Дали се исплаќа да се дипломира?

05.08.2020 01:21
Дали се исплаќа да се дипломира?

Неодамна беа објавени резултати од истражувањето на Eurograduate за вработувањето на дипломираните студенти во осум земји од Европската унија (Хрватска, Грција, Германија, Австрија, Чешка, Литванија, Малта и Норвешка). Меѓу осумте земји во кои е спроведено истражувањето, најголема невработеност на младите имаат Грција (39,9 проценти) и Хрватска (23,8 проценти), а најниска Германија со 6,2 проценти. Во истражувањето учествуваа 21 илјада дипломирани студенти кои ги завршиле студиите во академските години 2012/2013 и 2016/2017. На тој начин со истражувањето се опфатени студентите кои дипломирале пред една и пет години.

Истражувањето покажа дека младите се во најлоша позиција една година после дипломирањето и тоа во Малта, Хрватска, Литванија и Грција - околу 40 проценти од нив или се невработени или работат на работни места надвор од струката или на позиции за кои не е потребно високо образование. Пет години после дипломирањето ситуацијата е малку подобра - во споменатите четири земји околу 30 проценти од младите се невработени или работат надвор од струката или на работни места за кои не е потребно високо образование. Една година после дипломирањето голем дел од младите работат со договори на определено или се невработени - во најлоша позиција се младите во Хрватска каде помалку од 50 проценти една година после дипломирањето имаат постојана работа, и Германија и Австрија со помалку од 60 проценти млади со постојана работа. Во секоја од земјите, пет години после завршувањето на студиите ситуацијата се подобрува и повеќето млади луѓе имаат договор на неопределено - родовата разлика варира од 1 процент во Норвешка до дури 21 процент во Германија. По прашањето на платите, постојат големи разлики, па така младите со завршен факултет во Германија и Норвешка заработуваат двојно повеќе (во просек) од оние во Хрватска и Грција. Највисоки се платите во областите технологија и инженеринг, а најниски во образованието, уметноста и хуманистичките науки. Исто така, платите на неодамна дипломираните студентки се пониски од платите на неодамна дипломираните студенти.

Меѓу осумте индивидуални фактори кои влијаат на вработувањето, на шансите за наоѓање работа во струката влијае и семејната класна позадина, односно образованието на родителите: неодамна дипломираните студенти чии родители не се високообразовани имаат 20 проценти помали шанси за наоѓање работа во струката. Овој ефект е уште поизразен во Хрватска, Литванија и Германија, односно во овие држави шансите за наоѓање работа во струката се уште помали за младите од семејствата со понизок класен статус. Со други зборови, шансите на дипломираните студенти од Хрватска, Литванија и Германија за наоѓање работа во струката многу повеќе зависат од финансиската поддршка на родителите отколку што е случај во другите европски држави. Останатите фактори кои ги зголемуваат шансите за наоѓање работа во струката се околностите на пазарот на трудот на секоја земја, областа на завршените студии (најголеми шанси имаат оние кои завршиле факултет од областа СТЕМ), претходното работно искуство во струката, поттикнувачкото опкружување за време на студирањето.

Истражувањето овозможи увид и во иселувањето на младите заради вработување, во што предничи Грција. Студентите кои дипломирале 2012/2013 година заради искуството од финансиската криза имаат поголема стапка на иселување од помладата генерација која учествуваше во истражувањето. Германија и Норвешка имаат најнизок процент меѓу дипломираните студенти кои се иселиле по завршувањето на студиите. Во просек, дипломираните студенти кои работат во странство заработуваат речиси 30 проценти повеќе од оние што остануваат во земјата - најголема финансиска корист од иселувањето имаат грчките студенти кои во просек заработуваат 2 000 евра месечно повеќе од оние што остануваат во Грција.

Истражувањето во Хрватска е спроведено од октомври до декември 2018 година, а го спроведоа Агенцијата за наука и високо образование и Правниот факултет при Универзитетот во Загреб.

Слики: Jason Jägel

Извор: https://www.bilten.org