Мрачното минато на гинекологијата

28.08.2020 02:29
Мрачното минато на гинекологијата

Отстранувањето на скулптурата на Џејмс Марион Симс

После повеќегодишни протести и петиции, во 2018 година од њујоршкиот Централ парк најпосле беше отстранета скулптурата на Џејмс Марион Симс. Симс се смета за „татко на модерната гинекологија“ и заслужен е за методот на лекување везиковагинални фистули, но денес знаеме дека во 1840 година правел експериментални зафати на црни робинки без нивна согласност и без анестезија. Симс и неговите експерименти претставуваат тренд на радикални и медицински неоправдани гинеколошки зафати кои се појавуваат кон средината на 19 век. Вториот таков зафат, отстранувањето јајници (овариектомија), бил клучен момент во маскулинизацијата на гинекологијата, односно настојување на мажите да ги контролираат цис-женските тела.

Најчесто изведуван на жени кои не биле во позиција да дадат согласност, зафатот за отстранување здрави јајници служел за стерилизација на жените и воспоставил евгеничка негрижа кон институционализираните, поробени или генерално маргинализирани жени кои се подложени на оваа постапка. На тој начин, лекарите одлучувале кој е и кој не е подобен за размножување. Недостатокот на медицинска опрваданост на зафатите се темелел на родовата конструкција „женски болести“ како знак за „женската кревкост“ и биолошка слабост. Спроведувањето такви операции, и покрај недостатокот на оправданост и успешност, покажува дека мизогините, евгенички идеи ги обликувале гинеколошките практики, кои во текот на 19 век станувале сѐ помаскулинизирани.

Изворната овариектомија, наменета за отстранување заболени јајници, цисти и тумори, прв ја извел Ефрем Мекдауел во Кентаки 1809 година, додека сѐ уште не се користела анестезија. Пред да биде нормализиран во викторијанскиот период, овој зафат се сметал за радикален и контроверзен од повеќе причини. Новост бил резот во стомакот за да се изврши операцијата во пределот на карлицата, но некои хирурзи, како Роберт Листон, ја опишале постапката како „убиство“. Набрзо откако овариектомијата се воспоставила во гинеколошката пракса, истакнати хирурзи од цела Европа и САД почнале да експериментираат со отстранување „здрави“ јајници, наводно за да ги излекуваат другите болести кои не се нужно поврзани со репродуктивниот систем.

Роберт Бети, познат конфедерациски хирург, во 1872 година прв отстранил нормални јајници кај 30 годишна жена на која седум години претходно ѝ биле дијагностицирани ендометриоза и аменореја. Пациентката не само што ја преживеала операцијата, туку здравствената состојба ѝ се подобрила, што го поттикнало Бети да објави статија и така да го разгласи својот успех. Набрзо и други хирурзи почнале да го користат овој зафат за да лекуваат разни психички пречки (на пример, хистерија). Бети во Американското гинеколошко друштво во 1877 година навел само четири ситуации во кои овариектомијата е прифатлива: 1. кога недостатокот на матка го загрозува животот, 2. кога шуплината на матката или вагиналниот канал се трајно оштетени, 3. во случај на епилепсија предизвикана од болест на матката или јајниците и 4. во случај на физички и ментални страдања поврзани со менструалниот циклус.

Џејмс Марион Симс

Меѓутоа, во пракса хирурзите - па и самиот Бети - ја изведувале операцијата дури и на жени кои немале еден од наведените проблеми. Бети иницијално тврдел дека здравите јајници се отстрануваат за да се поттикне вештачка менопауза и на тој начин да се третираат заболувања кои „инаку се неизлечиви“. Но, Бети подоцна ќе тврди дека јајниците кои ги отстранил биле „изразено абнормални“ и покрај тоа што немало докази за тоа. Можно е на тоа да го поттикнале растечките критики поврзани со неоправданоста и злоупотребата на оваа постапка, а дури и самиот Марион Симс го наговарал Бети зафатот да го нарекува „Бетиева операција“.

Се проценува дека во 19 век повеќе од 100 илјади жени ширум светот биле подложени на овој зафат, со стапка на смртност од 10 до 25 проценти. Роберт бети ќе стане еден од основачите на Американското гинеколошко друштво во 1876 година.

Уште од доцната ренесанса менструацијата и лудилото се тесно поврзани со западната медицина. Бети, кој работел во рамки на оваа традиција, сметал дека лудилото „често е причинето кај оние што имале заболена матка и заболени јајници“. Во таа смисла, овариектомијата на здравите јајници станала легитимна медицинска постапка наменета за „ублажување“ на женското лудило и спречување на пренесување на лудилото на децата.

Во текот на 18 и 19 век лекарите сѐ повеќе преземаат улоги во областа на гинекологијата и опстетрицијата кои претходно ги извршувале бабици и исцелителки. Во тој процес на маскулинизација на репродуктивното здравје се зацврстиле родовите претпоставки и евгеничките идеи за слабоста на женскиот ум и телото („раздразлива матка“ како причина за ментални болести, хистерија и ирационално однесување кај жените). Некои лекари, како Едвард Тилт во Англија 1851 година, дури тврделе дека менструацијата би требало да се одложува што повеќе зашто има неповолен ефект на женскиот мозок.

Дури и противниците на овариектомијата се повикувале на наводната поврзаност помеѓу репродуктивното и менталното здравје на жените, а отпорот кон операција главно се однесувал на неможноста за раѓање деца. Германскиот лекар Алфред Хегар и британските лекари Е. Х. Тренхолм и Џ. Х. Авелинг овој зафат го опишале како „кастрација“ или „стерилизација“.

Во 1885 година Тадеус А. Реами ја критикувал невнимателноста на овариектомијата, наведувајќи дека „безгрешниот јајник... не би требало да биде жртвуван без потреба“. Неговиот фокус на жртвувањето на „безгрешниот јајник“ наместо на непотребниот ризик за животот на пациентките денес предизвикува непријатност зашто ја разоткрива понижувачката, биополитичка логика според која женскиот фертилитет бил главна преокупација при разгледувањето на аргументите за и против овариектомијата. Филозофот Мишел Фуко биополитиката ја дефинираше како начин на кој модерното општество ги контролира поединците преку размножувањето, обликуван со хетеронормативната и евгеничка желба за контрола на женскиот фертилитет.

Роберт Бети

И покрај сериозните ризици и можните последици од операцијата, овариектомијата на здравите јајници имала поборници меѓу бројни гинеколози, вклучувајќи го Марион Симс, кој во 1877 година објавил извештај за работата на Бети: од седум пациентки, една умрела, на две им се влошила состојбата, а една операција била прекината. И покрај овие поразувачки резултати, Симс го прогласил зафатот за важна новост во гинеколошката пракса, притоа сосема игнорирајќи ги животите на пациентките.

Од вкупно 94 случаи кои ги објавил, Бети забележал само два смртни случаи. Но, изгледно е дека реалните податоци се малку поинакви бидејќи Бети не ги објавил сите свои случаи. Тоа го потврдуваат и податоците на некои други хирурзи, на пример Џорџ Енгелман кој забележал дека смртноста кај пациентките е околу 30 проценти, но и покрај тоа и тој ја заговарал постапката „без оглед на опасностите“. Вилијам Гудел од Универзитетот Пенсилванија, кој заговарал овариектомија во сите случаи на ментални нарушувања, тврдел дека ако пациентката умре, „хирургот барем може да се теши со мислата дека ја стерилизирал жената која инаку на свет би донела ментално болни деца.“

Оваа радикална/експериментална струја во рамки на гинекологијата до 1880-те години излегла од контрола. Дури и самиот Бети почнал да ја критикува сѐ почестата употреба на овариектомијата во лекувањето на кој било симптом на лудило. Ситуацијата била особено загрижувачка во болниците и санаториумите во САД. Во болницата во Нористаун во Пенсилванија зафатот често се изведувал без согласност на пациентките сѐ до 1893 година, кога Одборот за душевни болести најпосле го прогласил за „илегален... експериментален... брутален и нехуман, и непростлив на која било разумна основа.“

Неколку скандали (како оној кога Џорџ Рохе препорачал 35 од вкупно 200 пациентки од санаториумот во Мериленд да се подложат на операцијата) и изричитото противење на институциите како што е Женската болница во Њујорк, довеле до пад на популарноста на овариектомијата на здравите јајници. Смртта на Бети во 1895 година го означила почетокот на периодот на хируршкиот конзервативизам после децениите експерименти и контроверзи во полето на гинекологијата. Овариектомијата била само една од новите и брутални постапки наменети за лекување на „женските болести“ и спречување на размножувањето. Недостатокот на согласност од пациентките, како и резултатите од операциите го одржувале доминантниот став на лекарите спрема институционализираните, поробените или „непослушните“ жени во тој период.

Овариектомијата на здравите јаници е добар пример за родовите и евгеничките претпоставки за кревкоста на менталното здравје на жените и ставовите за тоа кој (не) смее да се размножува. Фактот дека дури и противењето на оваа операција, кое поаѓало од идејата дека раѓањето е главна женска улога, покажува до која мера гинеколошките практики биле обележани со мизогинија и евгеника. Лекарите кои експериментирале со овие непотребни хируршки интервенции не ги третирале жените како човечки битија, туку само како објекти кои можат да ги сечат и унаказуваат на својот пат кон наводен „напредок“ во медицината.

Извор: https://www.ladyscience.com
 

Слични содржини

Свет / Наука / Историја
Свет / Наука / Историја
Свет / Наука / Екологија
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет / Историја
Фотографија / Наука / Око / Историја
Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото