Откровенија на „Објаснувачкиот меморандум“

21.09.2020 13:23
Откровенија на „Објаснувачкиот меморандум“

Го прочитав „Објаснувачкиот меморандум за односите на Република Бугарија со Република Северна Македонија во контекст на проширувањето на ЕУ и процесот на асоцијација и стабилизација“ и, како да ви кажам, почитувани читатели, се запрашав дали тапата болка во главата ми е последица од светлосниот шум што ми влегол неконтролирано низ ширум отворените црнки (поради дијагностичка офталмолошка интервенција некој час порано) или ваков девастирачки ефект врз мојот централен нервен систем успеаја да постигнат – и без медицинска помош – само гнасните бугарски просерувања во „Објаснувачкиот меморандум“? Втора мисла што ми се проби низ густата „објаснувачка“ смрдеа што ми го загади умот беше повторно нејака, амбивалентна мисла, поточно дилема. Треба ли еден возрасен човек, роден како Македонец пред 65 години, во најеманципираната, најхуманата и морално највисоко поставената земја на светот – Социјалистичка Република Македонија, во составот на славната Титова Социјалистичка Федеративна Република Југославија; треба ли човекот воопшто да чита вакви фекални четива, а не пак да си ги валка умот и душата, одговарајќи и реагирајќи на нив?

Што да дебатира човек со ѓоа аргументацијата во „објаснувачкиот меморандум“, која се сведува на следниве „цврсти“ и „историски неспорни“ ставови: дека Бугарија, бугарскиот јазик и бугарската етничка посебност постојат отсекогаш, а Македонија, македонскиот јазик и македонската етничка посебност не постоеле никогаш, па дури ни денес; дека македонскиот народ е бугарски по дефиниција, но е измислен во 1944 година од титовите србокомунистички партизански банди, додека „таканаречениот“ македонски јазик е прекуноќ фалсификуван (од истите комунистички злосторници и проклети антифашисти) и тоа од локалниот бугарски дијалект или како што вели „објаснувачкиот“ – со „секундарна кодификација или прекодификација“, и така натаму, и на тоа слично. Во меморандумот се тркалаат брбошки, се премесуваат лепешки, се развејуваат курешки, се дробат стврднати лајна и се истураат товари, век и половина стари великобугарски гомна, без конец и крај…

Неостварен санстефански сон 

Нешто, меѓутоа, не може да му се префрли на овој сублимат на бугарската државна провинциско-империјалистичка мисла, а тоа е дека е лажен. Навистина, меморандумот е осветлен со чедна, безмалку детска искреност! Во „објаснувачкиот“, бугарската држава, ко единаесетгодишно машко дете што ѝ плаче на мајка си в скут, го отплака јавно, urbi et orbi, својот неостварен санстефански сон: дека Бугарија е од Дунав до Бјалото Море, и од Охрид до Чарното Море, и дека лошите чичковци (клетите Титови партизани) ѝ ги украле најромантичните територијални бисери (Македонија, пред сè) и нејќат да ѝ ги вратат, иако таа (Бугарија) прва ја признала македонската независност, со јасна претпоставка дека тоа требало да биде решителниот чекор кон историското враќање и соединување на забеганите македонски братја во пазувите на мајката Блгарија. На единствената и Целокупна Блгарија. Трогателно, патетично и за емпатична личност како мене, четиво тешко за читање, зашто како да ги гледам жалта и солзите блгарски што го натопиле и буквално ондулирале сиот хартиен материјал на меморандумот.

Екстрактот и главната поента на целото плачипичесто „објаснување“ на братската соседна држава е формулирано во две слатки реченици, уште во самиот вовед. Велат „с`штите хора“: „Пристапниот пат на Република Северна Македонија дава драгоцена можност за нејзиното раководство да се прекине со идеолошкото наследство и практиките на комунистичка Југославија. Процесот на проширување не смее да го легитимира етничкиот и јазичниот инженеринг што се случил за време на поранешните авторитарни режими“. Има ли потрогателно искрена, братска и, пред сè, реалистичка желба? Единствен и лесно остварлив услов на Бугарија, за нашиот пристапен од кон Европа, би бил да го поништиме и заборавиме периодот од „етничкиот и јазичниот инженеринг“ што се случувал од 1944 до 1991 година, а се протркалувал и до денес; да го помножиме со нула периодот на создавањето на македонската држава и еманципацијата на македонската нација, јазик и култура, и да се вратиме на среќните времиња од бугарската фашистичка окупација, или барем да се телепортираме назад низ времето, до 1878 година, директно среде санстефанскиот митолошки рај?!?

Истоветност со великобугарското антимакедонство

Меѓутоа, нема да верувате почитувани читатели, но ова мачно качување по планината од псевдоисториски гомненици во „објаснувачкиот“, не беше попусто самоизмачување, зашто погледот од кафената планина, чијашто реа го бранува воздухот дури до стратосферата, ми овозможи неверојатен увид во нашата сопствена историја и стварност. Ми откри дека меморандумот блгарски не е само „објаснувачки“ туку е и откровителен, зашто на совршено јасен начин ја открива историската, идеолошката и политичката истоветност на великобугарското антимакедонство со антимакедонската историска, идеолошка и политичка програма на секое ВМРО, вклучително и на ВМРО-ДПМНЕ. Зарем тоа не е болно очебијно?

Најважниот елемент на вмровската идеологија е антикомунизмот, кој за овие 30 години се манифестираше во акти на дисконтинуитет со југословенското минато на Македонија, со бришење на сè македонско што се случило во периодот помеѓу 1944 и 1991 година, со оцрнување на комунизмот и славење на фашизмот, фалсификување на историјата и измислување на македонската историја пред 1944 година, сè до палеолитот, заради маргинализација на периодот на кој треба трагата да му се сотре: комунистичката реалност македонска, од создавањето до независноста.

Дури и целата шизофрена антиквизација и барокизација на метрополата е изведена со таа единствена цел: да се покријат трагите – градски, културни, архитектонски и други – на модерното доба кога се создаде и изгради македонската држава и култура. Апсолутно совпаѓање, геометриско преклопување на антимакедонскиот бугарски „објаснувачки меморандум“ и антимакедонската политичка програма и генетско кредо на ВМРО! Нашето вемеро – па нека е и со додавката дпмне – сите овие 30 години не прави ништо друго освен што „прекинува со идеолошкото наследство и практиките на комунистичка Југославија“ и со тоа – сакала или не, свесно или не – единствено што вемерето постигна е да го делегитимира, разниша и ослаби „етничкиот и јазичниот инженеринг“ што се случил за време на „злосторничкиот комунизам од 1944 до 1991“. Ми стана и јасно зошто дедо ми Ѓошо – член на ТМОРО уште како тинејџер и член на околискиот комитет на Гоцевата ТМОРО на Струмица од 1902 до 1904 – вмровците секогаш и без исклучок ги викаше „бугараши“ и никако подруго.

Слики: Coco Fronsac

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Став / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Технологија / Живот / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото