со здравјето.

На еден мошне интересен сајт кој се вика „Information is beautiful“ визуелно е претставена масовноста на неоснованите, лажни и вистинити тврдења за популарните суплементи во исхраната. За овие суплементи се тврди дека помагаат во лекување разни болести и состојби. Инфографикот прикажува бројни супстанци - ензими, хормони, минерали, смеси, растенија, витамини и друго и ги сместува на соодветно место кое покажува дали навистина постојат научни докази дека тие помагаат во лекувањето и одржувањето на здравјето. Се работи за болести како што се канцер, дијабетес, потоа респираторни и уринарни проблеми, потоа дали се особено добри за здравјето на жените, мажите или децата, општото здравје, видот, варењето, срцето итн. Односно, распоредени се врз основа на тоа дали постојат докази и дали тие докази се цврсти, добри, ветувачки, неубедливи, непостоечки или дури штетни.

Ако ве интересира кој од претставените близу 200 суплементи е навистина ефикасен, веднаш ќе ви откриеме: цврсти докази дека имаат соодветно дејство постојат дури за два суплементи.

Станува збор - ни повеќе ни помалку - за кафето, кое е добро за вашето срце зашто го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести. Творците на инфографикот се повикуваат на истражувањето од 2014 година објавено во списанието „Circulation“ за долгорочните ефекти од консумирањето кафе и неговото влијание на ризикот од кардиоваскуларни болести. Во ова истражување се заклучува дека најповолно за срцето е да се пијат три до пет шолји кафе дневно.

Вториот „проверен“ суплемент (што баш и не е најпрецизен општ назив за сите овие суплементи) е кантарионот кој - докажано - е подеднакво ефикасен во лекувањето депресија како и „вистинските“ лекови.

А нештата дури сега стануваат интересни. Антиоксиданси. Што прво ви паѓа на ум? Треба да се внесуваат во големи количини зашто така ќе бидеме поздрави, подолго ќе живееме и ќе имаме помали шанси да заболиме од рак и слични тешки болести. Сепак, науката вели нешто сосема друго - антиоксидансите како суплементи немаат никакво поволно влијание на здравјето. Дури, бетакаротенот и витамините А и Е не само што не се еликсири на здравјето туку како суплементи можат да бидат штетни и да влијаат на зголемувањето на смртноста, покажа истражувањето спроведено на речиси 300 000 пациенти.

Валеријаната не помага кај несоница и истражувањата покажаа дека таа има ист ефект како плацебото, освен што предизвикува и некои нусефекти кај пациентите... Ни пчелниот полен не помага во лекување на ракот, а „чудотворното“ растение гинко билоба, односно неговиот екстракт, не помага во лекувањето деменција како што се тврдеше со децении.

Значи, за сите останати суплементи, речиси 200, не постојат цврсти докази дека помагаат во какво било лекување. Предложуваме (пожелно од десктоп компјутер) да погледнете и сами, па ако и натаму сте сомничави, лесно ќе дојдете и до докази за ова тврдење.

Слики: Joon Lee

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото